дома блог страница 1266

Билјана Талеска: Здружението на земјоделски инжинери „АГРОНОМ 1947“- водечки центар на професионалци во земјава за развој на агросекторот

Здружението на земјоделски инженери „АГРОНОМ 1947“ е новоформирано здружение основано со цел зајакнување на соработката и координацијата меѓу земјоделските инженери во земјата.

За идеите, моменталните активности и плановите за делување на Здружението, AGROTIM разговараше со претседателот Билјана Талеска.

Агротим: Која беше идејата што ве мотивираше да го формирате ова Здружение?

Билјана Талеска: Идејата за основање на Здружението произлезе од група земјоделски инженери кои ја ценат и почитуваат својата професија и сакаат својот ентузијазам и љубовта кон унапредување на професијата да ги пренесат кон своите колеги, помладите генерации и пошироката јавност. Со покоординиран, заеднички и професионален пристап сакаме да покажеме дека професијата земјоделски инженер е атрактивна и особено значајна во развојот и модернизација на земјоделското производство во нашата држава.

Агротим: Која е визијата на Здружение на земјоделски инженери АГРОНОМ 1947 ?

Билјана Талеска: Нашата визија е Здружение да стане водечки центар на професионалци во земјата, кои работат заедно за да создадат конкурентен земјоделско-прехранбен сектор преку пренос на знаење, технологија, информации и иновации во секторот.

Поради тоа Здружението е посветено на зајакнување на соработката и координацијата меѓу земјоделските инженери, на препознавање и промоција на професијата, значајните достигнувања во секторот и влијание во процесот на креирање, следење и имплементирање на иновативни политики во земјоделството и руралниот развој.

Целото интервју прочитајте го ТУКА

Тешко него: Путин би можел да биде yaпceн ако дојде во Македонија

Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за воените злосторства извршени во Украина.

Иако МКС нема овластување да апси осомничени во Русија, оваа одлука многу ќе влијае на Путин, бидејќи ако не сака да биде уапсен, тој повеќе нема да може да оди во земји кои ја признаваат јурисдикцијата на судот во Хаг, вклучително и Македонија.

Имено, вчера судот во Хаг објави потерница во која се наведува дека рускиот претседател е одговорен за воени злосторства, а своите тврдења ги насочил на илегалната депортација на деца од окупирана Украина во Русија.

Овој редослед мора да го следат сите држави кои го потпишале договорот со кој е основан судот, познат како Римски статут.

Иако Русија не е една од земјите потписнички, според податоците на веб-страницата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, се дури 123 земји.

Меѓу нив се 33 африкански, 19 азиско-пацифички, 18 источноевропски и 28 земји од Латинска Америка и Карибите, како и 25 западноевропски и други земји.

Поточно, Римскиот статут го потпишаа: Албанија, Андора, Антигва и Барбуда, Аргентина, Австралија, Австрија, Авганистан, Бангладеш, Барбадос, Белгија, Белизе, Бенин, Боливија, Босна и Херцеговина, Боцвана, Бразил, Бугарија, Буркина Фасо , Кејп Верде, Камбоџа, Канада, Централноафриканска Република, Чад, Чиле, Колумбија, Коморските Острови, Конго, Кукови Острови, Костарика, Брегот на Слоновата Коска, Хрватска, Кипар, Чешка Република, Конго, Данска, Џибути, Доминика, Доминиканска Република, Еквадор, Ел Салвадор, Естонија, Фиџи, Финска, Франција, Габон, Гамбија, Грузија, Германија, Гана, Грција, Гренада, Гватемала, Гвинеја, Гвајана, Хондурас, Унгарија, Исланд, Република Ирска, Италија, Јапонија, Јордан, Кенија , Кирибати, Латвија, Литванија, Лесото, Луксембург, Либерија, Лихтенштајн, Мадагаскар,Македонија, Малта, Монголија, Малави, Маршалските Острови, Црна Гора, Малдиви, Маурициус, Мали, Мексико, Намибија, Науру, Нигер, Нигерија,Холандија Зеланд, Норвешка, Панама, Парагвај, Перу, Полска, Португалија, Јужна Кореја, Молдавија a, Романија, Свети Китс и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Самоа, Сан Марино, Сенегал, Србија, Сејшели, Сиера Леоне, Словачка, Словенија, Јужна Африка, Шпанија, Палестина, Суринам, Шведска, Швајцарија, Таџикистан , Источен Тимор, Тринидад и Тобаго, Тулис, Уганда, Велика Британија, Танзанија, Уругвај, Вануату, Венецуела и Замбија.

Доколку Путин отпатувал во некоја од овие земји, веднаш би бил уапсен.

Според Хаг, Путин, како и руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, се обвинети за илегална депортација на деца од окупирана Украина во Русија, што се квалификува како воено злосторство.

Нечовечлук без граници: Скопјанка добила отказ од работното место два месеци по породувањето

Скопјанка два месеци по породувањето добила отказ од работното место, по што останала дома со 2-месечно бебе, без примања. За оваа ситуација реши и јавно да се обрати на социјалната мрежа Фејсбук.

„Дефинитивно некој во државава си поигрува со нас жените, а 8ми март беше само пред 10 дена !!!
Постојат услови кои треба да се исполнат за жената да се стекне со право на исплата на трудничко; го правиш тоа, одиш бремена на работа секој ден, ги исполнуваш и заминуваш на породилно … Почнува исплатата на породилното со каснење на истото, по што добивам покана од ФЗО да ги вратам парите назад и дека ми се прекинува исплатата.

Останувам дома со 2 месечно бебе, без примања, ги контактирам сите можни институции и адвокати и дознавам дека правно не смее да има отказ за време на породилно боледување, пријавена на определено време во АВРМ.

Но, генералниот директор на фирмата каде што работев (Французин) дава полномошно на адвокати (Констадинович и Милошевски ) кои со токен влегуваат во системот на АВРМ и внесуваат отказ додека јас се опоравувам од царски рез бидејки ситемот не им дава информација дека сум на пордилно боледување.

За отказот дознавам од ФЗО преку покана за враќање на парите назад и прекин на исплата кој пaк добива преку М2 образец инфо од АВРМ и ја прекинува исплатата; отказ кој правно во никој случај не е издржан и не смее да се случи по закон“; пишува на Фејсбук мајката Филимена Бошковска.

„Ме советуваат да си ги барам правата на Суд; жена на која и следи породилно по закон и треба да е заштитена како ЖЕНА треба да дава дополнително пари за да си ги докаже правата на суд, иако останала без примања!!!
За правата на жената се работи, не дај Боже, некоја ќе остане на улица бидејќи треба кирија да плати и да купи млеко за бебето од парите што и следуваат од породилно.

Сакам да знам чија е одговорноста, на директорот на LDI Group од Франција, државата, адвокатите кои без грижа на совест го внеле отказот, АВРМ, ФЗО ???

Зборовите како, “Тоа ти е Македонија, ние не сме држава”, “Помири се” не се дел од мојот речник и нема да сопрам се додека не добијам одговори !!!“, пишува Бошковска на ФБ.

Пyкна “петарда” на градски во Прилеп: Победа доживеа ново понижyвање пред својата публика

Фудбалерите на прилепска Победа го доживеаја петнаесеттиот пораз сезонава, откако попладнево беа совладани со 1:5 од Силекс.

Ова е втор пораз за црвено-белите од кратовци во само две недели, откако претходно во рамките на 19-то коло, исто така на домашен терен беа поразени со 1:4.

Фаворитската улога Силекс денеска ја потврди уште во 6-та минута, со погодокот на Рамани, во самиот финиш на првиот дел прецизен беше и Серафимовски. Победа намали на 1:2 на самиот старт од вториот дел, кога прецизно стрелаше Јованов, и внесе ронка надеж кај навивачите, дека прилепчани би можеле да се надеваат на бодови од денешниот дуел.

Но, Силекс не мислеше така, па со 3 погодоци во последнит 15 минути од натпреварот и нанесе нов тежок пораз на Победа.

Најпрво Манасиевски, а потоа и Ѓорѓиевски со два погодоци, го оставија Силекс во трка за третото место на табелата кое носи излез во Европа.

Сега на црвено-белите им преостанува да се надеваат на нов пораз и на Скопје, кој утре игра на домашен терен против Шкендија, и со тоа да останат во трка за десеттото место на табелата, кое носи плеј-аут дуел.

Левица Прилеп побара вонреден инспекциски надзор во “Гентерм”: Добиле дојави за кршeње на работничките права

По анонимни дојави од неколку вработени во фабриката Гентерм, пред неколку дена ЛО Левица Прилеп испрати последно предупредување за прекин на незаконитото сменско работење со кое се предизвикува директна штета по здравјето на вработените а воедно се кршат и нивните работнички права – пишуваат од општинската организација на политичката партија Левица од Прилеп.

Соопштението од партијата го пренесуваме во целост во продолжение:

До нас беше пријавено дека од страна на раководството, вработените биле условувани со наводно задолжително одење на работа во сабота, примале закани со казни, биле присилувани да одат од трета смена во петок па во сабота втора смена која траела 10 часа и слично.

Според анонимната пријава, дополнително била креирана и друга смена во недела од 01:00 часот по полноќ до 06:00 часот и било барано веднаш да се вратат во понеделник на редовна смена. Следната пријава гласеше дека наводно во фирмата се откажале од праксата работниците да одат од 3-та па 2-ра смена но саботната смена од десет часа сѐ уште ќе се работела.

Инаку фабриката Гентерм Македонија ДООЕЛ е на листата компании на кои во минатото властите им одобрија државна помош, меѓутоа сумата не беше позната. Своевремено, според решението објавено од Комисијата за заштита на конкуренцијата, оваа компанија добила „грант во готовина во висина од XXX евра за покривање на трошоците за изградба на објектот и за креирање на XXX нови работни места“.

Освен паричната помош, Гентерм ги имаше добиено и сите други даночни и царински ослободувања што им ги даваше државата на странските компании во технолошко индустриските развојни зони.

ЛО Левица Прилеп како партија на народот и работниците ги повикува сите надлежни инспекции да ги констатираат евентуалните прекршувања на законот и истите да бидат казнети.
Секогаш во полза на граѓаните!

Мицкоски: Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има

При денешната посета на општина Охрид, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на власта за работни групи за уставни измени и дали смета дека тој процес треба да продолжи истакна дека уставни измени во овој пратенички состав под Бугарски диктат и во овие околности нема да има, а за сето ова што го прави власта ќе има и одговорност веднаш откако новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста во владата.

-Уставни измени во овој пратенички состав под Бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тоа што го прави власта е процес кој што на крајот ќе се удри во ѕид, односно ќе заврши неуспешно. Бидејќи ние предупредуваме веќе подолго време ако се сеќавате откако во јули минатата година во 2022 година одлучија да го направат тоа што го направија предупредивме дека тоа што го превземаат како обврска од името на сите нас, не само што немаат кредибилитет туку и не можат физички да го поминат. Тогаш се сеќавате правеа некакви реминисценции и потсетувања од времето на Преспа но ги предупредивме дека е друго време дека ова не е времето кога можеа да се договараат со одредени уценети политички поранешни структури кои што за жал функционирале во ВМРО-ДПМНЕ. Такви нема сега повеќе. Затоа ги предупредивме тоа да не го прават но за жал тоа го направија, потоа ако се сеќавате велеа ќе се отпочне процесот септември – октомври 2022, тоа не се случи потоа велеа кон крајот на годината декември, тоа не се случи па потоа го префрлија тежиштето во февруари, помина и февруари сега го префрлаат тежиштето на мај јуни еве јас ви велам дека тоа нема да се случи. Тоа нема да се случи ниту во мај ниту во јуни затоа што ние имаме принципиелен став од самиот почеток, создадоа проблем кој што не можат да го решат создадоа проблем кој што сите ние го имаме, и ако продолжат дополнително да го комплицираат ќе се треснат сите во една мртва улица но за жал тоа ќе биде еден огромен проблем за сите граѓани и за Македонија како држава, но јас еве ви ветувам дека за сето ова што го прават ќе има и одговорност веднаш откако новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста во владата, нагласи Мицкоски.

Клубот на литературни творци од Прилеп организира поeтска вечер

„На крилјата на зборот“ е поетската вечер што ќе се одржи на 21 март, вторник од 18.00 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“, на која со свои стихови ќе се претстават поети од Клубот на литературни творци – Прилеп.

Ќе се прочита и поезија од Ацо Шопов, македонски поет и преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија, по повод 100 годишнината од неговото раѓање.

Поетската вечер ја организираат ЦК „Марко Цепенков“ и Клубот на литературни творци – Прилеп по повод Светскиот ден на поезијата.

Чичко Зоранчо од Прилеп е вистински пример: Вчера даруваше кpв по стотти пат (ФОТО)

По повод 17 Март – Денот на крводарителите и Денот на Црвениот Крст во Република Македонија, во просториите на Општина Прилеп вчера се организираше крводарителска акција, во соработка со Општинската организација на Црвениот крст од Прилеп и Институтот за трансфузиона медицина.

Крв даруваа над шеесетина редовни крводарители, вработени во Локалната самоуправа како и Градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој ја поддржа крводарителската акција и нагласи дека ќе продолжи соработката со службата за трансфузиологија и со прилепската организација на Црвениот крст, бидејќи грижата за здравјето и животот на нашите сограѓани ни е најважна.

Притоа, честитајќи им го 17 март, Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст, Градоначалникот Јовчески им се заблагодари на крводарителите од Прилеп за нивната хуманост, солидарност и несебичност при дарувањето на најскапата течност и им додели благодарници и признанија на повеќекратни крводарители.

Признанија и благодарници добија крводарители кои дарувале над 10 пати крв, 25, 75 пати, а меѓу нив беше и нашиот сограѓанин Зоранчо Стојкоски на кого ова му беше стотти пат да дарува крв.

„Дарувањето е спасување на нечиј живот!“ потенцираа крводарителите и апелираа до младите да бидат хумани, да станат крводарители и несебично да помагаат во спасување на човечки животи .

ЈАКА АКЦИJA НА МВР ВО БИТОЛА: Фатени малолетници во угостителски објект по полноќ

На 18.02.2023 во 01.10 часот од страна на полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола била извршена контрола во угостителски објекти на подрачјето на Битола.

За време на контролата, во објект лоциран на ул.„Климент Охридски“ биле затекнати тројца малолетници. Тие се предадени на родителите, а по документирање на случајот против угостителот ќе следува соодветен поднесок.

Величенствена слика од прилепските црковни храмови: И овој петок верниците масовно принесоа петолебија за здравје на своите семејства (Фотогалерија)

Акатист кон Пресветата Мајка наша Богородица. Мајко на целиот човечки род, моли го Севишниот да ги прими нашите молби и даренија, за здравје и спасение на нашите семејства и нашиот народ.

Во текот на великиот пост, во петоците кога се чита Акатистот на Пресвета Богородица, верниците носат петолебие (пет лепчиња), вино, масло, и пченица за благослов на семејството, градот и државата.

Светите отци за Петолебието велат: „ Овој, пак, благословен леб има разни дарови, ја прекинува температурата, кога се прима со вода, ја прогонува секоја ужасна слабост и кон рожба поттикнува“.

Слично зборува и свети Симеон Солунски: „ На оној кој ги прима со вера( лебовите и виното), му пренесуваат благодат, исцеление и други дарови“.

Значи, голем благослов е овој леб од петолебието и треба да го примаме со вера. Но, да не го сведеме нашиот духовен живот само на обреди, туку должни сме како христијани да постиме, да се молиме, да се исповедаме, да се причестуваме, да доаѓаме редовно во црква, да бидеме почесто во друштво на ангелите и светителите кои се присутни во храмот, и тогаш сите обреди ќе дејствуваат на нас и ќе ни бидат за здравје и спасение.

И овој петок црковните храмови во Прилеп беа преполни со верници кои принесоа петолебие за здравје на своите ближни, како и за благослов на градот и државата.

Сликата од црквите Св. Благовештение и Св. Кирил и Методиј – Параклис, беше величенствена.

Во Параклис после акатистот се одржа и предавање на тема Света Евхаристија- Литургија.