дома блог страница 148

(ВИДЕО) Кузманоска децидна: “Ставаме крај на тендерите за блиски фирми”

Биљана Кузманоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година порача дека Предлог-буџетот за 2026 година носи ред, мерливи резултати и стабилен економски раст, со силен фокус на инфраструктурата и инвестиции кои треба да отворат нови работни места.

„Буџетот за 2026 година не е само финансиска рамка, тој е одраз на новиот начин на работа, на новата политика што ја ветивме, политика на одговорност, ред и чесност“, рече Кузманоска и додаде:

„Воведуваме јасни прагови за реализација, и тоа не на хартија туку со мерливи рокови. До крајот на првиот квартал, 15% до вториот 40% до третиот 65% и најмалку 70% до 15 ноември“.

Кузманоска посочи дека фокусот на Предлог-буџетот за 2026 година е и инфраструктурата.

,,Фокусот е на инфраструктурата што ја поврзува Македонија. Патишта, железници, училишта, болници, локални проекти. Со овој буџет имаме реален раст и стабилност. Буџетот е поставен на реални и внимателни проекции. Раст на економијата од 3,8% проекти, инфлација стабилна на 2,5%, и дефицит кој е намален н 3,5% од БДП“, истакна Кузманоска.

Таа дополни дека во 2025 година Македонија имаше рекордни странски инвестиции, што според неа, покажува стабилност, а истакна и дека во 2026 година се очекува инвестициите заедно со домашните капитални вложувања да бидат мотор на економскиот раст и да отворат нови работни места.

„Минатата година го достигна највисокото ниво на странски директни инвестиции во својата историја, над 1 милијарда евра. Тоа не се бројки, туку доказ дека инвеститорите гледаат стабилност, предвидливост и волја за работа. Во 2026 година, заедно со домашните капитални вложувања очекуваме инвестициите да бидат мотор што ќе го движи економскиот раст и ќе отвора многу нови работни места“, кажа Кузманоска.

Нови повисоки цени на горивата од денеска

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените
деривати во просек за 0,23% во однос на одлуката од 11.11.2025 година.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,806 ден/кг и сега ќе изнесува 35,621 ден/кг.

Од 18.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,621 (денари/килограм)

Private Sushi Experience се враќа во Прилеп – Во среда повторно ексклузивна суши вечер во „Порта“ (ВИДЕО)

По неверојатниот интерес и целосно пополнетите места на првиот Private Sushi Experience, Ресторан „Порта“ со големо задоволство го најавува вториот ексклузивен гастрономски настан. Барањата од гостите беа бројни, а импресиите од првото доживување силни — затоа овој уникатен настан се повторува, со нова магија, нова енергија и уште повпечатлив вкусен спектакл.

На 19 ноември (среда), „Порта“ повторно ја отвора вратата за едно поинакво гурманско уживање – Uncle Lee’s Private Sushi Experience се враќа во Прилеп.

Ова не е само вечера – ова е интимна средба со уметноста на јапонската кујна, водена од искусен грчки мајстор-шеф, кој секој залак го создава пред вашите очи – тивко, прецизно, со огромна посветеност кон вкусот и моментот.

Што значи Private Sushi Experience?

Прво, ова е вечер каде шефот сам ги избира деликатесите според свежината и сезонските намирници. Заборавете на стандардно мени – тука се создава нешто уникатно, само за оваа вечер.

Второ, атмосферата е интимна и ексклузивна – ограничен број гости, фокус на деталите, убаво сервирање и можност да гледате како се подготвува секој залак.

Трето, ова е интерактивно гастрономско доживување – вие учествувате во вкусното патување, од првото до последното суши, придружено со внимателно избрани пијалоци или традиционални јадења.

Private Sushi Experience – глобален тренд!

Ваквите концепти се сѐ почести низ Европа и светот: омаказе вечери во приватни амбиенти, суши мастер-класови, поп-ап настани со шефови кои го носат јапонското искуство до гостите. Идеални се за посебни прилики, романтични вечери или едноставно за вистински гастрономски љубители кои сакаат нешто повеќе од обична вечера.

Како дел од овој тренд, и Прилеп се вбројува на гастро-картата – благодарение на „Порта“, која повторно го носи ова искуство во градот.

Приклучете се ако сакате:

  • да го почувствувате сушито како уметност,

  • да уживате во ексклузивност и префинета атмосфера,

  • и да бидете дел од носењето на ново гастрономско доживување во Прилеп.

📍 Ресторан „Порта“ – 19.11 (среда)
📞 Резервирајте навреме: 078 368 111

Бројот на места е строго лимитиран — затоа што ова не е само вечера, ова е искуство што се памети.

Пронајдено тело на почината жена во нејзиниот дом во Прилеп

-На 16.11.2025 во ОВР Прилеп е пријавено дека домот во Прилеп е пронајдена почината Р.С.(64) од Прилеп. Лекар од Итна медицинска помош Прилеп констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата е дадено на обдукција. Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп, информираат од СВР Битола.

Три прилепски тимови вечерва можат да влезат во ТОП 20 на „Средношколец Милионер“

Дури три прилепски тима вечерва ја очекуваат конечната одлука дали ќе се пласираат меѓу ТОП 20 најдобри средношколски бизнис идеи и ќе продолжат во полуфиналето на најголемиот натпревар за средношколци досега во Македонија, „Средношколец милионер“ во кој учествуваат најкреативните и најамбициозните млади бизнис-иноватори од целата држава.

Прилепските претставници се:

„ReLife 3D“ – лидер Елена Роческа
„Local Lands“ – лидер Иринеј Трајкоски
„AI StockBroker“ – лидер Глигор Иваноски

По големиот број пристигнати апликации и над 34.000 гласови што ги собраа 53-те тимови во втората фаза од натпреварот, овие прилепски идеи се најдоа меѓу најистакнатите и вечерва влегуваат во финалниот избор за пласман во ТОП 20.

Тимовите што ќе продолжат понатаму ќе работат со врвни ментори од Brainster Group, ќе го подготвуваат својот полуфинален elevator pitch од 90 секунди пред основачот на Brainster, Петар Ниновски, а најуспешните ќе настапат и во големото финале пред пет инвеститори.

Прилеп има силни претставници кои можат да стигнат далеку. Следете ја вечерва официјалната објава и поддржете ги младите иноватори кои ја претставуваат нашата општина во трката за титулата: прв македонски средношколец милионер. Регистрирајте се тука: https://milioner.mk/event-top20

Почина Диме Чучуро – човекот кој ја врати душата на Саат Кулата во Прилеп и 12 години неуморно ги искачуваше скалите и ја одржуваше

На 74 годишна возраст почина Диме Чучуро – човекот кој му го врати животот на прилепскиот Градски Саат и се грижеше за него, како што и самиот велеше, како за свое дете.

-Го напушти овој свет во годината кога се одбележуваат 200 години од неговата изградба. Градскиот Саат, споменикот на култура заштитен со закон, е симбол и заштитен знак на Прилеп. Чучуро, пак, беше синоним за Саатот. Во 12-те години колку што го одржуваше, поправаше и водеше сметка за него, стрмните и тесни 63 камени и 23 дрвени скали од 55 метри високата градба, неуморниот Чучуро ги имаше искачено над 2.000 пати. Диме Чучуро беше еснаф чоек, коцка од мозаикот на прилепската Стара чаршија. Прилеп го сакаше, за „Победа“ живееше – напиша на ФБ новинарот Зоран Милошески.

Во 2013 година по неколку претходни неуспешни обиди, успеа да ги убеди челниците на градот да му дозволат да се качи во кулата, да го види механизмот на часовникот и да се обиде да го поправи. Пред него, на неколкумина инжинери од градот не им успеало да го направат тоа.

Чучуроски во една прилика за “РАЦИН.МК” ќе каже:, „часовникот не е пациент па да му каже на докторот што го боли, па потоа да оди на рентген или на магнетна и на снимките да ја откријат болката“.

Во таа 2013 година, тој наместо да бара делови за часовникот во Виена или Грац, од каде што се претпоставува дека е донесен механизмот за часовникот, тој со неколкумина занаетчии, дреари од Прилеп, ги направил деловите за кои бил сигурен дека треба да се заменат.

И навистина, со монтирањето на новите делови, срцето на часовникот во саат кулата во Прилеп, повторно почнало да чука. Од тогаш наваму, секој ден се огласуваат звучните тонови што го означуваат точното време секој час.

Нека почива во мир!

Во прилепската болница одбележан 17.Ноември – Светскиот ден на предвремено родените деца (Фото галерија)

Во просториите на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп “Борка Талески”, се одбележа Светскиот ден на предвремено родените деца.

Во оваа група спаѓаат сите новороденчиња пред полна 37ма гестациска недела.

Според статистиката, околу 13 милиони бебиња во светот се раѓаат предвреме. За да се намали таа бројка, клучен е пристапот на квалитетна нега во сите здравствени установи.

-Како докторка која секојдневно е сведок на почетокот на нови животи, знам дека секое предвремено родено бебе носи со себе приказна исполнета со борба, надеж и неверојатна сила. Тие бебиња, толку мали и кревки, но големи борци, ни покажуваат што значи да не се откажеш, дури и кога патот започнува потешко од очекуваното. Посебна почит до сите родители кои ја поминуваат оваа патека со треперен поглед, но со огромна љубов и надеж во срцето, како и храброст да се соочат со сите предизвици кои им претстојат. Вие сте столбот на нивните први победи.
Неизмерна благодарност до сите мои колеги, до цел медицински персонал кои со своето знаење, посветеност и човечност го држат светот на овие малечки стабилен и сигурен. Нека овој ден биде потсетник дека секое бебе, без разлика кога ќе пристигне е подарок и благослов од Бог. А ние сите заедно, ќе продолжиме да се бориме за нивниот прв здив, нивниот прв плач и нивните големи соништа и иднината која ги очекува
– напиша на ФБ, Д-р Билјана Кржеска, специјалист гинеколог – акушер, раководител на одделението за гинекологија и акушерство во прилепската болница.

Студенти аплицирајте! Објавен јавниот повик за 55.000 ваучери за набавка на електронски уреди

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информира дека е објавен Јавен повик за доделување вредносен ваучер за студенти за набавка на електронски уреди.

Андоновски во објавата на фејсбук потенцира дека според ветувањето на Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, објавен е јавниот повик од Владата за доделување ваучери во вредност од 15.300 денари за набавка на електронски уреди: преносен компјутер (лаптоп или All-in-One), таблет или персонален компјутер.

Кој има право да аплицира?

-Сите студенти на прв циклус студии државјани на Република Македонија;
-Запишани (редовно или вонредно) во учебната 2025/2026 година на државни или приватни високообразовни установи во земјата;
-Не постари од 29 години на денот на објавување на повикот.

Рок и број на ваучери

-Апликации се поднесуваат електронски преку порталот uslugi.gov.mk до 20 декември 2025 и/или до исцрпување на ваучерите.
-Вкупно 55.000 вакви ваучери ќе бидат доделени.
-Аплицирај сега и обезбеди свој уред за учење!

https://www.facebook.com/photo/?fbid=1424403473025408&set=a.325230472942719

За Светскиот ден на детето бесплатна детска претстава во Центарот за култура “Марко Цепенков”

На 20 ноември 2025/ четврток/ од 11.00 и од 12.00 часот, по повод Светскиот ден на детето во ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде прикажана претстава „ТРИ“ – прва професионална претстава на знаковен јазик за деца. 

Претставата четири години е активна на македонската сцена со цел децата кои припаѓаат на глувонемата заедница да им  понудиме да уживаат  во театарската уметност на нивниот мајчин јазик, односно македонски знаковен јазик, но исто така и за останатите деца кои имаат прилика преку актерската интеракција да ја научат знаковната македонска азбука.

Во претставата, актерите паралелно говорат и интерперетираат на македонски знаковен јазик. Претставата има дидактички карактер, во кој децата во интеракција со актерите ја учат знаковната македонка азбука. 

Главната тема е современата еколошка катастрофа што ѝ се заканува на нашата планета. Трите самовили — Розе, Лила и Синка, кои ја надминуваат јазичната бариера меѓу јазикот на тишината и говорниот јазик на Ѕвонко Бонбонко, стануваат пријатели и заедно се обидуваат да го исчистат расфрланиот отпад што се наоѓа насекаде.

Нивната мисија е да го сортираат отпадот и да го одложат во соодветни канти за рециклирање, со цел за живеење во здрава средина — со чист воздух, чиста вода за пиење и чиста почва за одгледување здрава храна.

Податоци за претставата:

„ТРИ„

Автор и режија Јован Ристовски

Костимограф: Марта Дојчиновска

Маскер: Стефанија Илиевска

Играат: ЛИЛА – Сандра Грибовска

РОЗЕ – Маја Андоновска Илијевски

СИНКА – Анастазиа Христова

SВОНКО – БОНБОНКО – Никола Пројчевски

Тутор по знаковен јазик Сузана Станоевска

Продукција: ATO Центар Битола

Гостувањето е поддржано од GIZ North Macedonia во соработка со Ambassade de France à Skopje.

Две проекции на филмови во киното “Мис Стон” во Прилеп

Репертоар на кино “МИС СТОН” Прилеп:

На 20 ноември 2025/ четврток/ од 19.00 часот во киното Мис Стон ќе се прикажува филмот „Ветена земја“.
Влезниците ќе се продаваат на билетарницата од киното Мис Стон секој работен ден од понеделник од 10 до 13 часот и од 17 до 19.00 часот, и еден час пред проекцијата на филмот.

За филмот:

Приказната за данскиот војник и истражувач Лудвиг Кален, кој го истражувал и одгледувал данскиот див Јитланд, кој сега го опфаќа огромното мнозинство на земјата, во средината на 18 век.
Оригинален наслов:Bastarden
режија: Nikolaj Arcel
улоги: Mads Mikkelsen, Amanda Collin
премиера: 17.10.2024
времетраење: 127′
земја: Шветска, Данска, Норвешка, Германија
жанр: историска драма, биографски
Категоризација: Четврта категорија

На 22 ноември 2025/ сабота/ од 12.00 часот во киното Мис Стон ќе се прикажува извонредниот филм анимација „Поплава„.
Влезниците за филмот ќе се продаваат на билетарницата од киното секој работен ден од 10.00 до 13.00ч. и од 17 до 19.00 ч. и еден час пред проекцијата на филмот.

За филмот:

Мачката е осамено животно, но бидејќи нејзиниот дом е уништен од голема поплава, таа наоѓа засолниште на брод населен со различни видови и ќе мора да се здружи со нив и покрај нивните разлики.
Оригинален наслов:Straume
режија: Gints Zilbalodis
времетраење: 85′
земја: Литванија, Белгија, Франција
жанр: анимација
Категоризација:Прва категорија