Прилеп и Долнени повторно ќе бидат во знакот на македонската традиција, изворната песна и звуците на народните инструменти со 52. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Годинашното издание на фестивалот ќе се одржи на 22 мај (петок) во Прилеп и на 23 мај (сабота) на Рудина во Долнени, каде што се очекува настап на повеќе од 250 изведувачи од сите краишта на Македонија.
Свеченото отворање е закажано за петок од 18 часот пред Камената бина на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, додека втората фестивалска вечер ќе се одржи во сабота од 18 часот на традиционалната сцена на Рудина, Долнени. Во случај на несоодветни временски услови, првата фестивалска вечер ќе се одржи во Големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Фестивалот „Пеце Атанасовски“ повеќе од пет децении претставува чувар на македонскиот изворен мелос, традиционалната песна и свирењето на гајда, кавал, тапан и кемане, пренесувајќи го богатото културно наследство на новите генерации.
Во рамки на фестивалот, на 20 и 21 мај во спомен-куќата на фестивалот во Долнени ќе се реализира и работилница за изучување на изворниот мелос, наменета за млади љубители на традиционалната музика.
И оваа година ќе бидат доделени награди за најуспешните учесници, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие престижната награда „Гајдата на Пеце“, која ја доделува Општина Долнени.
























