-Денеска (07.01.2023) во 03.40 часот пред угостителски објект во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода С.Б.(19) и И.Т.(21), двајцата од Битола, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја и нож. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од СВР Битола.
По 17-ти пат 500 дечиња на заедничка трпеза го славеа Христовото paѓање во Прилеп (Фото галерија)
Во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, традиционално по 17-ти пат во Прилеп, 500 деца се дружеа на свечен Божикен Ручек и го славеа Христовото раѓање.
На оваа прослава Детската Амбасада за Сите Деца во Светот го доделува најпрестижното признание за општествена одговорност ОРДЕН ЗА НОСИТЕЛ НА МИРОТ. Оваа година ова меѓународно признание го доби компанијата „Кромберг и Шуберт“ од Битола.
Оваа година традиционално гости беа петстотини деца од целата територија на нашата држава кои на заедничка трпеза го празнуваа Божик, денот на Христовото раѓање и на таа заедничка трпеза седнаа деца од различни целни групи, како и истакнати деца – членови на Детската Амбасада. Децата беа од Прилеп, од Скопје, Битола, Тетово, Крушево, Охрид, Струмица и од другите градови и општини ширум државава.
-Како и секоја година нашата порака е во рамките на нашето мото „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помеѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество. Бидејќи децата се нашата иднина.
Вредностите кои се промовираат со самиот настан се: еднаквоста, љубовта и мирот помеѓу децта. Тоа пак води до нашиот постулат на програмските задачи на Детската Амбасада дека сите деца се исти и еднакви во остварувањето на нивните права, односно дека ништо не е позначајно од среќата на детското лице, па затоа на оваа Божикна трпеза заедно се дружат деца од другите верски заедници, од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката, кои заедно ќе се дружат и ќе празнуваат – велат од Детската Амбасада за сите деца во светот.
Божикниот Ручек го благослови Неговото Високо Преоствештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар, а на сите деца им беа доделени пакетчина за слатки сеќавања на Божикниот Ручек, за кои се погрижи Градоначалникот на Општина Прилеп г-дин Борче Јовчески.
Како и минатата година, така и оваа за збогатување на свеченоста се погрижија од танц студио „Зодијак“ од Прилеп. На оваа свечена манифестација и оваа година забавниот дел го збогатија и малите ангелчиња Илина и Јована Николовски од Скопје.
И оваа година, покрај добитникот на Орденот за носител на мирот, се додели и ПЛАКЕТА ЗА ПРИЈАТЕЛ НА ДЕЦАТА, за кои Детската Амбасада за Сите Деца во Светот одлучи да ги додели на: Прилепска пивара од Прилеп и Танц студио „Зодијак“ од Прилеп.
-Организацијата на овој 17-ти по ред Божикен Ручек за успешно се реализира благодарение на пријателите на децата и Детската Амбасада, ЕЛС на Општина Прилеп, Алкалоид А.Д. од Скопје, Кромберт и Шуберт од Битола, Прилепска Пивара од Прилеп, Млекара А.Д. Битола од Битола, Винчини од Виница и Фан продукција Зоран од Прилеп. Медиумски покровители на овој настан се: Канал 5 Телевизија, Македонската Радио Телевизија, Наша ТВ Телевизија, Тера Телевизија, Радио 5 чоки и Радио Пела, веб порталите Слободен печат, Шеталиште, Маркукуле и Инфокомпас – велат од Детската Амбасада за сите деца во светот.
Божик не е руска салата!
Кога Христос се воплоти и за прв пат дојде меѓу своите чеда, своите не го препознаа, веројатно, затоа што не дошол на начин каков што „своите“ очекувале. И, „своите“ пропуштија шанса … шанса за вечноста.
Сепак, Христос не престана да им дава и други шанси на „своите“, да се овоплотува и, пак и пак, да доаѓа меѓу нас. Секој Божик доаѓа и непрестајно не’ повикува да се сеќаваме, не’ повикува да се присетиме на Бога и, да Му се вратиме.
За жал, чинам дека и после повеќе од две илјади години, пак и пак, не Го препознаваме Христа. Ниту како поединци, ниту како народ. Постојано најдуваме некакви оправдувања, немаме време, па виновен ни е овој или оној … И тоа е нашата трагедија.
Впрочем, дали воопшто ќе го доживееме раѓањето на Спасителот во Божикната ноќ или тој момент целосно ќе го пропуштиме и ќе ни „побегне“ во празничното“ шаренило!? Дали овие денови, ја разбираме суштината на Божик или се само неработни денови во годината? Дали сме подготвени за уште едно раѓање на Спасителот? Дали правилно се подготвивме за Божик? Дали постевме, се молевме или многу утра ги преспавме и прескокнавме служби, исповеди? Дали на божиќната Литургија ќе се причестиме (соединиме) со Богомладенецот?
За жал, според се’, Божик на многумина им е сосема доволен и без новородениот Исус. Токму така! А знаете ли зошто? Затоа што сè уште не сме ја разбрале суштината на Божик. Божик, драги мои, не е руска салата, колачи или торти чии имиња не ни ги знаеме; не е ниту предбожикното коледарско палење оган, печењето колбаси и неконтролираното пиење алкохол; не е ниту претераното трошење и купување; не е ниту во преполната бадникова или божикна трпеза (иако, за волја на вистината, тоа во Македонија е ретко видена слика), ниту во подарувањето парфеми, мобилни телефони, и други подароци.
Божик е да се биде пријател, да се биде добар сосед. Божик е кога болниот, босиот, гладниот, напатениот … нашиот ближен, може да смета на нас. Божик е кога си подаруваме љубов. Зашто, и покрај сиот луксуз, многумина се гладни за таа љубов. Од тоа што го имаме треба да им дадеме на оние што немаат. Тоа ќе го нахрани срцето, а не стомакот. Тоа ќе го разубави нашиот и нивниот Божик повеќе од кој било специјалитет. Затоа да даруваме, ама пред се’, да даруваме љубов, зашто љубејќи го ближниот, го љубиме Христа кој вели: „Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за мене сте го направиле (Мт. 25.40).“
Затоа, Божик не е само повик за сеќавање и радост ами и повик за пружање љубов кон луѓето околу нас, зашто човекот, не само од љубов е создаден, ами и за љубов.
Па така, драги мои, да ги исполнеме срцата со љубов и да го возљубиме Христа Бога во нашите ближни!
И не, оваа порака не е задоцнета, зашто Божик не е само ноќва и во текот на утрешниот ден, ами може да биде во текот на целата година. Љубовта кон Исус и нашиот ближен не е ограничена само на еден ден во годината. Божк е можен и во други денови. Тоа е раѓањето на Христос во мене, овде, сега и денес. Секој момент кога моето срце ќе биде негови јасли!
Драги мои, светлината божиќна да не’ осени со благословот од Богомладенецот и заедно со нашите семејства, роднини, пријатели, домови и сите ближни, да не дарува со мир, добра волја, здравје и љубов, љубов, љубов …
Со овие молитви ви посакувам среќни Божикни празници!
За многу години Македонци! ХРИСТОС СЕ РОДИ!
в.д. старешина на храмот Св. Петка – Точила, Протоереј Љупче Петрески
Христос се poди! Честит Божик и за многу години!
Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово – Божиќ. Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ќе богослужи литургија на Св. Василиј Велики.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј кон крајот на декември првпат во историјата божиќното посланието го објави и на македонски јазик, откако на 9 мај лани Светиот синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од патријархот Вартоломеј одлучи да ја отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, признавајќи ја црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставувајќи канонско и литургиско општење со неа.
Патријаршијата, при тоа, остави Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Со ваквата одлука МПЦ-ОА се врати во канонско единство со другите православни помесни цркви и беше призната како канонска црква, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Една недела по ваквата одлука на вселенскиот патријарх, Синодот на СПЦ соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на МПЦ, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година.
Во јуни минатата година во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот охридски и македонски Стефан ја одржаа прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по приемот на МПЦ-ОА во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви.
По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди!
Eве кое е значењето на Бадник и Бадниковото гранче
Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.
Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенското значење – да бидеш буден.
И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.
Кога станува збор за обредните елементи поврзани со Бадниот ден и Бадник, мора да се има предвид дека тоа се комплексни обичаи кои се случуваат неколку ден пред Бадниот ден, но и по него и сврзани се со обележување на раѓањето на Исус како симболза новото Сонце – новата година.
Самото најавување на доаѓање на новото божество започнува на Св. Игнат. Од тој ден па се до Бадна вечер нашите предци палеле оган среде село и на врвовите на брдата за да го осветлат патот, како божеството не би го заобиколило нивното село.
На ден пред Бадник ритуално жените се подготвувале за месење на обреден леб (се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, кој што го нарекувале Божја брада) и се чувал поврзан со црвени конци. На тој ден се одбира и домашно животно кое ќе биде „жртвувано“ за Божик, како и опрема за сечачот на Бадникот.
Во најголем дел кај Јужните Словени, како традиција за Бадник е сечење на младо дабово дрво, сер, а поретко бука или ела. Најчесто се сечел еден бадник, но во некои краеви се сечеле и три, а забележано е и сечење на девет бадници во Херцеговина. Постои и специфичен обичај да се сечат гранки според бројот на машките членови на семејството.
Сечење на Бадникот е обвиткано со многу строги обредни правила: по Бадникот се одело рано наутро и најчесто одел домаќинот. Бидејќи одење по бадниково дрво представувало еден од најважните чинови, домаќинот бил облечен во нова облека.
Сечачот на Бадникот пред сечењето не зборува, а кон Бадникот пристапувал со поздрав и обраќање за на тој начин го побратими или велича бадникот. Бадниково дрво се сечело секогаш од источната страна. При сечењето се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни апотропејни моќи.
Бадникот не се внесува во куќата се до првиот самрак и најчесто се оставал потпрен на ѕид.
Внесување на бадникот е проследено со обредно внесување на сламата и сито кое е наполнето со суви овошја со кои се посипувал бадникот, а потоа со ситото се ставало на трпезата или до огништето.
При внесувањето на Бадникот домаќинот ги поздравува домашните, а тие го поздравуваат Бадникот со благослови. Одејќи со сламата низ куќата домаќинот ја имитирал квочката, а домашните го следеле со ономатопеја на пилињата. На тој начин се барала подршка од натприродните сили за благосостојба и плодност.
По вечерата Бадникот се ставал во огниште да гори и најчесто домашните го чувале цела ноќ. Во некои краишта Бадникот се полевал со мед, во други на него се ставала златна пара. Во некои краишта, Бадникот не се оставал да догори до крај и неговиот остаток се чувал како силен апотропеон за болести, заштита од штетници и слично.
Името на Бадникот доаѓа од зборот бдеење, кое било својствено за практиката бадникот да гори цела ноќ со што неговите моќи се пренесувале на огништето кое го симболизирало семејството и напредокот.
(Видео) Бадник кој ќе се памети засекогаш во Македонија!
Небојша Петревски професионален фотограф од Гостивар со неговиот тим пред две години го доловија најубавиот Бадник кој Македонија некогаш го видела.
Прекрасниот настан се одржа во Гостивар, каде најпрво дента голем број деца ја поведоа бадниковата поворна низ улиците на градот, а вечерта имаше и бадникарски огномет од црквата Св. Богородица.
Ова е нешто што не се гледа секогаш, а благодарение на професионалноста на Небојша, Боби Лазарески, Александар Нешкоски и Оле Петровска, има што да видеме.
Настан како овој заслужува да биде споделен со публиката безброј пати!
Уживајте:
Maлите ангелчиња и во Битола го најавија Христовото paѓање (Фото галерија)
Поаѓајќи од пред Офицерскиот дом, низ Широк Сокак со ангелски глас низ кој одѕвонуваше Божиќната песна „Вечниот бог“, Бадниковата поворка, внесе радост и во Општина Битола.
Младите гласници на најубавата вест, во општината беа пречекани од заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска и советниците Анета Ѓоргиевска и Борче Корлевски, кои им поделија коледарски пакетчиња.
Величенствен настан во Кавадарци: Граѓаните се собраа на заеднички бадников ручек на градскиот плоштад (Фото галерија)
Под мотото „Ајде да се собереме, никој не треба да биде сам за Божиќ”, Општина Кавадарци денеска организираше ручек на градскиот плоштад.
Идејата за бадниковиот ручек беше на Горан Филипов, еден од готвачите во ресторанот „Моклиште“ кој заедно со уште неколкумина познати професионални готвачи од Македонија ќе се потрудат да го реализираат бадниковиот ручек и за момент да им го доловат празничниот дух на кавадарчани, кои се без семејство, без дом, без полна трпеза, сами и осамени, со надеж дека бадниковиот ручек ќе продолжи да се организира и наредните години – информираат од општина Кавадарци.
Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев кој ја поддржа оваа идеја, вели дека биле обезбедени и оброци за изнемоштени лица од социјално ранлива категорја кои неможеле да присуствуваат на настанот.
Но тој посочува дека овој настан не бил наменет само за социјално загрозените лица туку и за дружба помеѓу сите луѓе.































































