Во недела, 15 ноември, со почеток во 20:00 часот, во просториите на „Никола Карев“ – Горно училиште (Театар Крушево), публиката ќе има можност да ја проследи театарската претстава „ПОВИК“, во продукција на АТО Центар од Битола. Влезот е бесплатен.
„ПОВИК“ е современа трагикомедија за млада сликарка која се соочува со свет во кој уметноста сè почесто станува нарачка, производ и кич. Но, претставата отвора многу пошироки прашања за идентитетот, слободата, личниот интегритет и храброста човек да остане верен на сопствените вредности и вистината.
Посебно место во ова дело заземаат и крушевските жени од Илинденското востание – анонимните хероини чии приказни често остануваат во сенка на историските настани и заслужуваат да бидат извадени од заборавот.
Работена според научните трудови на Карл Густав Јунг, претставата го поттикнува активното учество на публиката и го претвора чинот на гледање во лично доживување и преиспитување. Таа е и омаж на жената, нејзината сила, мудрост и способност да создава, обновува и менува.
Автор и режисер на претставата е Јован Ристовски, костимограф е Марта Дојчиновска, а настапуваат Марија Стефановска, Катерина Аневска, Никола Стефанов, Маја Андоновска Илијевски, Наталија Ристеска и Марија Талеска.
„ПОВИК“ носи силна порака за времето во кое живееме, поставувајќи го можеби најважното прашање: Што се случува кога – ние молчиме?
Театарската претстава е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Heartefact Fund, а дополнително е поддржана од Германија преку GIZ North Macedonia. Поддршка за реализацијата даваат и Општина Крушево и Центарот за култура Битола, во соработка со Музеј Битола.
Недела, 15 ноември | 20:00 часот
Театар Крушево – „Никола Карев“, Горно училиште
Влезот е бесплатен!































