Прилепчанката Благица Чатлеска прогласена за просветен работник на годината

Наставничката по англиски јазик Благица Чатлеска од ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп е меѓу добитниците на признанието „Просветен работник на годината за учебната 2025/2026 година“, кое го доделува Сојузот на просветните работници на Македонија.

Одлуката за доделување на признанијата е донесена на седницата на Сојузот одржана минатиот четврток, по спроведениот конкурс распишан во јуни годинава. Признанието ги опфаќа просветните работници од повеќе степени на образованието, како потврда за нивниот професионален ангажман и придонес во воспитно-образовниот процес.

Во категоријата предметна настава, покрај Благица Чатлеска од Прилеп, наградени се и Томе Китановски од ООУ „Гоце Делчев“ – Василево, Струмица, Бојанка Ципунова Ташова од ООУ „Васил Главинов“ – Велес, Вера Зороска од ООУ „Христо Узунов“ – Охрид и Оливера Шиклевска Грозданова од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола.

Признанија се доделени и во другите образовни категории. Од одделенската настава наградени се Соња Трифуновска од ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово, Виолета Поповска од ООУ „Вера Јоциќ“ – Скопје, Габриела Мерчаноска од ООУ „Гоце Делчев“ – Гостивар, Ксенија Николова од ООУ „Гоце Делчев“ – Босилово и Весна Тодоровска Унковска од ООУ „Партение Зографски“ – Кисела Вода, Скопје.

Од предучилишното воспитание, признанието ѝ припадна на воспитувачката Климентина Петрушевска од градинката „Весели цветови“ во Општина Кисела Вода, Скопје. Во категоријата средни училишта, пак, награден е професорот Никола Делевски од Регионалниот центар за стручно образование „Никола Карев“ од Струмица.

Постхумно признанието ќе му биде доделено и на професорот Слаѓан Станковиќ Битрак од СОУ „Наце Буѓони“ – Куманово.

Свеченото врачување на признанијата е предвидено на посебен настан по повод Денот на учителот.

Од Маркукуле упатуваме честитки до Благица Чатлеска и до сите наградени просветни работници за ова значајно признание.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.