дома блог страница 1179

(ВИДЕО) Адреналинско доживување кое ќе се памети: Второто издание на Samokov Xtreme ги оправда очекувањата

Изминатиот викенд на 3 и 4 јуни, во Самоков и Белица (Македонски Брод), во организација на Општина Македонски Брод и здруженијата: Форум за Авангардна Креативност, Вело Че и САМОКОВ ЕСТРЕМ, по втор пат се одржа фестивалот на отворено SAMOKOV XTREME, на кој учество зедоја над 500 спортисти и љубители на природата.

Како и минатата година и оваа, фестивалот понуди: возење со џипови, возење со мотокрос, возење со АТВ возила, возење со МТ велосипеди и планинарење.

Настанот стана одлична промоција на: недопрена природа, традиционална храна, алтернативни спортови, автентични села, селски туризам…

-Секој предизвик е ново искуство, се гледаме уште поспремни и поорганизирани следната година, велат организаторите кои не го кријат задоволството од посетеноста и успешноста на фестивалот.

Во продолжение мал дел од адреналинското доживување од SAMOKOV XTREME 2023:

6.800 ученици ќе добијат бесплатни униформи

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во објава на својата официјална фејсбук страна информира дека во тек е постапката за набавка на бесплатни училишни униформи за сите ученици.

Во објавата Стефковски напиша:

ОБЕЗБЕДУВАМЕ БЕСПЛАТНА УНИФОРМА ЗА СЕКОЈ УЧЕНИК

Со почеток на учебната 2023 / 2024 година, 6.800 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба ќе добијат бесплатна униформа.

Со реализацијата на овој проект се намалуваат социјалните разлики што ги има во секое општество и се постигнува чувство на еднаквост меѓу децата, без поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување, а притоа се намалуваат и трошоците на родителите на учениците.

Постапката за набавка на училишните униформи е во тек, а од буџетот на општина Гази Баба се определни 12.000.000 денари.

Дополнително реализираме и мерка за доделување на еднократна парична помош за секое семејство кое ќе има прваче во висина од 3000 денари, а истовремено општината субвенционира организирање на летен и зимски камп за најмладите.

Реализацијата на сите овие мерки и проекти се во насока на постигнување на еднакви можности за сите деца!

#ВетувањатаСеРеализираат – напиша Стефковски

На барање на верниците, иконата на Св. Троица со честица од светиот Мамриски даб, и оваа недела ќе биде изложена во црквата Св. Петка

Известување од црковниот храм Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп

-Се известуваат верниците дека поради зголемен интерес и по барање на верниците, иконата од Пресвета Троица со честица од Мамрискиот даб, ќе биде изложена во храмот до в недела (11.06) – информираат од храмот.

Инаку, иконата на Пресвета Троица, со вграден реликвијар во кој има честица од старозаветниот Мамвриски даб, кој се наоѓа во близина на израелскиот град Хеброн, пред 3 дена беше предадена на храмот “Св.преп.мчца. Параскева (Петка) Римјанка”.

Библискиот настан претставен со оваа икона е опишан во Старозаветната книга Битие, и се случил околу 1 800 години пред Христа, во Мамре кај Хеброн, на западниот брег на реката Јордан. Имено, за да се скрие од жештината на денот, старозаветниот патријарх и прататко Аврам ги сместил своите гости, трите Ангели односно Троичниот Бог, под крошна на даб, познат во Библијата како Мамрискиот даб, во чија непосредна близина живеел. Овој даб е зачуван до денес, а се наоѓа на имотот на рускиот манастир Света Троица. Според традицијата, дабот е стар околу 3800 години а според некои верувања дури и 5.000 години и претставува своевидна светиња за христијаните, Евреите и муслиманите. Според старозаветниот текст и преданието, токму на ова место три ангели му објавиле на пророкот Авраам, во неговата 99-та година, дека ќе добие син. Исак, неговиот син, се родил следната година.

Постои верување дека сушењето на овој даб ќе го најави крајот на светот и апокалипсата. Дабот се исушил во 1996 година и тоа ги разгорело толкувањата дека крајот на светот е близу. Сепак, по Божја милост, во 1998 година, дабот повторно разлиста.

Иконата со димензии 40×30 е подарок на храмот од благочестиви верници (семејство Јончески) од Прилеп, а е дело на иконописецот и зограф Николче Српчански и е иконописана во духот на источната православна иконописна традиција, врз основа на старозаветниот мотив каде Светотроичниот Бог му се јавува на отецот Авраам во вид на три ангели.

Две први и три трети места за младите физичари од ОOУ “Гоце Делчев” Прилеп на Републичкиот натпревар

На Републичкиот натпревар по физика, кој се одржа на 03.06. во Природно – Математичкиот факултет, под менторство на наставничката Милена Димитриеска, учениците од ООУ “Гоце Делчев” од Прилеп ги постигнаа следните резултати:

Теодора Ѓорѓиеска од VIII одделение и Михаил Ѓорѓиески од IX одделение освоија ПРВО место, додека Матеа Танева од VIII одделение, Теодора Крстеска и Софија Димитриеска од IX одделение ТРЕТО место.

Честитки за вредните ученици и желби за уште поголеми успеси во иднина!

Денес се исплаќа бонус плата за вработени во МВР

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека денеска се исплаќа бонус плата за вработени во МВР коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво за 2022 година.

„Откако го преземав раководењето со МВР, како приоритет се воспостави редовната исплата на бонус плати за над 150 изработени часови прекувремена работа на годишно ниво, како гарантирано право на вработените во МВР согласно Колективниот договор”, истакна министерот Спасовски, нагласувајќи ја исплатата на претходните бонус плати.

„Така, во периодот од 2017 до 2022 исплатени се бонус платите за 2017 и 2018, за коишто не беа обезбедени и исплатени средства од претходното раководство на МВР, а продолживме и со редовна исплата на бонус платите за 2019, 2020 и 2021 година, за што вкупно беа обезбедени и издвоени 561.773.133 денари или 9.060.857 евра, средства од Буџетот на МВР предвидени за остварување на ова право на вработените”, истакна Спасовски

Благодарение на спроведените одговорни економски политики и како резултат на домаќинското работење, беше зголемена просечната плата, а со тоа растеше и поединечниот износ на бонус платите во МВР.

„Колку за илустрација, ако бонус платата во 2017 година поединечно изнесуваше 22.928 денари, во 2023 година можеме да се пофалиме со бонус плата за 2022 година во поединечен износ од 31.859 денари, што претставува зголемување на износот од безмалку 40%”, истакна Спасовски, додавајќи дека за актуелното раководство на МВР императив е подобрувањето на статусот на вработените во МВР, а во насока на етаблираниот концепт „Задоволна полиција – безбедни граѓани”, бидејќи веќе покажа одлични резултати во гарантирање на безбедноста на граѓаните и државата и во борбата против секаков вид криминал.

Ајде Прилеп, ајде Македонијо! Да донираме од срце за Ангела Петреска, која мора да оди на втора операција во Србија

Ангела Петреска од Прилеп има 24 години и боледува од церебрална парализа. За подобрување на нејзината состојба потребно е да замине на втора операција во специјална хируршка клиника во Чуприја, Србија.

Таа живее со својата мајка, која поради ниските финасиски примања не е во можност да ја покрие големата сума за операција, пост оперативното лекување, физикалната терапија, па затоа апелира за помош.

Сите заедно да и помогнеме на Ангела!!!
Таа од срце ги сака сите прилепчани, а сега е време прилепчани да донираат за нашиот прилепски ангел АНГЕЛА ПЕТРЕСКА.

Сметка за донации:

300021000009022

Комерцијална Банка

Име: Ангела Петреска

Француска тенисерка го поддржа Ѓоковиќ: И за мене Косово е Србија!

Француската тенисерка Кристина Младеновиќ го коментираше потегот на Новак Ѓоковиќ по победата во првото коло на Ролан Гарос кога тој напиша “Косово е срцето на Србија”

Младеновиќ на прашањето „каков одговор имаше потегот на Новак во Франција?“, таа одговори:

-Новак е одличен, тој е вистински пример за сите останати. Го видов тоа. На многу луѓе им е дозволено да зборуваат за Русија и Украина, секој има свое мислење, а тоа не е политичко? Од друга страна, ова, тоа е политичко? Да, го делам ставот на Новак, Косово и за мене е срцето на Србија. Татко ми е од Гњилане, баба ми живееше таму, а јас бев кога бев дете – отворено изјави популарната тенисерка во интервју за „Телеграф“

Таа рече и дека верува оти Ѓоковиќ ќе го крене пехарот.

-А, што се однесува до Ноле, за мене тој е секогаш омилен. Каде и да се појави, секогаш е омилен. Можеби е малку субјективно, но се надевам дека тука ќе дојде 23. Грен слем титула. Алкараз е добар, и има своја шанса, млад е, но Новак е поискусен и нема турнир на кој доаѓа без да биде главен кандидат за победа – заклучува Младеновиќ.

Кристина никогаш не го криела своето потекло, а во 2017 година за еден тениски портал изјавила дека во душата е Србинка.

-Родена сум во Франција и никогаш не живеев во поранешна Југославија. Тато многу брзо се вклопи како Французин. Јас сум Французинка во главата, а Србинка во срцето.

Грузија ѝ одговори на ЕУ: Ќе воведеме санкции за Русија кога ќе бидеме членка на Унијата

Грузија доби официјален демарш од членките на ЕУ поради неодамна обновениот воздушен сообраќај со Русија. Постојаниот претставник на ЕУ во Грузија Павел Перчински и шефовите на дипломатските претставништва на ЕУ акредитирани во Грузија пристигнаа кај вицепремиерот, министер за економија и одржлив развој, Леван Давиташвили и го изразија своето силно несогласување околу обновувањето на директните летови со Русија. „Демаршот се спроведува во име на сите 27 земји од ЕУ“, се наведува во соопштението на постојаната мисија.

Европската унија не се согласува со воспоставување воздушен сообраќај со Русија, а Грузија овој потег го нарече дел од економските односи и гарантираше дека нема да ги прекрши меѓународните санкции наметнати на Русија. Тоа не се доволни гаранции за Брисел бидејќи не ја намалуваат важноста на фактот дека Русија сега, покрај Ерменија и Турција, добива уште еден аеродромски центар кон Европа.

Од моментот на доставување на демаршот, секојдневно доаѓаа одговори од официјален Тбилиси кои го бранат правото на Грузија да носи суверени одлуки во одбрана на нејзините интереси. Од владејачките структури објавија дека прашањето за пристапување на Грузија кон воздухопловните санкции против Русија ќе биде на дневен ред по приемот на таа земја во Европската унија.

„Грузија се уште не е членка на ЕУ. Ние сме независна, суверена земја која се стреми кон Европа и сака европска интеграција. Кога ќе имаме статус, кога ќе станеме членки на ЕУ, се разбира, ќе носиме одлуки кои се во согласност со заедничките интереси“, изјави за новинарите градоначалникот на Тбилиси, генерален секретар на владејачката партија Каха Каладзе.

На оваа тема се вклучи и претседателот на собранието, Шалва Папуашвили, кој рече дека Грузија не ги заострува односите со Русија и не се приклучува кон санкциите, „бидејќи во случај на војна, ниту една од тие земји нема да влезе во војна на страна на Тбилиси, бидејќи не влегоа ниту на страна на Украина“. Тој потсети дека по конфликтот на Грузија со Русија во 2008 година, Западот не воведе санкции кон Русија, туку, напротив, ги „рестартира“ односите со Москва, а на Грузија и беше забрането да купува оружје.

Покрај со искусниот Велески, РК Прилеп го продолжи договорот и со голманот Иван Ангелески

Екипата на РК Прилеп и идната сезона ќе игра во најелитното ракометно друштво кај нас, а по обезбедувањето на опстанокот раководството на клубот започна со градење на екипата.

По продолжувањето на соработката со искусниот дефанзивец Филип Велески, клубот го доведе и првото засилување – пикерот Томче Трајчевски, кој пристигна од екипата на Радовиш.

Денеска ракометните вљубеници во Прилеп се среќни, затоа што соработката со клубот на уште две години ја продолжи и голманот Иван Ангелески, кој беше одличен меѓу стативите изминатата сезона.

Ангелески е голем талент и неговото останување во тимот е одлична вест.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ утре на трибина во Прилеп

Утре (06.06) со почеток од 17:30ч., како дел од акцијата „Ова е Македонија за сите“, ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи трибина на плоштадот “Методија Андонов-Ченто” во Прилеп, на која ќе присуствува и ќе се обрати лидерот на партијата д-р Христијан Мицкоски.

Од партијата ги покануваат сите членови, поддржувачи, симпатизери, како и незадоволни граѓани од владеачкото дуо СДСМ-ДУИ, да ги проследат пораките од оваа трибина и да слушнат кои решенија како партија ВМРО-ДПМНЕ ги нуди.