дома блог страница 335

Закопаниот крст – сведоштво за народната итрина и жед по Бога на жителите од прилепско во османлиско време (Фото галерија)

Празнувањето на денот кога се одбележува преносот на светите мошти на Св. Атанасиј Велики и чудата произлезени од нив, е ден кој особено се почитува во Прилеп и прилепско. Во повеќе цркви и манастири, особено во околијата, вчера се одржаа празнични литургии и се делеше ручек, а Протоереј Љупче Петрески пишува за празнувањето и историјата на манастирот посветен на свети Атанасиј Велики во раселеното село Стар Присад.

Во продолжение прочитајте повеќе за храмот кој стои како тивок сведок за верата и снаодливоста на народот во турско време.

ЗАКОПАНИОТ КРСТ – СВЕДОШТВО ЗА НАРОДНА ИТРИНА И ЖЕД ПО БОГА

Денес, како свештеник, имав чест да служам света Литургија во храмот посветен на свети Атанасиј Велики во село Стар Присат, во Прилепско. Бидејќи Стар Присат одамна е без жители богослужба во ова село се одржува еднаш годишно, токму на денешниот празник ,кога Црквата прави спомен на преносот на моштите на светителот. Повеќето куќи се веќе срушени од забот на времето и обраснати со трева и спомени. Но, храмот сè уште стои, гордо и молитвено, како сведоштво на една епоха, на една вера и народна истрајност.

Посебна е и приказната за тоа како е изградена оваа црква. Во почетокот на 19 век, кога жителите на Стар Присат повеќе пати барале дозвола од тогашните турски власти за изградба на црква, одговорот секогаш бил одречен. Еднаш, властите дале услов – дека може да се гради црква само ако се најде „нишан“, обележје или знак што ќе укажува дека на тоа место треба да има храм.

Писарот, кој бил во служба на турските власти, но со сочувство ги слушал овие разговори, потајно ги советувал присаѓани да измислат нешто, да најдат начин. И така, народната мудрост се родила во дело. Присаѓани мислеле, мислеле и смислиле! Нарачале од еден прилепски каменорезец да изработи голем камен крст. Кога бил готов, го натовариле на кола, го прекриле и врз него легнал еден човек од селото, глумејќи дека е тешко болен и неподвижен. Кога ги сопреле турските стражари, селаните рекле дека го носат болниот човек назад во селото. Така, успеале да го внесат скриениот крст во Стар Присат.

Крстот го закопале токму на местото каде што сакале да се изгради црквата, го прекриле со земја, посадиле грмушки и растенија и го оставиле така неколку (околу три) години, сè додека природата не го прекрила целосно. Потоа, селаните повторно почнале да бараат дозвола од турските власти, повикувајќи се на чудни сништа, виденија и силни внатрешни повици дека на тоа место мора да се изгради црква. Конечно, властите испратиле претставници да испитаат што се случува. Кога дошле на местото, селаните посочиле каде им се јавува „знакот“, а при копањето бил пронајден токму тој крст – камениот сведок, „нишанот“ кој, според претходно кажаното, бил доволен за да се издаде дозвола за градба на црква.

И така, во 1838 година, со благослов и со многу мака и љубов, бил изграден храмот „Св. Атанасиј Велики“ – духовното срце на Стар Присат.
Денес, кога селото е тивко и празно, а ѕидовите на некогашните домови се распаднати, храмот стои исправен. Тој храм е повеќе од здание од камен – тој е жива меморија на една заедница што имала храброст и вера да му пркоси на времето и забраните. Храмот е сведоштво на едно силно духовно ткаење, на итроштината на народот кој со ум и со молитва знаел да гради, дури и кога му било забрането.
Секоја година, еднаш годишно, храмот повторно оживува. Потомци на присаѓани, верници од Прилеп и од околните места, доаѓаат овде да се помолат, да запалат свеќа, да ги поврзат своите души со тие на своите предци. Тогаш, Стар Присат не е веќе пуст – тој дише преку пеењето на Литургијата, преку мирисот на темјанот и преку споменот кој не згаснува.

Нека не забораваме дека црквата не е само место, туку и духовен столб. Таа не’ потсетува кои сме, од каде доаѓаме и кон што се стремиме. А храмот „Св. Атанасиј Велики“ во Стар Присат ќе продолжи да стои како тивок сведок и чувар на таа вистина – сè додека постои вера во срцата на народот.

Пишува Протоереј Љупче Петрески

Врвна грижа и поддршка: Асистенција и наплата на штети со Mint Ins и Inter Domestik

Во Mint Ins не застануваме само на издавање полиси, ние сме тука и кога најмногу Ви требаме. Токму затоа, асистенција и наплата на штети е решение кое го нудиме за да добиете пристап до врвна грижа, поддршка и сигурност во најстресните моменти – кога се соочувате со штета.

Без разлика дали станува збор за сообраќајна несреќа, оштетување на имот или лична повреда, нашето партнерство со реномираната компанија Inter Domestik ви овозможува брз, ефикасен и безбеден процес за наплата на штети, во секој чекор од патот.

Што претставува партнерството помеѓу Mint Ins и Inter Domestik?

Асистенција и наплата на штети е стратешка соработка помеѓу две професионални компании – Mint Ins, како водечки осигурителен брокер со иновативен пристап кон осигурување, и Inter Domestik, специјализирана компанија за асистенција и посредување при наплата на штети.

Членство во Inter Domestik е достапнo за сите клиенти кои имаат осигурување преку Mint Ins, без дополнителни трошоци. Целта е јасна: да го отстраниме товарот од Вашите раменици и да се погрижиме Вашите права да бидат остварени до крај.

Ова партнерство ни овозможува да ви понудиме побрзо решавање на побарувањата, директна комуникација со осигурителната компанија, и експресно одобрување и исплата на штети.

Асистенција и наплата на штети: Како функционира?

Преку партнерството Mint Ins и Inter Domestik, процесот на пријава и наплата на штети е поедноставен, дигитализиран и без непотребна бирократија. Членството во Inter Domestik го става фокусот на клиентот на прво место. Главните придобивки за нашите клиенти вклучуваат:

  • Индивидуализирана услуга
  • Намален стрес за Вас
  • Забрзан процес на обесштетување 
  • Стручни мислења при обработка на штетите 
  • Професионално застапување

Ова е совршено решение за сите кои сакаат безгрижно искуство со осигурување и професионална поддршка во клучни моменти.

Зошто оваа услуга е револуционерна?

Оваа соработка е прва од овој вид помеѓу осигурителен брокер и специјализирана компанија за асистенција и наплата на штети. За првпат во Македонија, клиентите на еден осигурителен брокер добиваат автоматска и целосна правна, медицинска и административна поддршка, без скриени трошоци и без компликации.

Други брокери продаваат полиси. Ние нудиме вистинска грижа кога е најпотребна. Оваа услуга важи за сите видови осигурување што ги нуди Mint Ins осигурителен брокер. 

Бесплатна и професионална правна поддршка

Нашиот тим заедно со стручњаците од Inter Domestik ви обезбедува:

  • Правна проценка на случајот
  • Поднесување на барања до осигурителни компании
  • Поддршка во административни постапки
  • Состанување и застапување во суд (ако е потребно)

Независна медицинска проценка

Доколку сте повредени, добивате:

  • Преглед и категоризација на повредата од независен лекар
  • Одредување на инвалидитетски степен
  • Советување за медицински третман

Објективна проценка на материјална штета

Не се потпирајте само на проценката од осигурителната компанија. Со нас:

  • Добивате алтернативна пресметка на материјалната штета
  • Помош да се борите за реален надомест

Како да пристапите до услугата асистенција и наплата на штети?

Секогаш кога ќе се соочите со осигурителен настан, било да е во сообраќај, патување, дома или на работа, Inter Domestik асистенција и наплата на штети е тука да Ви помогне веднаш.

  1. Посетете ја нашата веб-страница или некоја од нашите филијали ширум државата
  2. Контактирајте нè преку телефон (15 107) или е-пошта ([email protected])
  3. Користете ја нашата мобилна апликација (Mint App) за брз пристап и следење на статусот

Без разлика каде сте, дома, на пат или во странство, со Mint Ins имате постојана поддршка во секоја ситуација.

Нашата посветеност

Преку членството во Inter Domestik за асистенција и наплата на штети, Mint Ins нуди сигурност, брзина и доверба за сите наши клиенти. Ова е дел од нашата визија да понудиме не само осигурување, туку и вистинска грижа и сигурност во најважните моменти.

Изберете Mint Ins, затоа што грижата не завршува со полисата, туку започнува токму кога Ви е најпотребна. Со оваа соработка се стремиме да поставиме нов стандард за тоа што значи да се биде осигурителен брокер што вистински се грижи за своите клиенти.

(Фото галерија) На летен Атанасовден во манастирот Св. Атанасиј кај с. Локвени – светилиште кое датира од памтивек, а денеска собра голем број верници

По повод празникот Св.Атанасиј, денеска во манастирот над селото Локвени кој го носи името на овој светец, се изврши водосвет и режење на славските колаци.

Свети Атанасиј Велики, порано познат како Житошки манастир, а денеска како Локвенски, се верува дека е средновековен, иако според ктиторскиот натпис годината на изградба е 1627 година.

Манастирот бил доста познат и богат. Тој поседувал земја, шума и стока. На неговата манастирска слава се собирале гости од сите села.

По иселувањето на христијанското население од Долно Житоше, манастирот бил напуштен. Од 1912 година, грижата за него ја презеле христијаните од селото Локвени.

Наце Димов, заедно со крушевчанецот Марко Атанасов Мушевич–Македонец, кој е повикан од Наце, поднесуваат молба до Светиот синод на Руската православна црква и меморандум до Министерството за надворешни работи за отворање стручно (занаетчиско) училиште со интернат во разурнатиот Житошки манастир, каде ќе се предава на македонски јазик.

Во 1950-тите години, црквата и манастирот биле без земја, напуштени и полуразрушени. Со текот на времето, црквата целосна се разурнала.

Возобновувањето на црквата започнало во 2012 година, а изградбата е завршена во 2016, кога се поставени темели за изградба на нов конак. Денеска и конакот е завршен, а се повеќе верници го посетуваат и помагаат уредувањето на ова свето место.

Така беше и денеска на празникот, кога голем број верници запалија свеќа, се помолија за свое и за здравје на своите семејства и уживаа во празничната трпеза и прекрасната природа околу манастирот.

Нека е за многу години и напомош!

Целовечерен концерт на етно оркестарот “Александар” во Прилеп

За крај на мај, во рамки на музичко-сценската дејност на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на летната сцена од центарот, на 30.05. со почеток во 20:00 часот, ќе имаме можност да уживаме во целовечерен концерт на етно оркестарот „Александар“ кои доаѓаат од Виена на нивна иницијатива.

Етно оркестарот „Александар“ е првиот оркестар во историјата на Виена кој нуди инклузивен пристап и простор за секој музички ентузијаст, без разлика на родова, национална и било каква друга припадност. Идејата и мотивот кои ги сплотуваат се изучувањето и искусувањето на македонската и балканската традиционална музика.

Оркестарот нуди можност за учество во истиот како на искусни и едуцирани музичари, така и на почетници и ентузијасти заинтересирани за проучување и промоција на традиционалните инструменти и музика.

Мисијата и визијата на ансамблот „Александар“ се посветени на истражување, зачувување и продолжување на богатата македонска останатата балканска традиционална музика и танц.

Музиката му припаѓа на секој, надвор од било какви ограничувања, е кредото на овој етно состав.

Влезот на концертот е слободен.

Лоши вести за возачите: Дизелот поскапува од полноќ

Од ноќеска на полноќ, дизелот ќе поскапи за два денари, додека цената на бензините ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).

Од 16.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 36,529 (денари/килограм)

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,079 ден/кг и сега ќе изнесува 36,529 ден/кг.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Фрлена експлозивна направа во двор на прилепчанец

-На 14.05.2025 во 07.13часот во ОВР Прилеп, М.В.(49) од Прилеп пријавил дека во неговиот двор на ул.”Никола Каранџулов” во Прилеп била фрлена експлозивна направа од која настанал пожар и која направила оштетување на фасадата.

Известен е јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од СВР Битола.

Манифестацијата “Денови на Крали Марко” ќе се одбележи со концерт во Центарот за култура “Марко Цепенков”

Меѓу настаните кои претставуваат традиционални културни обележја на град Прилеп се и „Денови на Крали Марко“, кои се одржуваат кон средината на месец мај, со што се одбележува годишнината од загинувањето на легендарниот крал и се промовира Прилеп како град каде што живеел најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и пошироко на Балканот.

Манифестацијата ќе се одбележи со концертниот проект „Гласови под Кулите“, кој го спојува древното и современото, македонското и медитеранското, балканското и западноевропското. Концертот ќе се одржи на 16. мај со почеток од 19:30ч. во Центарот за култура “Марко Цепенков”, a истиот е во организација на Општина Прилеп во соработка со центарот за култура.

Програмата ќе биде полна со изведби на традиционални македонски песни, чалгиски интерпретации, но и нови инспирации од европскиот и балканскиот музички фолклор. Од „Гласот ми се чуе горе в планината“ и „Крали Марко и Митре Тирочанче“, „Зајде сонце, зајде“, до „Douce Dame Jolie“ „Pourquoi, doux rossignol” и „Узви се лоза алова“ – концертот ќе ги обедини сите тие елементи во еден уникатен музички концепт.

Болката, разочарувањето и жртвите на јунаците кои се борат со својата судбина, песните за борба и храброст, преку контрадикторните моменти на одлуки и жртви што ги носат, ќе бидат само дел од патувањето низ нашите музички корени. Емоција која допира до најдлабоките основи на нашето постоење и сеќавање, додека ги поврзува епохите и просторот, можеби поврзувајќи ги нашите исконски звуци со трупите на некои патувачки музичари и минатото со сегашноста и иднината.

Ана Митоска (вокал, сантур), Петар Христов (цариградска лира, вокал, ут, лаута, дудук, сопран саксафон, блокфлејта…), Зоран Беговски (кавал, деф, вокал) и Симон Облешевски (клавијатури), ќе оживеат легенди и звуци што се носат од далеку – и остануваат длабоко во нас.

Од чалгиски интерпретации и гласоечки исони, преку изведби на традиционални македонски песни со осовременети аранжмани, до средновековна поезија и инструментали што ги премостуваат временските и географските граници – овој концерт е искуство што не се слуша секој ден.

Програмата е жив организам од музички реликвии, автентични интерпретации и нова инспирација што ги комбинира сите тие елементи и различни периоди на еден уникатен начин.
Прилеп дише со своите корени. А Кулите одекнуваат. Добредојдовте!

Кадица против Кадино – Денеска на Градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп

Денес во 17:00 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ е второто полуфинале од плејофот на ОФС Прилеп помеѓу првиот од А-групата Кадица (Забрчани) и вториот од Б-групата Кадино. Ако се гледа според бодовите на 12 меча, Кадица е подобра, има максимум бодови – 36. Цела година овој тим само победува. Што се однесува до Кадино, на 12 меча има 28 бода. Меѓутоа, еден меч е и секаков исход е возможен.

Вчера се одигра првиот полуфинален меч на кој првиот од А-групата Гарван (Десово) со 4:5 на пенали загуби од вториот во Б-групата Млекар (Мало Коњари).

Oпштина Битола побара итно изведувачот да ги санира оштетувањата на улицата “Бурса”

По констатираните теренски пропусти, односно девијацијата на горниот слој на коловозот кој што се појави на неодамна асфалтираната
ул. „Бурса“ во непосредна близина на Битолската пиварница, општина Битола достави известување до Министерството за транспорт и врски.

Во известувањето до Единицата за имплементација на Проектот за поврзување на локални патишта помеѓу Република Македонија и Светска банка, е нагласено дека при теренска посета на улицата на 13.05.2025 година од страна на стручните служби на општина Битола, надзорниот орган и изведувачот, констатирани се големи оштетувања на завршниот слој на асфалтот на оваа улица. За таа цел, општина Битола како краен корисник, бара да се постапи под итно и да се изврши санација на видливите недостатоци на асфалтираната улица.

Исто така, при теренски увиди, констатирани се видливи знаци на оштетување и соголена арматура на самата дилатација на мостот на реката
Драгор на ул. „Довлеџик“ (помеѓу бензинската пумпа Мак Петрол и црквата Св. Архангел Гаврил), кои што претставуваат опасност во сообраќајот. Побарано е од изведувачот итно и неодложно да пристапи кон санација на ова оштетување.