дома блог страница 224

Николоски: Следната година ќе се вози по првите 17км од автопатот Прилеп-Битола

Имаме одлично силна градежна активност насекаде низ државата. Го пуштивме во сообраќај и вториот дел од автопатот Кичево-Охрид, во должина од 17 километри на потегот од Климештани до Охрид, со силна динамика работиме и на изградба на автопатиштата од Тетово до Гостивар и од Гостивар до Букојчани. Очекувам првиот дел од автопатот од Прилеп до Битола да го пуштиме во сообраќај веќе следната година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој на сите проекти се работи со силна динамика и резултатите се видливи каде за два месеци се пуштени 34 километри за сообраќај.

– Сега го пуштивме делот од Климештани до Охрид и со поврзувањето до аеродромот Св. Апостол Павле и исклучокот за Струга во должина од 17 км, веќе 34 км на автопатот се користат. Останатите 22 км очекуваме сукцесивно да ги пуштаме од месец октомври до крајот на следната година. За разлика од сега, минатата година се соочивме со проект којшто не постоеше, практично немаше проект – вели тој.

Николоски вели дека на автопатиштата Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани се реализираат со планираната динамика и очекува почетокот на 2029 година да има целосно автопатско и експресно поврзување од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан.

– Обиколница на Крива Паланка ја почнавме, од Крива Паланка до Страцин веќе имаме експресен пат, во моментов со ЕУ преку „Планот за раст“ работиме од Страцин до Куманово исто така на експресен пат. Таму експропријацијата е завршена, сега треба со ЕУ да се договориме за процесот на избор на изведувач. Од Куманово до Скопје има автопат, има и обиколница на Скопје која не е во добра состојба, следната година целосно ќе ја реконструираме. Скопје-Тетово веќе постои автопат, Тетово-Гостивар се гради, Гостивар-Букојчани се гради, Букојчани до Кичево до 30 септември очекуваме понуди, Кичево – Охрид го работиме, така што воопшто не е нереално да очекуваме крај на 2028, почетокот на 2029 година од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан да имаме автопатско односно експресно решение, вели тој.

Николоски најави дека 17 километри од патот Прилеп – Битола ќе бидат пуштени во сообраќај следната година, односно до втората половина на 2027 година целосно да биде завршен тој автопат.

Во однос на автопатот Скопје – Блаце исто така најави дека оваа есен ќе се избере изведувач заедно со Европската банка за обнова и развој со што ќе започне изградбата и на овој автопат.

Се крева победничко Крушево, градот мора да почне да се развива

Бизнисмен, фамилијарен човек и долгогодишен партиски активист – тоа е Нико Чонески. Неговата посветеност и искуство се видливи во секоја улога што ја имал досега: Претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Претседател на Советот на Општина Крушево и многу други позиции кои го потврдуваат како лидер со визија и интегритет.

Нико Чонески е идниот градоначалник на Крушево, така велат анкетите, а така велат и крушевчани.

Откако партијата ја објави неговата кандидатура, Чонески добива само поддршка и во само една недела успеа да го обедини околу себе целото членство на партијата.

-Сплотени како никогаш досега, со многу енергија и желба за промена во Крушево, вечерва граѓаните се изјаснија кој ќе биди идниот градоначалник на Крушево! Нико Чонески е вистинскиот избор за Крушево и крушевчани – порачаа синоќа од ОК ВМРО-ДПМНЕ Крушево.

Крушевчани веруваат дека со неговата посветеност и љубов кон родниот крај, Крушево конечно ќе го заземе своето вистинско место – како град на културата, туризмот и гордите традиции, но и како модерен центар на нови можности.

Maкпрогрес: “Ќе ја обновиме фабриката, вработените ќе ги задржиме на работа, а производите ќе останат со ниски и достапни цени”

Менаџментот на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, каде во пожар изгореа два магацина и еден производствен погон, преку соопштение до јавноста им се заблагодарија на сите кои учествувале во гаснењето на пожарот и порачаа дека фабриката ќе биде обновена, а вработените кои физички ги изгубиле работните места, ќе бидат задржани.

– Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа, се наведува во соопштението.

Од компанијата порачуваат дека продажните цени на сите нивни производи ќе ги задржат ниски и достапни за потрошувачите, а дополнително некои цени ќе ги намалат за да поттикнат поголема продажба.

– Заедно со Стопанската комора и сите ланци на маркети ќе направиме напори и ќе дадеме сè од себе да успееме, вработените да ги ангажирани работно со цел да ги задржиме работните места. На сите клиенти и потрошувачи им благодариме однапред за сета поддршка и солидарност. Солидарноста која ја видовме вчера и денес уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко, се вели во соопштението.

Во пожарот целосно изгоре еден производствен погон со три автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички и два магацина од кои еден за суровини и еден за готови производи.

– Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот во текот на целата ноќ. За жал, во текот на интервенцијата 12 лица беа хоспитализирани – 3 пожарникари и 9 наши вработени. Од нив, 8 вдишале чад, а 4 се со полесни изгореници. Денеска тим од Макпрогрес ги посети хоспитализираните во болниците во Кочани и Скопје и им посака брзо закрепнување. На сите сили кои учествуваа во справувањето и гасењето на пожарот им упатуваме огромна благодарност за нивната храброст и пожртвуваност, велат од менаџментот на Макпрогрес од Виница.

Во две недели младите битолчани по втор пат го преслушаа Прилеп, и пак пред домашна публика

Фото/ФБ/РК Прилеп

После финалето на Меморијалниот турнир “Миле Нешкоски” кој се одигра пред две недели, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2, по втор пат ги преслушаа прилепчани, овојпат во рамки на првото коло од Супер лигата.

Гостите од Битола славеа со 29:32, на големо разочарување на вљубениците во ракометот од Прилеп, кои веруваат дека оваа сезона нивните миленици би требало да се борат за влез во топ 6, и повторно после подолго време да заиграат во плеј-оф.

Но, Прилеп и покрај засилувањата не успеа да им парира на битолчани, па шансата за влез во горниот дел од табелата ќе треба да ја бара со другите противници.

За потсетување РК Прилеп во пресрет на сезоната во своите редови ги донесе:

Димитар Димитриоски (Ваљадолид), Сандро Дарсанија (Белененсес) и Божидар Лековиќ

Клубот го напуштија: Давид Трајкоски (Алкалоид), Никола Цветаноски (Ајдошвчина), Ангелче Органџиев, Левани Имнадзе, Стефан Лозаноски (Аминтас), Христи Бикоски (Вардар Неготино)

Македонија го живее МУНДИЈАЛСКИОТ СОН – Еве што не’ чека до крајот на квалификациите

Фото/ФФМ

Македонската фудбалска репрезентација ја запиша својата трета победа во квалификациите за Светското првенство, и тоа повторно против Лихтенштајн – овојпат на домашен терен во Скопје со убедливи 5-0. Ова е највисоката победа на избраниците на селекторот Благоја Милевски во досегашниот циклус, со што тимот повторно се искачи на врвот на табелата во групата. Таму ќе остане барем до октомври, кога следи големото дерби против Белгија.

Форматот на квалификациите предвидува директен пласман на Светското првенство само за првопласираната селекција, додека второто место носи учество во бараж. Со три преостанати натпревари до крајот, Македонија има одлична позиција и реални шанси да се вмеша во борбата за самиот врв.

На 10 октомври нашата репрезентација ќе и гостува на Белгија, најголемиот фаворит во групата, која во септемвриските средби забележа убедливи победи од по 6-0. Во Скопје одигравме реми 1-1 и покажавме дека можеме да им парираме, а останува да се види дали слично издание може да се повтори и на гостински терен во Гент. Секој позитивен исход би ги зголемил шансите за пласман, но ќе мора да се потврди со триумф над Казахстан на 13 октомври во Скопје.

Ако, пак, не дојде до изненадување против Белгијците, тогаш клучен натпревар за второто место ќе биде гостувањето кај Велс на 18 ноември – покрај тоа што важен ќе биде и резултатот од нивниот дуел со Белгија на 13 октомври. Групата останува неизвесна, а Македонија веќе покажа дека може да се носи со селекции кои важат за фаворити. Колку тоа ќе биде доволно за конечен успех – ќе дознаеме во месеците што следат.

Распоред на натпревари во нашата група:

Октомври

Белгија – Македонија
Македонија – Казахстан
Велс – Белгија

Ноември

Казахстан – Белгија
Лихтенштајн – Велс
Белгија – Лихтенштајн
Велс – Македонија

Победа доби “петарда” на гостувањето кај Преспа

Новиот второлигаш ФК Преспа и’ одржа фудбалска лекција на прилепска Победа во рамките на третото коло од Втората фудбалска лига.

Домаќините славеа со 5:0 со хет-трик на Давид Карамачоски (35, 36, и 82мин), а погодуваа и Нико Плаштиновски во 77. и Амир Фејзулаи во 65. минута.

Додека за Преспа ова беше прв триумф во новото друштво, за Победа беше втор пораз на стартот од сезоната. Прилепчани имаат само еден бод, но очекувањата се новите засилувања да се разиграат во наредните натпревари и да донесат свежина и позитивни резултати.

Утре (вторник) од 15.30 часот е мечот за 16-финалето од Купот, Победа – Башкими (Куманово), а во сабота од 15.30 часот дуелот од 4. коло на Втората лига, Победа – Охрид.

Честит 8-ми Септември Македонијо! 34 години самостојна, независна и суверена Република Македонија

На 8 септември во 1991 година, односно пред 34 години, во Република Македонија се одржа Референдум на кој граѓаните со право на глас се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија.

На Референдумот учествува 1,2 милиони наши сонародници, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроцентно беше поддржана самостојноста на Македонија. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава. Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари.

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност. Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на Референдумот. Партиите на Албанците ПДП и НДП не го поддржаа прогласот.

Поддршка на Референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција. Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание.

Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Македонија. Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина… Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се појавија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на Референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од страна на пратениците Албанци. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

Низ 30-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ.

На 27 март 2020 година Македонија стана 30 членка на НАТО. Иако веќе 16 години е земја кандидат, а во 2009 година ја доби првата препорака за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, евроинтеграцијата која долго време беше бликирана од Грција, сега е попречувана од Бугарија. Софија и покрај потпишаниот билатерален Договор за пријателство и добрососедство во август 2017, засега не се согласува со останатите 26 земји членки на ЕУ да почнат преговорите со Скопје.

Република Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.

Три мермерни украсни целивални од денеска го красат храмот Св. Петка во Прилеп – Секоја чест на донаторите и изведувачите (ФОТО)

Во храмот „Св. преп. мчца. Параскева – Св. Петка“ беа донесени и поставени нови три украсни целивални, единствени по својата изработка и убавина. Тие се направени од мермер и се релјефно украсени со православни орнаменти и крстови. Иако се извонредно масивни и тешки, благодарение на мајсторската изведба поставени се на тркала и можат да се поместуваат, во согласност со потребите на богослужбите.

Едната целивална, поставена во центарот на храмот, ќе ја носи иконата на нашата закрилничка – св. Параскева Римјанка, на која е посветен и храмот. Другите две се сместени пред иконостасот, и на нив се поставени светите икони на Пресвета Богородица и на Господ Исус Христос. Како целивалните, така и иконите се уникатни, изработени во резба и претставени во медалјон, и со својата убавина и особеност сведочат дека се единствени и неповторливи – достојни за благолепието на Божјиот храм.

-Оваа замисла првично изгледаше наивна и недостижна, зашто беше планирано целивалните да бидат изработени од дрво.Идејата за целивални изработени од мермер се роди од едноставната, но длабока помисла: „Зарем во градот на светски познатиот мермер да немаме целивални од истиот тој благороден камен? Зарем тие не би се вклопиле многу поубаво во ентериерот, каде што иконостасот и владичкиот трон се исто така мермерни?” – велат од храмот.

Самата идеја да бидат направени од мермер, поради високата цена, големата тежина и тоа што никаде немаше пример за нешто слично, изгледаше како да е невозможно. Но, со застапништвото на нашата светителка, со Божја помош и со великодушноста на донаторите, оваа на почетокот недостижна идеја прерасна во величествено дело кое ќе остане за сведоштво низ стотиците години што доаѓаат.

Длабоко им се заблагодаруваме на нашите донатори и на изведувачите кои, покрај нивната мајсторска изведба, беа и соучесници-донатори. Нивната жртва и добродетел ќе биде запишана во Книгата на животот, а на нив и на нивните семејства им посакуваме Бог да им дарува здравје, спасение и успеси на нивата Негова.

Како што на секоја богослужба ги спомнуваме донаторите и ктиторите на храмот, така и овие добротворци се вбројуваат меѓу нив, како и сите други кои на било каков начин придонесоа за остварување на ова дело. И како што нивното дело ќе опстои и ќе сведочи во вековите, така и нивното име ќе биде спомнувано и благословувано во молитвите на Црквата.

Слава и благодарност на Бога за ова богоугодно и величествено дело, а вечна благодарност на нашите добротворци!

ЛДП се распаѓа, на народот му се одмили политиката

Фрчат оставки во Либерално Демократската Партија, најновата ја поднесе Рената Костовска потпредседателка на ЛДП Центар.

Во својот статус на ФБ, Костовска напиша:

-Почитувани,

Со почит и благодарност за довербата, ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата потпредседателка на ЛДП Центар – LDP Centar , Либерално Демократска Партија ЛДП и од функцијата членка на Централен Одбор во Форум на жени-Либерално демократска партија

Оваа одлука ја донесувам поради лични и професионални причини, со цел да овозможам просторот и можност за нови енергии и идеи во понатамошната работа на партијата.

Останувам искрено посветена на вредностите и принципите за кои заедно се залагавме и ќе ја продолжам мојата кауза заради која и пристапив во редовите на Либерално Демократска партија ЛДП, на свој начин.

Левица нема структура во Прилеп и остана без кандидат за градоначалник?

На неколку денови пред истекот на рокот за пријавување на кандидати за градоначалници на општините, на општо изнанадување на сите Прилеп, Левица остана без кандидат.

Дали се работи за скриена коалиција со СДСМ на локално ниво, немање на соодветен кандидат, или пак внатрепартиски хаос останува да видиме во следниве 7 дена.

Од партијата вчера објавија кандидатури за скопските општини, за кои велат дека се личности со висок професионален кредибилитет и силна посветеност кон јавниот интерес.

Партијата која има 5 пратеници во Собранието, ги кандидираше следните кандидати:

-Кисела Вода – проф. д-р Јане Ацевски, поранешен декан на Шумарски факултет, актуелен раководител на Катедрата за ботаника и дендрологија.
-Ѓорче Петров – адвокат Александар Димитријевиќ, борец за социјална правда и координатор на Трудовиот сектор на Левица.
-Карпош – Антонио Димитров, директор на КИЦ Скопје, кој донесе богата и разновидна културна програма за Скопје.
-Гази Баба – Златко Тренчевски, металуршки инженер со долгогодишно раководно искуство во повеќе компании.
-Аеродром – Марјан Димитриев, дипломиран економист и консултант за претприемништво и бизнис развој, со фокус на одржливи економски политики.

Во Прилеп партијата во моментов има двајца советници во Советот на општината, а амбициите им се тој резултат од претходните избори да го подобрат на престојните.