Вечерва сите погледи ќе бидат насочени кон рингот во спортската сала „Младост“ во Неготино, каде што од 18 часот ќе се одржи големиот меѓународен боксерски настан „Balkan Boxing 13“. Мерењето пред натпреварите е успешно завршено во хотелот „Grey Star“ во Неготино, а боксерите се подготвени за нова вечер исполнета со професионални пресметки.
Посебно внимание на домашната публика ќе привлече настапот на прилепчанецот Матеј Чатлески, кој вечерва ќе ја претставува Македонија во рингот и ќе има можност да го продолжи својот одличен професионален победнички низ.
Чатлески досега има три професионални настапи и три победи. На претходното издание на „Balkan Boxing 7“ во Бор го совлада Милош Јањанин, а претходно беше поуспешен и од Срѓан Зариќ и Стефан Марич.
Вечерва пред него е нов предизвик, овојпат пред домашната публика, која ќе има можност да му даде поддршка во обидот да ја продолжи победничката серија и достојно да ги брани боите на Македонија.
На мерењето, Чатлески имаше 83,6 килограми, додека неговиот противник, босанскиот боксер Леон Мариќ, измери 84,9 килограми. Нивниот дуел ќе биде една од најинтересните пресметки на вечерта, веднаш зад главната борба, што дополнително ја зголемува важноста на настапот на прилепчанецот.
На програмата на „Balkan Boxing 13“ се вкупно пет професионални борби, со учество на боксери од повеќе земји. Главната борба ќе биде дуелот во шест рунди меѓу Србинот Алмир Мемич (6-0) и Словакот Борис Недбал (6-4).
На програмата се и:
– Марко Краљевич (Хрватска) – Демир Гуламич (БиХ)
– Санел Хасанович (Србија) – Динел Фејзиќ (БиХ)
– Вук Вукајлович (Србија) – Филип Достанич (Србија)
Особено внимание привлекува и настапот на Хасанович, кој во професионалната кариера има 10 победи, еден пораз и едно реми.
Настанот започнува вечерва во 18:00 часот во спортската сала „Младост“ во Неготино, а сите љубители на боксот ќе можат да ги следат борбите и преку директен телевизиски пренос на Arena Fight.
Среќно, Матеј! Прилеп вечерва ќе навива за тебе!




























