Ракометарите на РК Прилеп во овие моменти го играат финалниот дуел од 10. Меѓународен Меморијален турнир “Миле Нешкоски”. Противник на прилепчани во финалето е втората екипа на Еурофарм Пелистер.
Првиот дел од натпреварот Прилеп го доби со 17:15. Натпреварот се игра во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”.
Тежок инцидент го одбележа денешниот натпревар на младинските екипи на Брегалница (Штип) и Шкупи (Скопје – Чаир), одигран во првото коло од Републичката пионерска лига за генерацијата 2010 година на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип.
Според информациите на локалните медиуми, инцидентот настанал во последната минута од мечот, по прекршок меѓу двајца млади фудбалери. Дел од гостинската публика, односно родители на играчите на Шкупи, влегле на теренот и физички нападнале двајца играчи на Брегалница. Еден од напаѓачите, како што се наведува, со клоци ги удирал младите фудбалери.
Неофицијално, 2 деца се тешко повредени – едното со скршена нога, а другото со повреди на главата, објави 24 инфо.
Тие се пренесени во Клиничката болница во Штип.
Откако децата биле нападнати, на теренот влета и дел од домашната публика, по што настанала масовна тепачка. Полицијата интервенирала веднаш и го привела главниот напаѓач, против кого ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Инцидентот се случи при резултат 2:1 во корист на Брегалница.
Домашната управа побарала Фудбалската федерација на Македонија да преземе строги мерки против ваквите влетувања на луѓе на теренот и да спречи повторување на слични ситуации, со цел младите спортисти да не бидат изложени на насилство и негативни примери, објави порталот Сакам да кажам.
Повеќе детали се очекуваат од Министерството за внатрешни работи во текот на денот.
Одлуката на ДИК со само два граѓански потписи секој граѓанин да има право да се кандидира за градоначалник, го подели јавното мислење. Кај повеќето, предизвикувајќи дури и потсмев. Најчестите коментари на граѓаните се дека постоењето на демократијата е во ред, но не на овој начин, бидејќи градоначалничката функција е и премногу сериозна работа, а со ваквите правила на игра, едноставно како да се девалвира, велат тие – објави “АЛФА ТВ”.
„Не – независни, зошто независни? Не сум за независни кандидати, овие што сега се пријавуваат со потписи…Не е во ред, не би го прифатил, јас не би го прифатил тоа“, – вели анкетриран граѓанин.
„Не може тоа да биде. Не е издржано тоа со два потписи. Тоа е како без ич, одиш, се пријавуваш. Не може тоа. Ако сакаме успех и напредок мораме да најдеме човек навистина што одговара“– кажа друг.
Како пример, во општина Прилеп, за само два-три дена, по социјалните мрежи веќе се појавија две имиња на можни независни кандидатки за градоначалнички. А колкава ќе биде конечната листа, само, може само да се претпостави. Граѓаните велат дека донекаде е добро што им се дава можност да имаат поширок избор, но сепак, повеќето се за веќе докажани личности, отколку за кандидати кои допрва ќе „вежбаат“ политика, бидејќи на градот итно му требало рестарт.
„Ни требаат луѓе кои веќе биле, кои знаат што му треба на градов да се направи, а не од улица викнат некој, па ќе го учиме допрва – ова да биде, она да биде. Проверен човек и зборот, збор да биде, а не само да кажува прикаски“, – анкетиран граѓанин.
„Имаме ние многу јаки луѓе, доктори на наука, магистри, што можат да дојдат да ја водат оваа држава, да цвета, ама нејќат да се охрабрат да одат на избори, им е страв“, – анкетиран граѓанин.
Во Прилеп, засега официјално е потврдена само кандидатурата за предлогот од СДСМ, Петра Лукароска, која е и актуелна претседателка на прилепската ОО на оваа политичка партија. Таа својата кандидатура ја објави уште на 18 јули.
Додека од независните, својата кандидатура за градоначалничка на личниот профил на фб, пред два ја објави дипломираната економистка Павлинче Матеска, вработена во ЛС во Секторот за финансии. А деновиве на социјалните мрежи се појави и трето име, на извесна локална бизнисменка, како што напишала самата во својата објава. Од владеачката партија пак, во Прилеп, се’ уште нема официјално објавено кандидат за градоначалник, иако во јавноста подолго време се вртат имињата на еден поранешен градоначалник, и на актуелниот претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, во меѓувреме течат роковите за пријавување кои ќе траат 15 дена, почнувајќи од 18 август. Од вчера пак, започнаа да течат и роковите за увид на граѓаните во Избирачкиот список. А за престојните локални избори, ОИК од Прилеп ќе работи во нови простории, сместени во ЦК „Марко Цепенков“, наместо во досегашните кои се наоѓаа во старата општинска зграда.
Во моментов цела Македонија е едно големо градилиште, само во општините имаме преку 1200 активни проекти кои што ги поддржува Министерството за транспорт и Владата, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт на настанoт, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“.
Николски ги наброја големите инфраструктурни проекти коишто во моментов се градат преку министерството и ЈПДП, како и оние проекти кои што до сега беа пуштени во употреба, како експресните патишта од Куманово до Крива Паланка и Градско- Фариш, дел од експресниот пат Градско-Прилеп.
„Тоа се само преку министерството за транспорт, да не зборувам за оние големи инфраструктурни проекти коишто одат директно преку министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта. Дали е тоа изградбата на автопатите Охрид-Кичево, сега работиме на Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола. Дали е пуштањето во промет на дата правци на експресниот пат Прилеп-Градско, тоа е делот од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш. Понатака Куманово-Крива Паланка експресниот пат и бројни проекти коишто се работат во овој момент“, рече Николоски.
Освен што во моментов државата е огромно градилиште и се гради низ цела Македонија, Николоски посочи дека сега, за разлика од некои минати времиња, започнатите инфраструктурни проекти се завршуваат, така што се враќа самодовербата.
„И добро е што конечно завршуваат проектите и граѓаните можат да видат дека може да се заврши проект и она што е најважно, ја враќаме самодовербата кај народот дека Македонија и македонците се способни да водат големи проекти. Не е тоа само во патната инфраструктура, тука е и железничката инфраструктура, тука се аеродромите и авио линиите, тука се обновливите извори за енергија. Да не заборавиме дека за помалку од година дена успеавме целосно да завршиме во дел на процедури еден огромен проект којшто треба да е инвестиција од половина милијарда евра“, истакна Николоски.
Николоски се осврна и на реконструирањето на големите претпријатија, како што се Македонски железници инфраструктура, Македонски железници транспорт и Македонска пошта во кои работниците не земаа редовно плата.
„Лани кога бевме избрани да ја водиме Владата, Македонски железници инфраструктура, Македонски железници транспорт и Македонска пошта не земаа редовно плата, а денес тоа веќе не е тема. Туку денеска зборуваме како да ги унапредиме и како подобро да работат“, рече, меѓу другото, Николоски.
На првиот ден од Саемот – Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обрати и градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески кој истакна дека општина Прилеп била оставена во долгови, но истите биле исплатени и како значаен проект ја посочи изградбата на детска градинка, како и обезбедување на бесплатен оброк за учениците како и обезбедување на ученичка униформа.
„Ние успеавме да ја изградиме, го презедовме и долгот од 133 милиони денари коишто во целост го исплати локалната самоуправа од општинскиот буџет и направивме една современа детска градинка, и веќе во напредна фаза е и изработен е проектот за уште една детска градинка во населбата Рид којашто дополнително ќе ги згрижи сите останати дечиња. Обезбедивме и бесплатен оброк за учениците од прво до трето одделение, обезбедивме за шест илјади ученици ученичка униформа“, објасни Јовчески.
Градоначалникот исто така потенцираше дека во завршна фаза е и изградбата на фабриката за селектирање на отпад, како и објасни за изградбата на катна гаража што е значително важна за безбедно паркирање на возилата.
„Сега е во завршна фаза изградбата на фабриката за селектирање на отпад којашто е најмодерна, којашто ќе биде дел од ланецот на поврзување на регионално згрижување на отпадот, имаме примерно и секундарно дури и терцијално згрижување на отпадот. Еден од првите проекти коишто го имавме беше посветен на патната инфраструктура, на сообраќајот и обезбедување на паркинг места, со првиот проект обезбедивме средства од 120 милиони денари и направивме реконструкција односно рехабилитација на повеќе од 80 улици, направивме една катна гаража каде што значително го обезбедивме и безбедното паркирање на возилата“, објасни Јовчески.
Двата прилепски второлигаши, и Победа и Големо Коњари, со пораз ја стартуваа новата сезона во фудбалската Втора лига.
Црвено-белите беа поразени со 2:0 на гостувањето во Новаци, а Големо Коњари на домашен терен ја пречека екипата на Детонит и загуби со 0:4.
За Победа резултатот не е ниту изненадување, ако се има во предвид низ каков турбулентен период поминува клубот, кој едвај ги започна подготовките за новата сезона.
Клубот се соочува со финансиски проблеми, па новото раководство ќе има тешка задача да ја врати младата екипа на победнички патеки.
Од друга страна ФК Големо Коњари по цели 3 децении се врати во второлигашко друштво, а резултатот против радовишани воопшто не ги обесхрабрува, ако се има во предвид дека Детонит беше еден од претендентите за влез во елитата минатата сезона.
Во наредното коло кое се игра 30.08., Победа ја пречекува САСА Каменица, а Големо Коњари гостува кај Слога Виница.
РК Прилеп на јубилејниот 10. Меѓународен Меморијален турнир во чест на ракометната легенда Миле Нешкоски, се пласира во финалето.
Борбата за пехарот ќе ја водат против “Еурофарм Пелистер 2”, а финалниот натпревар ќе се одигра денеска (24.08.), со почеток од 19ч., во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески – Ричко”.
До финалето прилепчани стигнаа преку убедлива победа над РК Бутел со 33:28 и тирумф над Тиквеш со 24:23. Битолчани пак славеа над Пролет со висока предност од 11 гола (16:27) и над Црвена Ѕвезда со 35:29.
Ќе биде ова еден одличен натпревар, во кој момците на РК Прилеп ќе треба да покажат и со какви амбиции влегуваат во новата сезона во ракометната Супер лига.
Пред финалниот натпревар, гостите од Србија – Црвена Ѕвезда, ќе се соочат со РК Бутел во натпревар за 5-то место. Овој дуел се игра со почеток од 15:00часот.
А од 17:00часот Тиквеш и Пролет ќе играат дуел за 3-то место.
Ние ќе се менуваме и надоградуваме и усовршуваме врз основа на потребите и барањата на граѓаните. Тие што добро ме познаваат знаат дека ниту една функција не е загарантирана ниту вечна, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски настанoт, по повод отчет за четиригодишната работа на градоначалниците.
Посочи дека токму затоа, веднаш после локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата.
„И затоа веднаш после изборите ќе ги отвориме и вратите од партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на владата секогаш и треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А, ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење на промени и за прв пат после долго време, на градење на заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса каква генерации и генерации млади чекаа“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека бројките од макроекономијата говорат дека државата е на патот на градење на промените кои ќе донесат подобра иднина, при што покажуваат зголемен извоз, зголемен БДП, раст и развој на економијата и стопанството.
„Дека сме на тој пат говорат и бројките од макроекономијата кои велат дека имаме зголемен извоз, зголемен БДП, раздвижена економија, рaст на стопанството и економијата, и времето на реално чувствување на овие резултати кај реалниот човек сигурно ќе дојде. Не сум човек кој ќе ги гледа работите од дистанца, и затоа промените во владата ќе значат уште посилно темпо и уште поголеми заеднички успеси, кои ќе оделотворат дека сме на правиот пат и граѓаните го направиле вистинскиот избор“, рече Мицкоски.
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески кој беше дел од настанот Саем- отчет, 4 години работа за тебе стави акцент на новиот Оперативен план за вработување.
Според Ристески ова е најобемниот Оперативен план.
„Ова е најголемиот Оперативен план за вработување. За истиот се предводени околу 40 милиони евра. Или тоа се 7 милиони евра повеќе од претходниот оперативен план“, информира Ристески.
Ристески укажа дека целта на планот е да се задржат младите во Македонија.
„Оперативниот план се однесува на млади до 29 години. Многумина млади заминаа и ние на овој начин сакаме да ги задржиме во државава. Оперативниот план опфаќа околу 16 илјади лица претежно млади“, кажа Ристески.
Со Оперативниот план се предвидени 9 мерки, од кои акцент се става на две од нив.
„Главни мерки се две, самовработување и другата е вработување во постојните јавни претпријатија“, вели Ристески.