Уредувањето на централното градско подрачје во Крушево продолжува со нови активности за поставување камена коцка, со што дополнително ќе се разубави изгледот на градското јадро и ќе се зачува автентичниот амбиент по кој градот е препознатлив.
За текот на активностите информираше градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, посочувајќи дека со овие зафати се работи на подобрување на инфраструктурата, но и на зачувување на традиционалниот изглед на Крушево.
Работите ги извршува ЈП „Комуна“, во рамки на редовните активности за уредување и одржување на градот.
Од Општината најавуваат продолжување на активностите насочени кон создавање поуредено, поубаво и достоинствено градско подрачје, со почитување на автентичниот изглед и препознатливиот дух на Крушево.



























