Државниот инспекторат за земјоделство и Slow Food Прилеп воспоставуваат соработка за поддршка на домашните производители

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, денеска престојуваше во Прилеп, каде што присуствуваше на традиционалниот настан „Корени и трпеза – Руралната жена денес“, организиран од здружението Slow Food Прилеп, во рамки на манифестацијата „МЛЕКО 2026“.

Настанот, кој по петти пат се одржа на платото кај Градскиот Саат, повторно ги собра домашните производители, љубителите на традиционалните вкусови и сите оние кои се залагаат за зачувување на македонското кулинарско и земјоделско наследство.

На покана на здружението Slow Food Прилеп, Ангеловски се обрати со поздравен говор, при што ја истакна важноста на руралната жена како чувар на традицијата, носител на семејните вредности и значаен фактор во развојот на локалното земјоделско производство.

„Ваквите манифестации имаат суштинско значење за зачувување на автентичните вкусови и традиционалните рецепти кои се пренесуваат со генерации, додека истовремено овозможуваат економско зајакнување и поголема јавна видливост за трудот на руралните жени“, посочи Ангеловски.

Во рамки на настанот, Aнгеловски учествуваше и на панел-дискусијата „Агро-екологија, зелени иновации и женско претприемништво“, на која се разговараше за контролата на пестицидите, безбедноста на храната и женското лидерство во руралните средини.

Покрај присуството на манифестацијата, Ангеловски оствари и средба со претседателот на здружението Slow Food Прилеп, Филип Петкоски. На средбата била разгледана можноста за продлабочување на соработката и воспоставување заеднички активности во насока на поддршка на домашните производители, промоција на локалните производи и унапредување на ваквите настани и во иднина.

Од Slow Food Прилеп посочуваат дека ваквата соработка претставува значаен чекор кон поголема институционална поддршка за производителите, зачувување на традиционалните вредности и создавање можности за нивна поголема видливост и пласман.

„МЛЕКО 2026“ и годинава го потврди значењето на Прилеп како место каде што се среќаваат традицијата, домашните вкусови и современите идеи за одржливо земјоделство, со посебен акцент на луѓето кои секојдневно придонесуваат за зачувување на локалното производство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.