дома блог страница 2829

Прилепчанка kacната од куче скитник

На 20.01.2020 во ОВР Прилеп Д.Д.(60) од Прилеп пријавила дека на ул.„Гога Димитриоска” во Прилеп била kacната од куче скитник во пределот на ногата.

Ова не е прв ваков случај и проблемот со кучињата скитници не воопшто нов. Граѓаните апелираат да се преземат мерки и да се згрижат кучињата кои во голем број се наоѓаат во центарот, но и во останатите делови од градот.

Силјановска: Има ли ден во кој нема да бидеме посрамени ние, Македонците? Зарем и македонската кујна ќе ја фрлите во северномакедонскиот празен контејнер?

Професорката и кандидат за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова реасгира на срамната „презентација“ на некаква „северномакедонска кујна“ на саем за храна во Германија:

„Не знам дали политичкиов бурек во Берлин го месел бившиот министер за земјоделство и шумарство, Љупчо Николовски, или сегашниов, Трајан Димковски, ама знам дека и трошките македонство од Преспанската маса ги истресоа на земја, наместо да ги соберат и да ги чуваат.

Има ли ден во кој нема да бидеме посрамени ние, Македонците? Зарем и прекрасната македонска кујна, чиј вкус и мирис, никој што ја посетил Македонија не ја заборавил, ќе ја фрлите во северномакедонскиот празен контејнер?

Бурекот од Кадино не е северномакедонски, ами македонски, а лошите, размакедончени државни бурекчии, на чело со главниот политички готвач треба да добијат политички отказ“ – пишува Силјановска Давкова на фејсбук.

Играше рамо до рамо со Леброн Џејмс, а сега е бездомник: Светот во шok поради поранешниот НБА играч (Видео)

Заработуваше милиони играше во најсилното светско кошаркарско првенство НБА лигата сега живее како бездомник.

Поранешниот НБА играч на Бостон, Кливленд и Далас, Делонте Вест, во кариерата заработи околу 16 милиони долари, а сега е бездомник и се обидел да си го одзeme животот.

Тој има 36 години, а неговата кариера во НБА лигата заврши во 2012 година кога беше отпуштен од Далас поради лошо однесување и недисциплина.

Од тогаш Вест играше во Кина и во НБА Д лигата, а сега заврши на улица. Вест дури се обидел да се caмoyбие фрлajќи се под автомобил.

Во просек во НБА лигата постигнуваше по 12,2 поени по натпревар.

Сакате да слушнете нешто убаво денеска? Слушнете го младиот пијанист Арсениј Ангелески од Прилеп (Видео)

Арсениј Ангелески е млад пијанист од Прилеп во класата на професорката Христина Никоска Тасеска, при нижото музичко училиште “Ордан Михајлоски-Оцка”.

Арсениј е роден на 9 јули 2005 година во Прилеп. Оваа година завршува осмо одделение во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ во Прилеп.

Првиот успех го стекнува на 51-от државен натпревар на ученици и студенти во Скопје во 2013 година, освојувајќи Прва награда. Освен тоа, Арсениј има освоено:

* Лауреат на:

Меѓународниот натпревар „Accordeon Art Plus“ во Сараево (БиХ) (2019).

* Специјални први награди на:

Државниот натпревар на млади музичари за основно музичко образование во Скопје (2014, 2015) година; Меѓународниот музички фестивал „Охрид, те сакам!“ (2015); VII меѓународен натпревар на млади пијанисти во Гевгелија (2017); VIII меѓународен фестивал „Музичка пролет“ во Смедеревска Паланка, Србија (2018).

* Први награди на:

Меѓународниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ во Охрид (2014); V и VIIмеѓународен натпревар за млади пијанисти „Мај – месец на музиката“во Врање (Србија), (2015, 2017); Фестивалот за млади музички и балетски таленти во Скопје (2015); IX меѓународен музички фестивал во Аранѓеловац, Србија (2016); VIIIмеѓународен натпревар за камерна музика во Кавадарци (2017); Меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ во Белград, Србија (2017); XXI меѓународно натпреварување на млади пијанисти во Шабац, Србија (2017); Iмеѓународен натпревар за класична музика „ArtIn-Veles“ во Велес (2018); III меѓународен фестивал „Полихимниа“ во Скопје (2018); Меѓународниот натпревар „Интерфест“ во Битола (2018); Државниот натпревар на млади музичари за основно музичко образование во Скопје(2019);

Арсениј Ангелески поседува и Сертификати за активно учество на семинарите по пијано кај предавачите:д-р Ана Гацева, KarlAndreasKolly(Швајцарија) и RustamRahmedov (Турција). Во 2015 година учествуваше на Летниот музички семинар во Врање, Србија. Арсениј Ангелески редовно учествува на новогодишните и годишните концерти, во организација на ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“, забележувајќи одлични настапи.

Во продолжение слушенете го неговиот пијано рецитал за Preludium & fuga no. 6, d-moll од Јохан Себастијан Бах:

А ние се жалиме дека нема снег цела зима: Погледнете како изгледа прекривката во Канада висока 4 метри (Видео)

Источниот дел на Канада е погоден од едно од најголемите снежни невремиња во историјата.

Ситуацијата дополнително се влоши со тоа што ветровите достигнаа брзина од 130 километри на час и во комбинација со обилните врнежи од снег предизвика огромни проблеми во сообраќајот.

Некои снежни наноси се повисоки од четири метри поради што единици на армијата помагаат во расчистување.

Локалните жители смислија име за ситуацијата – „сноумагедон“ – и така ги преплавија социјалните мрежи.

Покрај тоа, видливи се и снимки од луѓе кои буквално копаат надвор од своите домови. Метеоролозите неделава најавуваат нов снег. Затоа, вонредната состојба останува во сила.

“Курир”: Возовите ко фрижидер, а директорот на Македонски железници се фали со сменето име

Пишува Синиша Ивановски за КУРИР.МК

Железничкиот сообраќај во Европа е еден од најсигурните и најкористените превози на патници и стока. Скоро секаде државните железнички оператори во делот на патничкиот сообраќај работат со загуби, но гледано од социјален аспект, државите се грижат за своите граѓани и континуирано го субвенционираат овој вид на сообраќај.

Кај нас, секоја влада до сега од народниот буџет одвојуваше финансиски средства за субвенции во делот на патничкиот железнички сообраќај, но иако субвeнциите никогаш не се на задоволителното ниво, тоа не е изговор за лоши резултати на менаџерите во овој сектор.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во својот мандат ја направи најкрупната инвестиција до сега во железниците од осамостојувањето на Македонија. И тоа е факт кој никој неможе да го побие, колку и да не му се допаѓа тоа. Купувањето на нови возови, локомотиви и товарни вагони требаше да биде иницијална каписла кон поголеми следни проекти што ќе значеа трајно решение на наталожените проблеми во овој сектор. Да се потсетиме, дека 40 години во нашата држава не беа купени нови возови. После 40 години се набавиjа нови патнички возови, се набавија нови товарни вагони, нови електрични локомотиви, се реновираа работилниците за одржување на возовите, се подобруваше железничката инфраструктура итн. Ако не беше оваа инвестиција, тврдиме дека денес немаше да постои патнички железнички сообраќај. За жал, сега после 3 години од доаѓањето на владата предводена од СДСМ, не гледаме континуитет на вакви проекти за подобрување на железничкиот сообраќај. А ветуваа. Ветуваа многу, но за жал еве им помина мандатот, НИШТО од ветувањата.

Целиот текст прочитајте го ТУКА

Николоски: Ако cyдот не ја заврши својата работа со случајот „Peкет“, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со нови сознанија

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во утринското гостување на Алфа телевизија посочи дека ако судот не ја заврши својата работа околу случајот со СЈО и „Рекет“ тогаш ВМРО-ДПМНЕ објави нови сознанија за тој случај.

-СЈО со торбата Луј Витон полна со милион евра одамна е завршена приказната. СЈО фактички и не постои. А, во однос на работите што се случувале таму, а ова што сега го гледаме како судски процес е само врвот на ледената санта. Допрва ќе излегуваат десетици и десетици работи. А, ние оставаме на судот да проба тоа да го истражи и имаме многу сознанија. Доколку го истражи одлично, доколку не, ќе одиме во јавност со тие сознанија, нагласи Николоски.

Тој додаде дека се надева по 12-ти април едно ослободено и релаксирано судство и обвинителство Македонија ќе има. И нема да се под дневен политички притисок на врвот на власта.

-Но да се вратам на основната тема во однос на законот за јавно обвинителство добро е да се донесе закон за ЈО затоа што е жива материја, се менуваат работите треба прилагодување итн. Тоа е едно од барањата на земјите членки на ЕУ со цел Македонија да конечно да отпочне преговори за членство со ЕУ. Затоа што Заев ја лажеше јавноста дека е доволно да го смени името и рајските порти ќе се отворат и мед и млеко ќе тече во Македонија. И дека ќе не седнат до Франција и Германија во ЕУ, потсети Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека се што ветуваше Заев не е точно и не се оствари.

-Реалноста е друга и за жал сурова. За да станете дел од тој елитен клуб прво треба да се преговара, но за да се почне со преговарање мора да се реши корупцијата и криминалот дома. Бидејќи тој елитен клуб со корумпирани луѓе не сака да си има работа или пак да седнат на иста маса. Нека помислат граѓаните кога беше Зоран Заев премиер, а сега веќе е заминат во историјата кога било кој европски државник го прими во неговиот главен град, праша тој.

Николоски рече дека законот за ЈО треба да ги затвори тие прашања и доволно е јасна пораката на комесарот за проширување дека законот треба да се донесе но во соработка помеѓу водечките партии во Собранието, а тоа се ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. И со прифаќање на аргументите односно забелешките на ВМРО-ДПМНЕ. Закон кој што ќе е квалитетен и ќе ги прифати забелешките на ВМРО-ДПМНЕ.

-Но гледаме дека Зоран Заев како претседател на СДСМ се обидува друго да направи, а тоа е да го прескокне ВМРО-ДПМНЕ. Барајќи поддршка од одредени отпаднички структури. Но тоа мислам дека нема да се случи, забележа Николоски.

Идентитетот бетон, а македонската кујна стана “северна”? Битолчанец раскажува за горчината која ја доживеал во Берлин (Фото)

Зоран Стефановски, кој живее во Берлин, го сподели на Фејсбук своето огромно разочарување од посетата на македонскиот штанд на саемот за храна во главниот град на Германија, каде што во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е претставена „северномакедонска кујна“?!

„ДОЛГ ПОСТ!

Fremdscham/fremdschämen – многу елегантен германски збор што значи да те јади срам заради некој друг, или „појела ме туџа срамота!“

Ми се мота зборов во глава цел пат за дома, и мислам дека морав да ги споделам чувствава на Фејсбук. Малку има за читање, па се надевам ќе ми простите.

Во последно време ретко пишувам вакви постови, во кои давам свое мислење или критикувам збиднувања или незбиднувања од Северната благонадежна европска невеста, затоа што веќе мислам дека нема повеќе што да се каже, а и за да го избегнам она стандардното „ај бе, ти од Германија најде нас да ни мудруваш, сеј си таму, убо ти е!“

Ама онаа мизерија што ја посведочив денес, толку ме разочара, што дури и ме налути. А јас не сум баш некој што лесно си дозволува да го погодат вакви работи.

Денес го посетив еден од најголемите и најстарите саеми за прехрана и производствени прехрамбени технологии во Европа, ако не и во светот – Grüne Woche Berlin. На овај саем беа претставени прехрамбени производи скоро од цел свет, а Хрватска е овогодинашната земја партнер на целиот саем, претставена со една цела хала свои приозведувачи на храна. Нам добро познатите Подравка, Краш, Бадел, Аргета, но и десетици мали и средни, фамилијарни и локални произведувачи на сирење, вино, месни продукти, риби, слатко и мед, итн.
Сакате чоколадо од Того? Има! Сакате кавијар од Волгоград? Има! Сакате чаеви од Непал? Има! Сакате 300 врсти на швајцарски сирења? Има. Сакате аргентинско вино? Има! Лихтенштајн? Да да, тие 4 фамилии што се занимаваат со производство на храна во Лихтенштајн, беа претставени и ги нудеа своите производи на еден прекрасен штанд! И да не редам, во суштина, цел свет, од Португалија до Монголија, ја донел својата понуда, тука на ова место во Берлин.

Ама ние нели, не сме целиот свет. Што мислите, дека ние не сме се потрудиле да бидеме претставени? Не не, многу полошо од тоа. Бевме претставени, на најмизерниот можен начин! Дојдовме на саемот затоа што девојка ми беше возбудена што нејзината држава е земјата партнер, и ќе биде претставена во најдобро можно светло. И така и беше. И исто така беше возбудена затоа што го обожава македонското вино и ајвар, и впрочем се што се јаде и пие, а расти на Северномакедонска почва (да, намерно ја користам придавката, а ќе видите и зошто).

На северномакедонскиот штанд не пречека….ништо. Буквално ништо! Празни столици, празна витрина, и единствената понуда што беше застапена беше БУРЕК ОД КАДИНО! Да повторам: КАДИНО е единствен партнер на МЗШВ (кој е организатор) и единствената понуда од Северна Македонија е БУРЕК! И дури ни тој бурек ГО НЕМАШЕ ДА СЕ ПРОБА!

Ја прекинав девојката на штандот дури скролаше на инста да ја прашам: „што, на пауза ли сте?“ Ми вели „ааа….па да… малку на пауза…“ Јас: „А само Кадино ли се претставени, нема ништо друго?“ „Да да, само Кадино.“ „А ова Министерство го организира, или Кадино од свои средства се рекламира?“ „Министерството е организатор“.

„ОК, фала!“

Толку се разочарав, што дури ми беше срам од девојка ми, а не па од илјадниците посетители. Сакав што побргу да избегам од таму! Едни Руанда и Уганда имаа подобро организирана понуда!

Како што реков, ретко пишувам вакви постови, затоа што не сакам да бидам тој „дијаспорецот“ што цмиздри колку не му чини државата, оти тој си го нашол чарето. Ама македонски штанд, без вино, без ајвар, без сирење, без ништо, тоа не можев ни да го замислам. Преќутев кога на најголемиот саем за туризам во СВЕТОТ, македонскиот штанд беше празен, и никој не ме ни погледна кога сакав да се распрашам, ама за ова не можев. Овај дилетантизам го проби дното.

А за правилно да се долови, повелете и слики. Придавката North Macedonian не ја користам јас оти така сакам или саркастично, туку затоа што нашето министерство ја користи. Оти нели, согласно Преспа, придавката е само за државата и нејзините органи, а не и за нејзините производи. Оти нели идентитетот бетон! Оти нели, има посебна клаузула во Преспанскиот договор која регулира дека во поглед на ознака на трговските производи, ќе се регулира употребата дополнително на основа на работата на стручна комисија. Очигледно, на МЗШВ не му се чека на оваа комисија. За нив, и нашата кујна е – Северномакедонска. А сите ние што велевме „не функционира тоа така, или е северно или не е“, ние нели бевме регресивната реакцнионерна неевропска ЖМРОвска подкласа на неграџани.

Ни име, ни датум, ни ајвар, ни вино! Убедливо најлошиот и најсиромашен и најмизерен штанд на цел саем! Ни еден денар кој што го фрливме во субвенции за земјоделците, не ќе роди претприемач!

Не знам дали треба да ме јади туѓа срамота од ова, или своја. Ама во секој случај, потонав во земја, затоа што не можеме ни да замислиме поефикасен начин за да на целиот свет му покажеме дека она што го имаме да го понудиме е едно големо НИШТО!“, напиша битолчанецот, приложувајќи и неколку фотографии како илустрација на скандалот.

Има ли “азно” тешко 1.200 килограми во прилепско Мариово? Еве што вели преданието за богатството кое се уште се бара

Големо богатство злато од Отоманската банка во Битола, кое, според легендите е закопано во близина на Расимбеговиот мост на Црна Река во Мариово, ги скокоткало и поранешните премиери Бранко Црвенковски и Љубчо Ѓорѓиевски. Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Јовчески тврди дека, како раководител на подружницата во Прилеп на ЈП Македонија пат, во 2000 година “големите” му нарачале да ги однесе машините за копање да го бараат турското азно во Мариово. Но, наместо злато нашле шајки – пишува неделникот “Зенит”.

Во вториот мандат на премиерот Бранко Црвенковски, мариовското азно од тон и кусур шипки било пребарувано со машини од мариовските фирми под будното око на полицијата и војската во 1996 година. Учесници во “авантурата” кажуваат дека наместо ковчег со скапоцен жолт метал, машините откриле метално буре, закопано од работниците што го граделе новиот мост.

Прилепчанец раскажува дека со негов пријател платиле по неколку стотина марки на трагач по закопани богатства за турска карта, која прецизно го обележувала местото на закопаното благо. И поранешен директор на Заводот и музеј пред 30 години го натерале да “ора” по потрага по златото од приказните.

Тон злато во темелот на мостот

Преданието вели дека при пропаѓањето на Турската империја, Османлиите се обиделе да однесат во Турција околу 1200 килограми злато од Отоманската банка во Битола. Златото во шипки било скриено околу Расимбеговиот Мост на Црна Река во Мариово, откако пропаднале обидите да се пренесе преку Лерин. На вториот “ксмет”, поворката со наоружан аскер до заби, тргнала со десетина маски со сандаци со злато по течението на Црна Река кон Цариград. Кај Расимбегов Мост, водачот со пријател првин ги убил маските, а потоа војниците. Бидејќи златото не можеле сами да го носат, го закопале длабоко во мариовската земја.

Друго предание кажува дека арамиите направиле карта за местото каде го закопале златото. Едниот ограбувач заминал за Швајцарија, а другиот за Турција со намера да се вратат и тајно и мирно да го земат “пленот”.

И власта во потрага

Приказните ги “палат” трагачите по злато. Оние кои веруваат, чешлаат низ Мариово со апарати за детекција на метал. И властите се “заразиле од мариовската златна треска”. Според учесници, додека премиер бил Бранко Црвенковски, во 1996 година, полицијата трагала по златото ноќно време со градежна механизација. Очевидец вели дека местото се обезбедило од војници, полицајци и цивилна полиција. Патот бил блокиран дури од Прилеп. Цела ноќ бревтале машините додека ја отворале утробата на земјата околу мостот осветлуван со струја од генератор. Детекторот “загризал” на ‘рѓосано буре. Сé уште постојат траги од не затрупаната дупка, на која денес е кренат Параклис.

Пратеникот од првиот парламентарен состав Цветко Јовчески раскажува дека во 2000 година му се јавиле сред бел ден да ја пренесе механизацијата од Македонија пат од Прилеп, каде бил раководител, во Мариово кај Расимбегов мост.

– Во присуство на ДБК од Битола од Скопје и луѓе од Велес баравме злато со машина за црпење. Со секоја лажица, детекторот кажуваше знаци. На крај, се измачивме со еден камен, оти апаратот даваше сигнали дека има нешто. Маката не се исплатеше, оти извадовме некои шајки. После, машината за “злато” не даде глас. Залудни беа уште неколкуте обиди да се најде метал – вели Јовчески.

Прилепски авантурист кажува дека вложиле по неколку стотина марки за карта која го покажувала местотот на благото.

– Копавме со аргати околу Расимбеговиот мост неколку дена, но не најдовме ниту “з” од злато. Не измамија. Бадијала ги дадовме парите. Златото е легенда, а не историја. Тоа е приказна, создадена во нечија глава со пуста желба за богатство – вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.

Во улога на Индијана Џонс се пробал и поранешен директор на Заводот и Музеј.

– Во 1985 година, со раководството на фабриката Партизан го претресовме секое камче во околината на мостот. Злато нема – вели поранешниот директор.

Мистеријата за закопаното злато останува да ги инспирира трагачите на авантури. Затоа се плетат разни приказни и нагаѓања.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”

Најлудата “одбрана” на Европското првенство во ракомет: Екс играчот на Вардар се фати за глава (Видео)

Во синоќешниот дуел на Европското првенство во ракомет, Шпанија за доби Белорусија со крајни 37:28, иако Шпанците се мачеа на плувремето.

Сепак моментот кој ќе се памети и кој ЕХФ го издвои од целиот натпревар е шутот на екс играчот на Вардар, Жоан Канељас, кога при 7:7 на семафорот мислеше дека постигна гол.

Но, погледнете каде заврши топката: