На барање на верниците, иконата на Св. Троица со честица од светиот Мамриски даб, и оваа недела ќе биде изложена во црквата Св. Петка

Известување од црковниот храм Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп

-Се известуваат верниците дека поради зголемен интерес и по барање на верниците, иконата од Пресвета Троица со честица од Мамрискиот даб, ќе биде изложена во храмот до в недела (11.06) – информираат од храмот.

Инаку, иконата на Пресвета Троица, со вграден реликвијар во кој има честица од старозаветниот Мамвриски даб, кој се наоѓа во близина на израелскиот град Хеброн, пред 3 дена беше предадена на храмот “Св.преп.мчца. Параскева (Петка) Римјанка”.

Библискиот настан претставен со оваа икона е опишан во Старозаветната книга Битие, и се случил околу 1 800 години пред Христа, во Мамре кај Хеброн, на западниот брег на реката Јордан. Имено, за да се скрие од жештината на денот, старозаветниот патријарх и прататко Аврам ги сместил своите гости, трите Ангели односно Троичниот Бог, под крошна на даб, познат во Библијата како Мамрискиот даб, во чија непосредна близина живеел. Овој даб е зачуван до денес, а се наоѓа на имотот на рускиот манастир Света Троица. Според традицијата, дабот е стар околу 3800 години а според некои верувања дури и 5.000 години и претставува своевидна светиња за христијаните, Евреите и муслиманите. Според старозаветниот текст и преданието, токму на ова место три ангели му објавиле на пророкот Авраам, во неговата 99-та година, дека ќе добие син. Исак, неговиот син, се родил следната година.

Постои верување дека сушењето на овој даб ќе го најави крајот на светот и апокалипсата. Дабот се исушил во 1996 година и тоа ги разгорело толкувањата дека крајот на светот е близу. Сепак, по Божја милост, во 1998 година, дабот повторно разлиста.

Иконата со димензии 40×30 е подарок на храмот од благочестиви верници (семејство Јончески) од Прилеп, а е дело на иконописецот и зограф Николче Српчански и е иконописана во духот на источната православна иконописна традиција, врз основа на старозаветниот мотив каде Светотроичниот Бог му се јавува на отецот Авраам во вид на три ангели.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.