дома блог страница 128

Две злата за прилепскиот карвинг мајстор од најголемиот гастрономски натпревар на Медитеранот (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Тимот на “Гастромак” Maкедонија и оваа година во одлично светло се претстави на најголемиот гастрономски натпревар на Медитеранот ,,Бисер мора”, кој се одржува на Брач во Супетар. Ова беше 21. издание на натпреварот, а дел од македонскиот тим како и по обичај беше прилепскиот карвинг мајстор, Влатко Алексоски.

Алексоски се натпреваруваше во две категории: АРТИСТИКА и Live Carving, и се закити со 2 златни медали.

На натпреварот присутни беа над 500 мајстори од голем број земји, а ремек делата ги оценуваа 50 судии.

Ова е уште еден голем подвиг за нашиот прилепчанец, кој и во изминатите години освојуваше медали и признанија, не само на овој натпревар, туку и на други натпревари во регионот.

Честитки Влатко и желби за уште поголеми успеси во иднина!

Детето со ангелски глас од Прилеп е осамено: „Сакам да одам во Скопје… можеби таму децата ќе ме сакаат“

Во време кога постојано зборуваме за емпатија, прифаќање и еднакви можности, реалноста понекогаш нè потсетува колку уште треба да учиме – не децата, туку ние возрасните.

Ова не е приказна за попреченост. Ова е приказна за осаменост. За едно дете кое секој ден оди на училиште со желба да биде дел од друштвото, но наместо тоа – стои само на одмор.

Апелот не е насочен кон осуда, туку кон будење на свеста кај сите родители. Затоа што токму од нас започнува сè – начинот на кој нашите деца гледаат, прифаќаат и се однесуваат кон другите.

Приказната за Димитар Иваноски, 13-годишно момче со ангелски глас од Прилеп, е потсетник дека едно мало внимание, еден повик за игра, може да значи многу повеќе отколку што мислиме.

Во продолжение, ви го пренесуваме статусот на неговата тетка кој предизвика огромен интерес:

Ретко пишувам и несакам да должам многу, но толку сум лута, не на децата туку на нас родителите… Се работи за мојот внук Dimitar Ivanoski (детето што пее ) на вас на некои познат, на некои не (небитно) Димитар е дете со попреченост (96% слеп). Денес сакам да споделам нешто што многу ме допре како тетка и како човек.

И после се, тој се труди, учи, оди на училиште како и сите други деца. Но има нешто што многу повеќе боли од самата попреченост…

Осаменоста.

Ми кажа дека на секој одмор стои сам. Додека другите деца играат, разговараат и се смеат, тој стои на страна. Не затоа што не сака да биде со нив, туку затоа што не е прифатен.

Пред некој ден ни кажа нешто што ни го скрши срцето(мене како тетка,а замислете како е да сте во кожата на неговите родители): „Сакам да одам да учам во Скопје во училиштето за слепи деца… можеби таму децата ќе ме сакаат и ќе ме разберат“

Замислете дете од само 13 години да мисли дека мора да оди на друго место за да биде прифатено.Ова го пишувам не за да обвинувам некого, туку за да ги потсетам сите нас – родителите. Ние ги учиме нашите деца какви луѓе ќе бидат. Ние сме тие што можеме да им покажеме дека различноста не е причина некој да биде оставен сам.

Разговарајте со вашите деца. Научете ги да подадат рака, да поканат некого во игра, да бидат пријатели со оној што можеби е малку поразличен.

Понекогаш едно „Ајде играј со нас“ може да му го промени целиот ден на едно дете. Сите деца заслужуваат пријателство, насмевка и чувство дека припаѓаат.

Ако овој текст допре барем до еден родител и едно дете утре му пријде на некое осамено дете на одмор – тогаш вредеше да го напишам.

И да СПОДЕЛЕТЕ слободно, можеби ќе стигне до некого кому му треба да го прочита.

А ти Димитар продожи по патот на звездите и со твојот ангелски глас продолжи да освојуваш светски сцени и покажи дека небото е граница,за да еден ден твоите соученици покрај се бидат горди на тебе…. Те сакаме.

Во Македонија се живее пет години помалку отколку во ЕУ, жените подологовечни од мажите

Очекуваниот животен век при раѓање во Европската Унија изнесува 81,5 години, додека во Македонија 76,6 години. Оваа бројка се разликува од регион до регион, па така највисок очекува животен век има шпанскиот регион Комунидад де Мадрид, со 85,7 години, додека најмал има во Северозападен регион во Бугарија со 73,9 години.

Жените на ниво на ЕУ се очекува да живеат 5,2 години подолго од мажите, додека во Македонија 4,4 години. Овој јаз значително варираш меѓу земјите од ЕУ, па така во Латвија, се очекува жените да живеат 9,8 години подолго од мажите, додека најмал родов јаз има во Холандија – 2,8 години.

Според поатоците на Еуростат, во 2024 година, очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ е 81,5 години, што укажува на зголемување од 0,1 година во однос на 2023 година. Очекуваниот животен век се намали во 2020 година (80,4 години) и 2021 година (80,1 години) поради пандемијата COVID-19, но оттогаш се опоравува и достигна вредности повисоки отколку во 2019 година (81,3 години).

За жените, очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ бил 84,1 години во 2024 година, додека за мажите бил 78,9 години.

На регионално ниво, четири региони имаат очекуван животен век од 85 години или повеќе: шпанскиот регион Комунидад де Мадрид, со 85,7 години, и италијанските региони Провинција Автонома ди Тренто и Провинција Автонома ди Болцано/Бозен и регионот на шведската престолнина Стокхолм, сите со 85,0 години.

Спротивно, меѓу 5-те региони на ЕУ со најнизок очекуван животен век при раѓање, 3 беа во Бугарија: Северозападен (73,9 години), Северен централен (74,9 години) и Североизточен (75,4 години). Другите 2 беа Мајоте во Франција (74,5 години) и Ешак-Маѓароржаг во Унгарија (75,1 години).

Во 2024 година, очекуваниот животен век при раѓање за жените во ЕУ достигна 84,1 години (зголемување за 0,1 година во споредба со 2023 година), додека за мажите беше 78,9 години (+0,2 години). Ова укажува дека се очекува жените да живеат 5,2 години подолго од мажите.

Овој јаз значително варираш меѓу земјите од ЕУ. Во Латвија, се очекува жените да живеат 9,8 години подолго од мажите, по што следуваат Литванија (8,6 години) и Естонија (8,4 години). Најмали родови јазови има во Холандија (2,8 години), Шведска (3,1 година) и Ирска (3,4 години).

Еуростат нема податоци за проценка на животниот век на населението во Северна Македонија за 2024 година, додека според податоците од Статистичкиот годишник за 2025 година на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век за периодот 2022-2024 е 76,63 години, со тоа што животниот век на жените е 78,86 години, а на мажите за 4,4 години помал 74,48 години.

Очекуваната должина на животот при раѓање бележи раст од 1,3 години, споредено со периодот 2021-2023 година кога изнесувал 75,32 години и 2,2 години споредено со периодот 2020-2022 година.

Во 2021 е заблежан пад на очекуваниот животен век во земјава за три години и пет месеци во спроредба со 2018 кога изнесувал 76,7 години.

Викенд планот на прилепчани – Жива музика, прекрасен саботен поглед и кафе дружба, за моменти што ќе се паметат

Терасата во која се вљубија сите генерации во изминатиот период, и за овој викенд ја има формулата за совршен помин во срцето на Прилеп.

Викендот стартува динамично – со настап на МЕТРОПОЛИС БЕНД. Дечките од Прилеп како и секогаш, така и овој петок ќе ја кренат атмосферата и ќе ги размрдаат сите генерации!

Саботата е резервирана за акустично уживање со Боби и неповторливиот вокал на Никола Димески, комбинација која гарантира емоции и одлична атмосфера.

А помеѓу двете живи свирки…

Не пропуштајте го саботното кафе со еден од најубавите погледи во градот – кон прилепската Саат Кула и Старата чаршија. Совршено место за попладневно уживање со пријателите, блиските и семејството.

📞 Резервирајте навреме на тел.бр. 070 304 967 ВАШАТА ТЕРАСА ве очекува!

Кошарката во Прилеп доби 4.000 евра “ваучер” за двете категории за цела година

Кошарката во Прилеп доби субвенција од нешто над 4.000 евра за двете категории за цела година од Министерството за спорт – сума која реално е недоволна за сериозен развој и напредок.

Станува збор за Мега Баскет Прилеп, клуб кој се натпреварува во Првата кошаркарска лига, и кој со ограничени ресурси се обидува да одржи континуитет и да изгради конкурентен тим. Згора на тоа, eкипата игра во училишна спортска сала, со оглед на тоа дека Прилеп веќе одамна ги нема на располагање двете големи спортски сали – “Универзална” и сала “Македонија”.

Иако поддршката од Министерство за спорт на Македонија е значајна како сигнал, во пракса оваа сума не овозможува ниту основни услови за напредок, а камоли борба за пласман во елитниот ранг.

Доколку навистина сакаме кошарката да се врати на местото кое некогаш го имаше, потребна е многу посериозна и системска поддршка.

Затоа, апел до локалната самоуправа во Прилеп, како и до бизнис секторот: време е за поголема вклученост и инвестиции во спортот. Кошарката има потенцијал, има традиција и има публика – но без конкретна поддршка, тешко дека ќе се направи чекор напред.

Прилеп заслужува повторно да има свој претставник во највисокиот ранг на натпреварување.

Ако бараш совршен викенд со врвна музика и храна – ова е твојата дестинација

Постојат викенди што минуваат незабележливо… и постојат оние што се паметат по атмосферата, по музиката и по луѓето со кои сте ги споделиле. Викенди кога времето застанува барем на момент, а секоја нота носи емоција повеќе. Токму такво доживување ве очекува во Ресторан Порта – место каде што добрата храна, пријатниот амбиент и внимателно избраната музика создаваат совршен спој.

Овој викенд не е обичен. Тој носи две вечери исполнети со искрена емоција, македонски мелос и музика што се слуша со срце.

🎶 Во петок (20.03.), сцената им припаѓа на маестралните Лидија Паскова и Ване Биков од ОРИЕНТАЛ бенд – вечер исполнета со безвременски македонски песни, топлина и ритам што допира до душа.

🎤 Сабота е резервирана за енергијата што ги спојува луѓето – Група МАРИФЕТ, состав кој секоја дружба ја претвора во вистинска прослава, со музика што се пее и се памети.

✨ Дозволете си викенд што ќе го раскажувате. Соберете ги пријателите, резервирајте ја вашата маса и бидете дел од приказната во Порта.

📞 Резервации: 078 368 111

ДОСТОЕН! Владиката Никола избран за Митрополит Австралиско-новозеландски

Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на денешната седница го избра Епископот Велички г. Никола за Митрополит Австралиско-новозеландски.

Новоизбраниот Митрополит Никола е роден во 1974 година во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје. Остварува двогодишен студиски престој на Катедрата по византологија на Карловиот универзитет во Прага, каде се образува во областа на средновековната литература.

Замонашен е во манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе во 1998 година. Истата година е ракоположен во ѓаконски чин, а идната година во свештенички чин. Ракопроизведен е во игуменско достоинство во 2006 година и поставен е за старешина на манастирот „Свети Никола“ во Мариово. Од почетокот на 2008 година активно се посветува на ревитализацијата на овој манастирски комплекс, се прават редица конзерваторско-реставраторски зафати во црквата, се обновува богослужбениот и духовниот поредок, се развива манастирската економија.

Во 2008 година на Богословскиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Софија го одбрани магистерскиот труд „Придонесот на руското духовништво за црковниот живот во Македонија во 20-иот век“, кој е објавен на македонски и руски јазик. Докторант е на истиот факултет.

Во 2012 година е ракопроизведен во чин архимандрит.

Во 2023 година е избран за викарен архијереј на Преспанско-пелагониската епархија, со титулата епископ Велички, а во 2024 година во соборниот храм „Свети великомаченик Димитриј“ во Битола е ракоположен во епископски чин.

Објавува текстови и учествува на научни собири и конференции во Македонија и вон државата на теми од областа на средновековна и понова црковна историја, агиографија и црковна книжевност. Член е на повеќе значајни архиепископски и епархиски црковни тела и органи.

Австралиско-новозеландска епархија е една од 15-те епархии на Македонската православна црква. Таа е една од четирите епархии надвор од Македонија и има јурисдикција за териториите на Австралија, Нов Зеланд и териториите околу нив. Од 1995 година администратор на епархијата е Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар.

Таи Чи и Чи Гонг како безбедна и ефикасна практика за време на бременоста – Кинески гости во прилепска гинекологија (ФОТО)

По повод Светскиот ден на Таи Чи и Чи Гонг (World Tai Chi and Qigong Day), во просториите на Школата за трудници при ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп се одржа настанот „Спокојни почетоци“, во организација на УНФПА, Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, во соработка со болницата.

Настанот беше посветен на унапредување на здравјето и благосостојбата на бремените жени, со акцент на Таи Чи како безбедна и ефикасна практика за време на бременоста. Идните мајки и нивните партнери имаа можност да се запознаат со придобивките од оваа древна техника, која ги обединува нежното движење, правилното дишење и менталната релаксација.

Трудниците имаа можност да се запознаат со придобивките од оваа древна техника преку стручни предавања и практична сесија водена од сертифициран инструктор, како и да добијат едукативни материјали за примена на здрави навики и во домашни услови.

-Како Одделение за гинекологија и акушерство, остануваме посветени на воведување современи и сеопфатни пристапи за грижа за здравјето на жените, со цел да обезбедиме најдобар можен почеток за секое ново семејство, вели Д-р Билјана Кржеска, началник на прилепска гинекологија.

Здравите насмевки почнуваат од детството: Прекрасен хепенинг со многу забава и дружење во Прилеп (Фото/Видео)

Во Домот на културата Марко Цепенков во Прилеп се одржа едукативен и разигран хепенинг посветен на оралното здравје, под мотото „ЧЕТКАЈ-БЛЕСКАЈ“, а во организација на ЈЗУ „Општа болница со проширена дејност“ – Прилеп.

Настанот, кој беше дел од одбележувањето на Светски ден на оралното здравје, обедини голем број ученици од основните училишта, дечињата од градинките „Наша иднина“, како и учесници од приватните едукативни центри. Со заедничка енергија и ентузијазам, тие испратија силна порака за важноста на редовната грижа за забите и оралната хигиена.

Посебен белег на настанот даде богатата и креативна програма, во која настапија учениците од Германски јазичен центар ERFOLG, како и ученици од основните училишта и други организации, кои преку музика, игра и едукативни содржини го збогатија настанот.

Во својот поздравен говор, д-р Јулијана Стевананџија истакна дека оралното здравје не е само прашање на естетика, туку суштински дел од целокупното здравје и благосостојба на човекот. Таа нагласи дека грижата за оралната хигиена кај децата претставува инвестиција во нивната иднина, овозможувајќи им здрав развој, самодоверба и поквалитетен живот.

„Здравата насмевка не е само одраз на убавината, туку и огледало на грижата што им ја посветуваме на најмладите“, порача таа, изразувајќи голема благодарност до сите кои придонесоа за реализација на настанот.

Хепенингот имаше волонтерско-донаторски карактер и беше реализиран со поддршка од превентивните стоматолошки тимови, наставниците, директорите, родителите и општина Прилеп, како и бројни општествено одговорни компании и организации. Посебна благодарност беше упатена и до Институт за јавно здравје на Република Македонија, со чија поддршка за првпат беше промовиран нов едукативен флаер за орално здравје.

Со позитивна енергија, насмевки и силна едукативна порака, настанот „ЧЕТКАЈ-БЛЕСКАЈ“ уште еднаш потврди дека грижата за здравјето започнува од најмала возраст – со четка, навика и знаење. Организаторите изразија надеж дека оваа иницијатива ќе прерасне во традиција, која секоја година ќе ги обединува најмладите во името на здравата насмевка.

Кривична за насилник од Прилеп – со остар предмет ја нападнал сопругата

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против З.С.(59) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 22.02.2026 во својот дом, пријавениот се обидел со остар предмет да ја нападне неговата сопруга, информираат од МВР.