Витаминка е добитник на наградата-плакета „3 Ноември“, доделена на свечената седница на Советот на Општина Прилеп по повод 82-годишнината од ослободувањето на градот. Признанието доаѓа во годината кога компанијата одбележува седум децении постоење и развој, со посебно значење за нејзината долгогодишна поврзаност со Прилеп. Во име на Витаминка, наградата ја прими Наташа Стојковска, директор на Секторот за набавка и логистика.
Од своите почетоци до денес, Витаминка расте заедно со градот, создавајќи производи што станаа дел од секојдневието на генерации потрошувачи. Со инвестициите, посветеноста на вработените и ширењето на меѓународните пазари, компанијата го носи името на Прилеп и надвор од границите на земјата.
„Оваа година е јубилејна – одбележуваме 70 години од постоењето на фабриката. Зад нас е историја на крупни чекори во работењето, реализирани инвестиции, освојување нови пазари и години без ниту една загуба во работењето. Во оваа значајна година го освежуваме и изгледот на Стоби Флипс, брендот што е носител на развојот и работењето на Витаминка. По 45 години му даваме нова облека, нов лик, но со истиот стабилен квалитет и препознатлив вкус што го има уште од првиот ден на производството“, истакна Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на Витаминка.
За Витаминка, признанието од сопствениот град е и признание за генерациите вработени кои го вложиле своето знаење и труд во нејзиниот развој. Тоа е дополнителен поттик компанијата да продолжи да инвестира, да создава и да придонесува за заедницата во која ги има своите корени.
























