дома блог страница 336

МВР со апел до матурантите: „На матурска без алкохол и без автомобил” (ВИДЕО)

„На матурска прослава без автомобил!“, „Без конзумирање алкохол!“, Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир!“. Ова е апелот кој го упатува МВР до матурантите.

– Сообраќајната статистика покажува дека во деновите кога се организираат матурски прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во сообраќајните несреќи се млади луѓе – матуранти, кои најчесто завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот живот. Одговорноста за девијантното однесување на дел од матурантите во сообраќајот е првенствено кај младите, но и кај нивните родители. Не дозволувајте им на своите деца да одат на матурска прослава со автомобил. Грешките во сообраќајот може да бидат фатални. Затоа: „На матурска прослава без автомобил!“, „Без конзумирање алкохол!“, Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир!“, велат од МВР.

Санација на дупки, рехабилитација на повеќе улици… Oпштина Прилеп денеска почна со градежни работи за подобрување на патната инфраструктура

Од денес, Општина Прилеп започнува со градежни активности со цел подобрување на патната инфраструктура во градот – објави на својот ФБ градоначалникот на општината, Борче Јовчески.

-Во рамките на овие градежни активности ќе се реализира:

-Санација на ударните дупки и прокопи,
-Рехабилитација на повеќе улици и патишта,
-Ќе се изгради потпорен ѕид на улицата ,,Прохор Пчински” во населбата Рид – за зголемена безбедност и заштита на граѓаните.

Продолжуваме со посветена работа за создавање на подобри услови за безбедно движење на сите учесници во сообраќајот.

Ова е дел од нашата поширока заложба за системско уредување на инфраструктурата во сите делови на градот. Работиме планирано, етапно и со јасна визија – за Прилеп да биде модерен, уреден и безбеден град за сите – напиша Јовчески.

12 награди за прилепските гимназијалци од Државниот натпревар по биологија

На 10.05.2025 г. во Скопје, во просториите на ПМФ се одржа Државниот натпревар по Биологија. На натпреварот во неколку категории се натпреваруваа гимназијалците од прилепската гимназија “Мирче Ацев”, кои постигнаа одлични резултати. Вкупно освоија 12 награди од кои две први награди, шест втори награди и четири трети награди.

Во категоријата ученици од прва година нашите натпреварувачи ги постигнаа следните резултати:

Под менторство на проф. Петкана Цветкоска:

Ангела Петреска I награда
Галина Гешоска II награда
Михаела Богевска II награда
Филип Мазнејков II награда
Петар Шукуроски III награда
Дијана Милошоска III награда
Mила Вршкоска III награда

Под менторство на проф. Снежана Спиркоска:

Катерина Јорданоски – III награда.

Во категоријата ученици од втора година под менторство на проф.Софија Крстеска:

Милош Игнатовски – I награда
Михаела Андриеска – II награда
Ева Петреска – II награда
Јован Митов – II награда

ГОЛЕМО БРАВО за ученицте и за менторите!

Лукароска: Безбедносната состојба во Прилеп се движи кон точката на вриење (ВИДЕО)

Безбедносната состојба во Прилеп се движи кон точката на вриење. Вчеравечер во угостителски објект во нашиот град беше фрлена бомба која, за среќа, не експлодирала – истакна на денешната прес конференција, Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ Прилеп.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

-Точно 16 месеци одговорноста за безбедноста во државата е во рацете на ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски. Во тој период во дневните полициски билтени беа регистрирани два инцидента со експлозивни направи, триесетина запалени автомобили, еден опожарен ноќен клуб и недефиниран број на оружени пресметки и насилства во угостителските објекти и градските улици.

Прилеп наликува на Дивиот Запад од неговите најславни времиња. Официјалните бројки на регистрирани инциденти само го потврдуваат фактот, дека власта на ДПМНЕ го направи Прилеп опасно и небезбедно место за живеење.

Граѓаните се оправдано загрижени за личната безбедност и безбедноста на своите најблиски. Како одговорна политичка партија, СДСМ уште еднаш алармира за сериозноста на проблемот кој и локалната и централната власт упорно го игнорираат.

Во таа насока е и нашиот апел до министерот Тошковски, но и до Советот на општина Прилеп: разрешувањето на началникот на ОВР Прилеп, Марјан Станоески и командирот на Полициската станица од општа надлежност, Горан Колонџоски, ќе биде првиот чекор во создавањето услови за нормализирање на безбедносната состојба.

Време е за одговорност!

Обвинителството предложи Бектеши да излезе од притвор

Тимот јавни обвинители кои работат на предметот за најголемата трагедија во историјата на Македонија кога во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 луѓе, а околу 200 беа повредени побара мерката притвор да се замени со куќен притвор за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, но и поранешен државен секретар во ова Министерство.

Обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во дискотеката “Пулс” ги привршува дејствијата на распити на сведоци – очевидци на настанот.

Од Јавното обвинителство велат дека распитите на осомничените и на други лица се реализираат без отстапувања и согласно утврдената динамика.

-Интензивно се работи на повеќе вештачења и се вкрстуваат податоците од анализите на обезбедените електронски уреди. Согласно фазата во која се наоѓа постапката и доказите кои веќе се обезбедени, обвинителството до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка притвор со мерка куќен притвор за двајца осомничени – поранешен министер и поранешен државен секретар во Министерството за економија, додека за 18 лица предложено е продолжување на претходно определени мерки притвор и куќен притвор. По предлoзите на обвинителството ќе одлучува Судот, велат од ОЈО.

Скопска фирма ќе го гради кружниот тек “Табана” во Прилеп, а улицата “Победа” ја доби домашната фирма “Ибо Под”

Друштвото за производство, трговија, услуги и градежништво ТОП БИЛД ДООЕЛ експорт-импорт Скопје е избрано за најповолен понудувач за изградба на новиот кружен тек на мостот “Табана” во Прилеп.

Сепак потпишувањето на договорот и почетокот на работите ќе почека, бидејќи во моментов се води жалбена постапка по поднесена жалба од друга фирма.

Изградбата на кружен тек на улиците „11-ти Октомври“, „Кеј 9-ти Септември“ и улица „Кеј 1-ви Мај“ (мост „Табана“), треба да се реализира во рок од 300 денови сметано од денот на воведување во работа.

Изградбата на кружен тек на мостот “Табана” е проект кој датира уште од 2017 година, за кој средства беа обезбедени од Светска банка, а го најави тогашниот градоначалник Марјан Ристески. За жал проектот беше откажан од следната владеачка гарнитура предводена од Илија Јованоски, за кого овој проект веројатно беше голем залак.

Вредноста на проектот во тоа време требаше да изнесува околу 2 милиони, обезбедени преку кредит од Светска банка, со три години грејс период и рок на отплата од 10 години. Кредитот вклучуваше и енормно ниска камата која беше доста поволна за општината, а после завршувањето на проектот, општината требаше да добие ГРАНТ во вредност од 500.000 евра за успешно завршување на проект.

На таков начин Прилеп ќе добиеше средства за финансирање на друг капитален проект што ќе беше од огромно значење за градот.

Што се однесува пак до изградбата на улицата “ПОБЕДА”, тендер кој првично го доби фирма од Велес, по жалбена постапка, тендерот беше повторен, па сега за најповолен понудувач е избрано Друштвото за производство, промет и услуги ИБО ПОД увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп.

Улицата е еден од четирите капитални проекти со кои општина Прилеп минатата година аплицираше до Министерството за локална самоуправа, по повикот од Владата за државна финансиска помош на општините.

,,Победа“ треба да обезбеди ново поврзување во градот, и тоа од крстосницата на ул.,,Александар Македонски“ кај Авто мото сојузот, до крстосницата со улица ,,Павел Шатев“.

Предвидени средства за изградбата на оваа улица беа 43 милиони денари.

Средствата за изградба на двата капитални проекти се обезбедени од Министерството за транспорт и врски.

До крајот на месецов ќе се знае кој ќе биде градоначалник на Прилеп

До крајот на овој месец, Христијан Мицкоски, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ќе излезе со предлози за градоначалници за престојните избори. За ова се разговарало и на вчерашниот состанок на Извршниот комитет.

-Редовен состанок на Извршниот комитет. Имаше кадровски прашања. Очекувам до крајот на месецот да излезам со предлози за кандидати за градоначалници, па оттаму оди на Централниот комитет, рече Мицкоски.

Засега, неофицијално, познато е дека неколку од градоначалниците, како од Скопје, така и од внатрешноста, нема да бидат поддржани за нов мандат.

Гимназијалци од Прилеп и Штип освоија бронзени медали на Олимпијадата по хемија во Бразил (ФОТО)

Македонија освои два бронзени медала на 59. Меѓународна хемиска олимпијада „Менделеев“ што се одржа од 5 до 13 мај во Бело Хоризонте, Бразил.

Најголемиот македонски успех на ова престижно натпреварување за ученици, во конкуренција на околу 40 држави, го донесоа Петар Мирчевски од СОУ „Мирче Ацев“ од Прилеп и Марио Ванчоски од СОУ „Славчо Стојменски“ од Штип.

Мирчевски Ванчоски во последните три години имаат освоено вкупно еден сребрен и пет бронзени медали на меѓународната сцена, а следен предизвик ќе им биде Светската хемиска олимпијада IChO 2025 што ќе се одржи во Дубаи.

На 59. Меѓународна олимпијада „Менделеев“ учествуваа 192 натпреварувачи од 39 држави од целиот свет. Учеството на нашиот тим овој натпревар го помогнаа руската амбасада во Скопје и амбасадорот Сергеј Баздникин и компанијата „Лукоил“.

Развојот на градот дава резултати: Во Кавадарци годинава се родиле за 25% повеќе бебиња од истиот период лани

Во првиот квартал од 2025 година, во градската болница во Кавадарци се родиле 25% повеќе новороденчиња во споредба со истиот период од 2024 година.

-Оваа статистика не е само бројка – таа претставува живот, иднина и надеж. Радосни сме што сѐ повеќе семејства го започнуваат својот најважен животен момент токму во нашата установа, каде што стручноста и грижата за пациентите се на прво место.

Гордост е да се биде дел од овој позитивен тренд, а ние продолжуваме со посветеност и љубов да се грижиме за секој нов живот што започнува овде, во Кавадарци.

Нека се множат убавите вести – за градот, за нашите семејства, за иднината – информираат од кавадаречката болница.

Убав настан утре во Прилеп! Концерт на одличните TOTAL GYM на цветната улица

Во ноември 2011 година УНЕСКО официјално го одреди 30 април како Меѓународен ден на џезот, со цел да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето од сите страни на светот.

Меѓународниот ден на џезот обединува заедници, училишта, уметници, историчари, академици и џез ентузијасти ширум светот за да го прослават и да научат за џезот и неговите корени, иднина и влијание, да се подигне свеста за потребата од меѓукултурен дијалог и меѓусебно разбирање и зајакнување на меѓународната соработка и комуникација. Секоја година, на 30 април, оваа меѓународна уметничка форма е препознаена за промовирање на мирот, дијалогот меѓу културите, различноста и почитувањето на човековите права и човечкото достоинство, искоренување на дискриминацијата и промовирање на слободата на изразување.

Градот Прилеп и Прилепскиот џез фестивал во соработка со неколку општествено одговорни компании ќе го одбележат меѓународниот ден на џезот со организација на џез концерт во центарот на градот и ќе им овозможат на сите љубители на џезот и на убавата музика да уживаат во истиот.
Голема Благодарност до Pro Credit Banka за финансиската поддршка на фестивалот, на CLS equipment за техничката поддршка и на Михајло Мотески за изработката на дизајнот!

Концертот ќе се одржи на 15. мaj 2025г (четврток) со почеток во 19.00ч на цветната улица во старата прилепска чаршија, пред филијалата на Pro Credit Bank.

Пред прилепската публика ќе се претстават нашите стари пријатели TOTAL GYM во состав:

Владан Дробицки – тромбон
Ѓоле Максимовски – бас гитара
Дино Милосављевиќ – тапани
Васко Бојаџиски – саксофон