дома блог страница 31

“Прилепската златна кралица” блесна и на карневалот во Шабац (ФОТО)

Убавината на прилепската карневалска традиција уште еднаш беше претставена пред меѓународна публика.

Учениците од СОУ “Ѓорче Петров”: Фросина Стојческа, Симона Мишачковска, Јана Пирганоска, Александра Мојсоска, Маја Гиноска, Марија Спиркоска и Доротеа Илиеска, со групната маска „Прилепската златна кралица“, го претставија своето училиште на карневалот во Шабац, кој се одржа на 19 септември.

Маската „Златна прилепска кралица“ веќе го привлече вниманието на прилепската публика на овогодишното 25. јубилејно издание на карневалот „Прочка 2026“, каде што го освои второто место во конкуренција на возрасни групни маски.

Прекрасно креираните костими, впечатливиот изглед и симболиката на маската уште еднаш дојдоа до израз, овојпат пред големата публика во Шабац, каде што продефилираа учесници од повеќе држави.

За младите прилепски учесници ова беше уште една можност да ја претстават традицијата, креативноста и карневалскиот дух на Прилеп пред пошироката публика, но и да стекнат ново меѓународно искуство.

„Прилепската златна кралица“ продолжува да ја раскажува својата приказна — од „Прочка“ во Прилеп, до големата карневалска сцена во Шабац.

Утре камен темелник на вториот маркет LIDL во Битола – Прилеп нема ни еден!

Утре, среда, 23 септември 2026 година, со почеток во 12:00 часот, во Битола ќе биде поставен камен-темелникот на нов продажен објект на Lidl, со што официјално ќе започне изградбата на вториот маркет на компанијата во градот.

Свечената церемонија ќе се одржи на улицата „Васко Карангелески“ бр. 31, а настанот претставува уште еден чекор во реализацијата на долгорочниот инвестициски план на Lidl во Северна Македонија.

На церемонијата ќе се обратат Катарина Зориќ, директор за недвижности во Lidl Северна Македонија, и Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.

По официјалните обраќања ќе следи свеченото поставување на камен-темелникот, по што е предвидено кратко неформално дружење.

Новата инвестиција се очекува да придонесе кон локалниот економски развој, отворањето нови работни места и збогатувањето на понудата за потрошувачите во Битола и поширокиот регион.

Воедно, проширувањето на присуството на Lidl во Битола отвора можности и за понатамошна соработка со домашните производители и зголемување на нивното присуство во понудата на компанијата.

Со поставувањето на камен-темелникот утре и официјално започнува изградбата на новиот продажен објект, кој ќе биде втор маркет на Lidl во Битола.

Зелена еко училница во битолското средно земјоделско училиште „Кузман Шаокарев“

Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“-Битола промовира „Зелена еко училница“, проект поддржан преку програмата „Апшифт“ за подобрување на училишната средина.

Новиот потфат на учениците и наставниот кадар на СЗУ „Кузман Шапкарев“ го погледна и се информира за целите на проектот градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, кој за време на увидот воочи дека учениците ќе можат да учат, да се дружат и да развиваат еколошка свест во природна средина.

-Ва училиштето недостасуваше уреден надворешен простор за настава на отворено, практична работа, едукативни активности поврзани со природата и земјоделството и затоа одлучија да изградат зелена еко училница во дворот на училиштето. Преку овој проект учениците научија и како е да се работи во тим, како да се планираат и реализираат идеите, како да се преземе одговорност, како и тоа колку е важна грижата за животната средина, соопштија од локалната самоуправа.

Општина Битола во наредиот период ќе поддржи акции за засадување дополнителни растенија и дрвја, организирање еколошки работилници, поставување информативни табли за растителниот свет и други содржини во СЗУ „Кузман Шапкарев“.

Битолскиот театар со „Кориолан“ ќе гостува на фестиваот „Magical Nights in Butrint“ во Саранда, Албанија

Театарска сезона Народниот театар Битола ја започна со богат репертоар, но и гостувања по реномирани фестивали. После гостувањето на Меѓународниот фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица со „Едмонд“, театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп со „Пинокио“, следува гостувањето со „Кориолан“ на „Magical Nights in Butrint“ во Саранда, Албанија. Изведбата ќе биде на 25 септември.

Претставата во режија на Џон Блондел, која македонската премиера ја имаше како дел од 66.Охридско лето, а светската во рамките на „Shakespeare Fringe Festival“ во Верона, го продолжува претставувањето на значајни светски театарски фестивали.

Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска.

Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска.

Фестивалот во античкиот театар Бутринт, кај Саранда ќе се одржи од 22 до 25 септември.

Ги славиме Свети Јоаким и Ана – родителите на Дева Марија

Свети Јоаким беше син на Варпафир, од Јудиното колено, и потомок на царот Давид. Ана беше ќерка на свештеникот Матан, од коленото Левиево, како и првосвештеникот Арон. Тој Матан имаше три ќерки: Марија, Совија и Ана. Марија се омажи во Витлеем и ја роди Саломија; Совија се омажи исто така во Витлеем и ја роди Елисавета, мајката на Свети Јован Предвесник; а Ана се омажи во Назарет за Јоаким и во својата старост Ја роди Пресвета Богородица. Јоаким и Ана живееја во брак педесет години и беа бесплодни.

Живеја богоугодно и тивко и од сите свои приходи само една третина употребуваа за себе, другата им ја раздаваа на сиромасите, а третата ја жртвуваа во храмот. А беа доволно имотни. Еднаш на старост, кога одеа да Му принесат жртва на Бога во храмот, првосвештеникот Исахар го укори Јоаким: „Не си достоен од твојата рака да се прими дар, бидејќи си бездетен.“ Така и другите што имаа деца го туркаа Јоаким зад себе како недостоен. Тоа многу ги нажали овие две стари души, па дома се вратија во голема тага.

Тогаш обајцата припаднаа на молитва кон Бога за и ним да им направи чудо како некогаш на Авраам и Сара и да им подари едно дете за утеха во староста. Бог им го испрати Својот ангел, којшто им го објави раѓањето на нивната преблагословена ќерка, со Која ќе се благословат сите народи на земјата и преку Која ќе дојде спасението на светот. И Ана зачна веднаш и во деветтиот месец Ја роди Пресветата Дева Марија. Свети Јоаким поживеа на земјата осумдесет, а Ана седумдесет и девет години и се преставија кај Господ.

Медицинска масажа во „Ласер и Убавина“ во Прилеп – ослободете се од напнатоста и вратете ја леснотијата на движењето

Болките во грбот и вратот, мускулната напнатост и чувството на вкочанетост често се дел од секојдневието, особено кога динамичниот живот, стресот и долгото седење оставаат трага врз телото. Понекогаш, на телото едноставно му е потребна професионална грижа и време за релаксација.

Во салонот за убавина „Ласер и Убавина“, медицинската масажа е наменета за оние кои сакаат да си овозможат стручна нега, релаксација и пријатно чувство на олеснување.

Стручна грижа за Вашето тело

Со примена на соодветни техники на масажа, третманот е насочен кон опуштање на напнатата мускулатура, подобрување на циркулацијата и намалување на чувството на вкочанетост и замор.

Посебно внимание се посветува на пределите каде најчесто се собира напнатоста – грбот, вратот и рамениот појас, со цел да се создаде чувство на поголема опуштеност и леснотија во движењето.

Медицинската масажа може да биде одличен избор за оние кои по напорниот ден чувствуваат замор и затегнатост во мускулите, но и за сите кои сакаат редовно да се грижат за своето тело.

Не дозволувајте напнатоста да стане дел од Вашето секојдневие

Подарете си време за себе, опуштете го телото и почувствувајте ја разликата по еден професионален третман.

За консултација и резервирање термин, контактирајте го салонот „Ласер и Убавина“ на:

Јавете се и закажете на: 070 287 842

Или посетете ги на Бул. „Гоце Делчев“, центарот на Прилеп во зградите спроти „Палма шоп“ – влез 1, стан 7

„Ласер и Убавина“ – место каде професионалната нега и грижата за Вас се спојуваат во едно!

Започна реконструкцијата на спортската сала “Гемиџии” во Велес – Универазлна во Прилеп никако да дојде на ред

Спортската сала „Гемиџии“ во Велес е во фаза на реконструкција, со која треба да се подобрат условите за спортистите и за одржување спортски натпревари и настани.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев, денеска заедно со министерот за спорт Борко Ристовски изврши увид во текот на градежните активности.

Реконструкцијата се реализира со инвестиција на Министерството за спорт и Општина Велес, а опфаќа санација на водоводната и електричната инсталација, како и реконструкција на соблекувалните и тоалетите.

Со реализацијата на овие активности се очекува салата да добие значително подобри услови за користење, како за спортистите, така и за организација на натпревари и други спортски случувања.

Од Општина Велес најавуваат дека во следниот период ќе се работи и на обезбедување средства за замена на подот и обнова на трибините, со цел целосно унапредување на условите во спортската сала.

„Гемиџии“ е еден од спортските објекти во Велес, а реконструкцијата е дел од напорите за создавање подобри услови за развој и практикување спорт во градот.

Крушево ја добива долгоочекуваната обиколница, поголема безбедност во сообраќај и поттик за туризмот (ВИДЕО)

Инфраструктурното уредување, особено во правец на што позабрзан економски и туристички развој на Крушево, е високо на агендата на актуелната локална власт. По повеќе од пет години од изготвувањето на првичниот проект, од летово интензивно се работи на изградбата на Обиколницата во должина од близу 2 километри, која освен што треба да го растовари тешкиот сообраќај во градот, треба побрзо и побезбедно да ги поврзе и скијачките терени на „Станич“. Реализацијата на оваа инвестиција е обезбедена по општинскиот проект уште за првиот повик од Владата за пари од унгарскиот кредит – oбјави “АЛФА ТВ”.

„Се работи на Обиколница, проект за Обиколница околу градот Крушево, проект кој, ете, за наша среќа, како што ќе служи за подобрување на животот на граѓаните, ќе придонесе и за економски развој, бидејќи истата го поврзува и Скијачкиот центар „Станич“, но и ќе служи за одвивање на сообраќај на тешки товарни возила кои значително, во моментот, прават голем проблем и голема штета врз имотите на граѓаните на Крушево“, – вели за Алфа, Нико Чонески, градоначалник на Крушево.

Според Чонески, финансиската помош од Владата за општините има огромно значење, особено за оние кои имаат сериозен проблем со наследените долгови по разни основи. Општина Крушево, иако се труди да биде ликвидна, сепак, нејзините долгови направени од училиштата, а особено од комуналното претпријатие „Комуна“, во висина од фрапантни 1,2 милиони евра, силно влијаат врз реализацијата на идните нови проекти.

„За да го решиме тој проблем, ние мора да го решиме водоснабдувањето, односно начинот на водоснабдување, бидејќи најголем дел од обврските ги генерира трошокот за електрична енергија… Во овој момент, мора Општина Крушево да ги презема обврските на ЈП, што за нас е голема кочница и не’ спречува, ете, во изработка на проектни документации и.т.н.“, – објаснува Чонески.

Инаку, Општина Крушево, по првиот повик, од Владата добила 60 милиони денари, кои во најголем дел ќе бидат искористени токму за изградбата на Обиколницата, а која се состои од четири делови – приклучок кај чешмата на АРМ, оттука до „Станич“, од бензиската станица „Макпетрол“ кон „Станич“ и приклучок кај „Макпетрол“.

Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”

Македонец направи 1.257 склекови за еден час со 9 кг. тежина и влезе во Гинисовата книга на рекорди

Македонецот Кристијан Бајовски и официјално е запишан во Гинисовата книга на рекорди, откако Guinness World Records го потврди неговото неверојатно достигнување од 1.257 склекови за еден час со дополнителна тежина.

Рекордот Бајовски го постави на 28 јуни 2026 година во Скопје, каде што во текот на 60 минути изведе 1.257 правилни склекови, со гради до под и со ранец тежок околу девет килограми.

По завршувањето на целокупната процедура за верификација, резултатот е официјално потврден и објавен на страницата на Guinness World Records.

Со ова достигнување, Бајовски го надмина дотогашниот рекорд од 1.208 склекови, поставувајќи ново најдобро достигнување во оваа дисциплина.

На официјалниот сертификат се наведени името на Кристијан Бајовски, постигнатиот резултат од 1.257 склекови, Скопје како место на поставување на рекордот и 28 јуни 2026 година како датум на достигнувањето.

На 22 септември автомобилот останува дома: Прилеп се приклучува кон одбележувањето на Европскиот ден без автомобили

Во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Прилеп (ОСБСП) упатува повик до граѓаните да се вклучат во иницијативата и со секојдневните навики да придонесат за почиста, поздрава и побезбедна животна средина.

Овогодишната порака „Мобилност за сите“ го става акцентот на изборот на алтернативни, еколошки и здрави начини на движење. Пешачењето, велосипедот и јавниот превоз не се само алтернатива на автомобилот, туку и начин да се намали сообраќајниот метеж, загадувањето и да се создаде попријатен јавен простор.

Од ОСБСП – Прилеп особено упатуваат на пораката: „Одлуката почнува од сите нас – денес до работа и училиште со велосипед: помалку автомобили, повеќе движење!“

22 СЕПТЕМВРИ – ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ

На 22 септември, Општина Прилеп ќе се приклучи кон одбележувањето на Европскиот ден без автомобили, кога граѓаните се повикуваат, доколку можат, автомобилот да го остават дома и да изберат пешачење, велосипед или јавен превоз.

Целта е преку едноставна промена во секојдневното однесување да се придонесе кон почист воздух, помал сообраќаен метеж, повеќе физичка активност и поздрава и попријатна средина за живеење.

Но, Европската недела на мобилност не се однесува само на начинот на кој се движиме, туку и на начинот на кој се однесуваме едни кон други во сообраќајот.

Од ОСБСП – Прилеп потсетуваат дека сообраќајната култура, вниманието и меѓусебното почитување се основа за побезбедни улици. Јавниот простор, улиците и тротоарите треба да бидат безбедни и достапни за сите – за децата, младите, возрасните, повозрасните лица, велосипедистите, пешаците и лицата со попреченост.

Секоја мала промена во нашите навики може да биде чекор кон подобар град.

На 22 септември, изберете поинаков начин на движење. Оставете го автомобилот дома, пешачете, возете велосипед или користете јавен превоз и бидете дел од иницијативата за почист Прилеп, побезбедни улици и поздрава иднина.

Мобилност за сите – безбедност и почитување за секого.

Затоа што #СекојЖивотЕВажен.