дома блог страница 30

ВМРО-ДПМНЕ: За две години: Пензионерите добија линеарно зголемување на пензиите од 7.000 денари

-И додека владата на ВМРО-ДПМНЕ работи на подобрување на животниот стандард од СДС и опозицијата преку иницијативи пред Уставниот суд имаше обиди мерката да ја оспорат но Владата остана доследна на определбата да ги заштити интересите на пензионерите за подобар животен стандард, велат од владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува ветувањата пред граѓаните. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги реализира ветувањата и работи во интерес на сите граѓани.

-За две години пензионерите добија линеарно зголемување на пензиите од 7.000 денари. ВМРО-ДПМНЕ во предизборието ветуваше дека ќе обезбеди линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари. Ветено, реализирано. И наместо 5000 денари Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ испорача повеќе, за секој пензионер линеарно ги зголеми пензиите за 7.000 денари, се наведува во нивното соопштение.

За домаќинство во кое двајцата сопружници се пензионери ова значи 14000 денари повеќе секој месец во домашниот буџет.

-И додека владата на ВМРО-ДПМНЕ работи на подобрување на животниот стандард од СДС и опозицијата преку иницијативи пред Уставниот суд имаше обиди мерката да ја оспорат но Владата остана доследна на определбата да ги заштити интересите на пензионерите за подобар животен стандард, велат од владејачката партија.

Исто така Владата останува на ставот дека нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање.

-ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на мерки, проекти и политики кои носат конкретни резултати за граѓаните, посочуваат тие.

130 пилоти од 30 држави пристигнаа во Крушево: Отворено Европското првенство во параглајдинг (ФОТО/ВИДЕО)

Крушево деновиве повторно ќе живее во знакот на параглајдингот. Со свечена церемонија беше означен почетокот на 18. Европско првенство во параглајдинг, еден од најзначајните воздухопловни спортски настани на Стариот континент, кој од 8 до 19 август ќе ги обедини најдобрите пилоти од Европа.

На престижното натпреварување учествуваат 130 пилоти од 30 држави, кои во наредните денови ќе се натпреваруваат над крушевското небо во борба за титулата европски шампион. Свеченото отворање ги собра натпреварувачите, тим-лидерите, организаторите и бројните гости, со што официјално започнаа речиси две недели исполнети со врвни спортски предизвици и незаборавни летови.

Крушево со години важи за една од најдобрите европски и светски дестинации за параглајдинг, благодарение на своите природни услови, поволната клима и долгогодишната традиција во организирање меѓународни натпреварувања. Токму затоа градот повторно ја доби довербата да биде домаќин на едно од најважните натпреварувања во овој спорт.

Локалните власти истакнаа дека вложувањата во спортската и туристичката инфраструктура продолжуваат и во иднина, со цел Крушево дополнително да го зацврсти својот статус на светска параглајдинг дестинација. Во план е изградба и уредување на две нови полетишта кои ќе овозможат уште подобри и побезбедни услови за летање.

Освен спортското значење, шампионатот претставува и одлична можност за промоција на Крушево како туристичка дестинација, привлекувајќи стотици натпреварувачи, членови на тимови и посетители од цела Европа.

Во следните денови погледите ќе бидат насочени кон небото над Крушево, каде што најдобрите европски пилоти ќе ги демонстрираат своите вештини во борба за највисокото место на победничкиот пиедестал. Со почетокот на шампионатот, Крушево уште еднаш потврдува дека е вистински дом на параглајдингот на Балканот и едно од најпрепознатливите места за овој спорт во Европа.

Традиционален турнир во мал фудбал во Кривогаштани – Пријавете екипа, наградниот фонд е 4.000 евра

Кривогаштани и ова лето ќе биде во знакот на спортското дружење. Од 14 до 28 август 2026 година, на повеќенаменското игралиште во Кривогаштани ќе се одржи традиционалниот турнир во мал фудбал „Кривогаштани 2026“.

Турнирот и годинава ќе ги собере љубителите на малиот фудбал, а за најдобрите екипи обезбеден е вкупен награден фонд од 4.000 евра.

Победникот на турнирот ќе освои 2.000 евра, второпласираната екипа ќе добие 1.200 евра, додека за третото место е предвидена награда од 800 евра.

Котизацијата за учество изнесува 6.000 денари по екипа, а пријавувањето е отворено до 12 август 2026 година. За пријавување и дополнителни информации заинтересираните екипи можат да се јават на телефонскиот број 071/347-235.

Извлекувањето на паровите ќе се одржи на 13 август, по што ќе биде познат и распоредот на натпреварите.

Организаторите ги повикуваат сите љубители на фудбалот да ги формираат своите екипи и да бидат дел од турнирот, кој во текот на две недели ќе понуди многу натпревари, спортски набој, фер-плеј и добра атмосфера.

Кривогаштани повторно ќе живее со мал фудбал, а останува да се види која екипа годинава ќе се искачи на врвот и ќе ја освои главната награда од 2.000 евра.

„Поетско Маркукуле“ по 19. пат ќе ги обедини поетите и вљубениците во убавиот збор во Прилеп

Клубот на литературни творци од Прилеп и годинава ја продолжува традицијата на поетските средби под Маркукуле, со одржувањето на манифестацијата „Поетско Маркукуле 2026“, која ќе се одржи на 15 и 16 август.

Манифестацијата ќе започне на 15 август со прием на поетите и учесниците, кој е предвиден од 17:00 до 17:50 часот. Свеченото отворање ќе се одржи во 18:00 часот, по што во 18:15 часот ќе следува промоцијата на зборникот „Поетско Маркукуле 2026“.

Од 18:45 часот е предвидено претставувањето на поетите, кои пред присутните ќе се претстават со свои авторски песни. Во рамки на програмата ќе бидат доделени и благодарници и признанија за учесниците и придонесот кон манифестацијата.

Програмата на првиот ден ќе заврши со свечено затворање во 20:45 часот, а од 21:00 часот за учесниците ќе следуваат закуска и коктел дружење.

Вториот ден, 16 август, ќе биде посветен на продолжување на поетската приказна на автентично место поврзано со „Поетско Маркукуле“. Од 10:00 до 11:00 часот учесниците ќе го посетат Тронот кај Слонот, каде што ќе се одржат и поетски читања во амбиентот под Маркукуле.

„Поетско Маркукуле“ и годинава ќе понуди можност на едно место да се сретнат авторите, поетите и љубителите на пишаниот збор, продолжувајќи ја традицијата на оваа препознатлива прилепска културна манифестација.

„Историски но, автентичен еп“: Новиот краток македонски филм „Судбината на Фалангата“ ја оживеа антиката и ерата на хероите – промоцијата ќе ја има во Прилеп

Краткиот филм „Судбината на Фалангата“, во продукција на Future Frame Studio и креиран со помош на ВИ алатките, ја оживува македонската античка епоха, со историска автентичност и неверојатно патешествие на еден од војниците на Александар Македонски со потекло од Хераклеа Линкестис. Тој ќе помине десетици илјади километри далеку од својот дом, и преку неговиот личен поглед ќе биде прикажана епопејата на воените победи, жртвите, херојството, но и на личните промени и длабоките човечки емоции.

Во време кога публиката ширум светот повторно покажува голем интерес за античките епови, независната продукција пристапува кон жанрот на поинаков начин – преку историска автентичност, перспективата на обичниот војник и можностите што ги нуди современата ВИ технологија.

Наместо приказна за кралеви и генерали, филмот ја следи судбината на едно обично момче од Хераклеја Линкестис, чиј живот засекогаш ќе се промени кога ќе стане дел од најголемата воена експедиција на античкиот свет“, вели режисерот Христијан Станоевиќ.

Централната идеја на филмот е едноставна, но моќна:

Пред 2.300 години.
Повеќе од 6.000 километри.
Еден обично момче од Македонија.

Започнувајќи во античка Хераклеја и завршувајќи на боиштата кај реката Хидпасес во близина на Индија, „Судбината на Фалангата“ го истражува човечкото искуство зад освојувањата што го променија текот на историјата. Низ очите на еден фалангист, гледачите ќе посведочат на години исполнети со маршеви, битки, неверојатни глетки од античкиот свет, судир и спој на култури и лична трансформација.

Една од главните цели на продукцијата беше историската веродостојност. Проектот се темели на истражувања и современи научни реконструкции, наместо на популарните холивудски интерпретации, и секако се обидува да раскаже модерна човечка приказна, ослободена од балканските пропаганди.

„Историјата најчесто ги памети кралевите,“ велат од Future Frame Studio. „Ние сакавме да се потсетиме на војникот – на илјадниците обични луѓе кои марширале низ континенти и биле и сведоци но, и директни учесници на настаните што го обликувале светот.“

„Филмот истовремено претставува пример за тоа како современите ВИ алатки можат да им овозможат на независните автори да реализираат амбициозни филсмки проекти. Со помош на ВИ-асистирана визуелна продукција, успеавме да ги реконструираме античка Македонија, Египет, Персија, Бактрија и Индија — потфат што вообичаено би барал ресурси недостижни за независна кратка форма, па дури и за многу помоќни филмски продукции“, вели директорот на фотографија Андреј Златаноски.

Покрај филмот, студиото создаде и оригинален саундтрак албум, како и целосна промотивна кампања инспирирана од патешествијата на античките воини, кои може да се преслушаат и прегледаат на стриминг платформите.

Судбината на Фалангата“ премиерно ќе биде прикажан оваа есен.

Големо намалување на цената на дизелот од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за ново намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во земјава.

Од 11 август 2026 година од 00:01 часот, горивата ќе поевтинат во просек за 5,81 отсто во однос на цените утврдени со претходната одлука од 4 август.

Најголемо намалување има кај дизелот, чија максимална малопродажна цена се намалува за 8 денари за литар. Од утре, Еуродизел БС (Д-Е V) ќе може да се продава за најмногу 91,50 денари за литар.

Поевтинуваат и бензините. Цената на Еуросупер БС-95 се намалува за 4 денари и ќе изнесува најмногу 87 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава за најмногу 89 денари за литар.

Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство. Неговата цена се намалува за 6 денари и од утре ќе изнесува најмногу 92,50 денари за литар.

Цената на мазутот М-1 НС се намалува за 2,881 денари за килограм, па новата максимална цена ќе изнесува 43,538 денари за килограм.

Од РКЕ информираат дека намалувањето на цените е резултат на падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, бензините бележат намалување од 6,186 отсто, дизелот од 10,435 отсто, екстра лесното масло од 8,138 отсто, додека кај мазутот е регистриран пад од 7,151 отсто.

Во пресметката влијаел и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во изминатиот период е понизок за 1,0313 отсто.

Од РКЕ посочуваат дека утврдените цени се максимални. Тоа значи дека трговците на големо и мало можат да ги формираат цените и под утврдените највисоки цени.

Новите максимални цени од 11 август се:

Еуросупер БС-95 – 87 денари/литaр
Еуросупер БС-98 – 89 денари/литар
Еуродизел БС – 91,50 денари/литар
Екстра лесно масло – 92,50 денари/литар
Мазут М-1 НС – 43,538 денари/килограм
Со новото намалување, граѓаните од утре ќе плаќаат значително помалку за гориво, при што најголем бенефит ќе имаат возачите на дизел-возила, за кои цената се намалува за цели 8 денари по литар.

Жителите од прилепските села Загорани и Веселчани – Ова повеќе не се трпи! (Фото)

До редакцијата на Маркукуле повторно пристигнаа фотографии и апел од жители на прилепскиот регион, кои алармираат за очајната состојба на патот што ги поврзува населените места Веселчани и Загорани.

Според нив, овој пат со години е оставен без соодветно одржување, а денес е полн со дупки, оштетувања и нерамнини кои секојдневно го отежнуваат сообраќајот и претставуваат опасност за возачите.

„Како што можете да видите, патот е во катастрофална состојба и целосно занемарен. Жителите од овој крај секојдневно се соочуваат со огромни проблеми во сообраќајот. Ве молиме за гласност и поддршка преку вашата страница за конечно да допреме до надлежните институции“, стои во пораката испратена до нашата редакција.

Апелираме до надлежните институции да излезат на терен, да ја согледаат реалната состојба и во најкус можен рок да преземат конкретни мерки за санација на овој патен правец. Безбедната патна инфраструктура не е луксуз, туку основна потреба за жителите кои секојдневно го користат овој пат.

СВР Битола лиши од слобода две лица за подметнување пожари на отворен простор

Во селото Грешница, општина Македонски Брод, вчера напладне полициски службеници од ОВР Македонски Брод го лишиле од слобода Г.С.(45) од с.Грешница. Тој се сомничи дека претходно во повеќе наврати подметнувал пожари на отворено, а вчера околу 11:30 часот бил затекнат како на подрачје помеѓу с.Грешница и с.Слатина, општина Македонски Брод, исто така, подметнува пожар на отворено.

Во селото Сарандиново, општина Долнени, вчера во 17:00 часот полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Г.А.(76) од Скопје. Тој се сомничи дека предизвикувал пожари на отворен простор.

По целосно документирање на настаните, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Од семејната традиција до Double Gold – македонската винарија Dane Hermes освојува вински награди во регионот

Во срцето на Тиквешкиот вински регион, каде што сонцето, плодната земја и долгата традиција на одгледување винова лоза создаваат идеални услови за производство на вино, се развива една интересна македонска винска приказна. Станува збор за винаријата Dane Hermes од Пепелиште, Неготино, која своето име го гради со посветеност кон квалитетот, вниманието на секој детал и желбата македонското вино да го претстави во најдобро светло.

Приказната на Dane Hermes е тесно поврзана со лозарството и искуството стекнувано низ годините. Винаријата особено внимание посветува на лозјата во Лепово, каде што природните услови и специфичниот тероар овозможуваат создавање грозје со карактер, кое потоа низ внимателно избрани процеси се претвора во вино.

Во понудата на Dane Hermes се наоѓаат различни вински стилови, а меѓу препознатливите вина се Vranec, Merlot, Temjanika и Pinot Grigio. Посебно место има вранецот, македонската автохтона сорта која е еден од најважните симболи на македонското винарство. Во интерпретацијата на Dane Hermes, Vranec е вино со богати ароми и комплексен карактер, создадено од 100 проценти вранец и со внимателно зреење кое придонесува за неговата длабочина.

Но, приказната на Dane Hermes не се гради само на традицијата. Современиот пристап кон производството, внимателниот избор на грозје и стремежот кон постојано унапредување се дел од визијата на винаријата да создава вина кои ќе бидат препознаени и надвор од домашниот пазар.

Доказ за тоа се и признанијата што вината на Dane Hermes ги добиваат на меѓународни вински натпревари. На Balkans International Wine Competition 2025, вината Legacy 2023 и Merlot 2023 освоија по 94 поени и Double Gold медали, признание кое претставува значаен успех за македонски вински бренд и уште една потврда дека квалитетот од Тиквешкиот регион може да се споредува со најдобрите вина во регионот.

Она што ја прави оваа винарија интересна е и фактот што виното го гледаат како целосно искуство, а не само како производ. Во Пепелиште, посетителите со претходна најава можат да го запознаат имотот, лозјата и вината на Dane Hermes и одблизу да почувствуваат како изгледа патот од лозата до чашата.

Во време кога македонското винарство сè повеќе се препознава надвор од границите на земјата, приказните како оваа покажуваат дека потенцијалот на македонските лозја е огромен. Зад секое добро вино стојат знаење, искуство, многу работа и почит кон местото од кое потекнува.

Dane Hermes ја гради својата приказна токму на тие вредности, со желба секоја берба да донесе нешто ново и секое шише да биде препознатлив претставник на македонското винско поднебје.

Од лозјата во Лепово до чашите на љубителите на виното, ова е приказна која допрва ќе се пишува.

Dane Hermes. Вино со карактер, создадено во срцето на Тиквешието.

Трева до колена…ни тренинг, ни фудбалери – Постои ли уште ФК “Победа”, гордоста за која сите молчат!? (ФОТО)

Градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп е во очајна состојба. Тревникот воопшто не одржан и неискосен, трибини без столчиња… а и зошто некој би го одржувал…. Победа е во трета лига, односно не се знае дали клубот воопшто постои. Никој не знае дали клубот располага со фудбалери, кој е раководство на клубот, дали црвено-белите воопшто ќе се натпреваруваат во новата сезона…

Ова е жална слика за некогаш најфудбалскиот град во Македонија. Дали ќе оставиме да остане вака, е прашање за сите вљубеници во фудбалот и во црвено-белите бои во Прилеп…