дома блог страница 1085

Убиецот од училиштето во Белград сакал да напише книга: “Ќе опишам се’, ќе заработам милиони”

Масовниот убиец од Белград, Коста Кецмановиќ се уште е во болница и под полициски надзор. Од моментот на неговото затворање, надлежните постојано ја следат неговата состојба.

Коста во болницата се однесувал како масакрот во „Владислав Рибникар“ воопшто да не се случил.

Во последно време Коста пројавил интерес за пишување. Ваквата заинтересираност се појавила откако мајка му му подарила книга, која ја читал додека поминувал време под посебен надзор на полицијата.

„Книгата што ќе ја напишам ќе опише се што се случило во мојот живот! Велат дека сум император и оваа книга ќе ги интересира сите тие луѓе, а јас ќе заработам милиони затоа што луѓето ме сакаат! Зошто да не знаете сè? Ќе го напишам толку добро што на сите ќе им биде интересно“ – повторувал Коста Кецмановиќ, пишува „Република.рс“.

Беше дел од репрезентацијата на сите Европски и Светски првенства од 2016, а сега одново ќе се грижи за ракометарите на РК Прилеп

Долгогодишниот физиотерапевт на македонската машка репрезентација е новиот член на Р.К Прилеп. Прилепчанецот Џоко Божиноски после низа години, повторно се враќа во домашниот клуб, со ангажман за комодитет на нашите момци, односно грижа за нивното здравје и превенирање на повреди за време на тренинзите и натпреварите – информираат од Ракометниот клуб “Прилеп”.

Како дел од машката сениорска ракометна репрезентација, Божиноски беше составен дел од тимот на голем број натпревари, и тоа: ЕП (Европско Првенство) во Полска 2016 година, СП (Светско првенство) во Франција 2017 година, ЕП во Хрватска 2018 година, СП во Германија 2019 година и многу други.

Штрајк! Наставниците пак бели во очите

Владината понуда до синдикатите за повисоки плати за 10 отсто и исплата по 10 илјади денари К-15 за 2023, која ќе треба да се усвои на Економско-социјалниот совет, не е прифатлива за СОНК. Спроведување на колективните договори во основното и во средното образование, а не само покачување на платата за 10 отсто побара и Независниот синдикат за образование и наука.

– Советот на СОНК донесе заклучок дека општиот колективен договор за јавниот сектор е неприфатлив за членовите на СОНК, особено од дејноста образование – информираше претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на Фејсбук.

Тој го објави и заклучокот од седницата со шесте барања, меѓу кои: итно и без одлагање, во дејноста образование да се изврши усогласување на платите со минималната плата за 2023 година и на таа усогласена плата да се пресмета 10 отсто. СОНК бара континуитетот на усогласување на платите со минималната, односно просечната плата да продолжи и следната година, кога како основен критериум ќе се земе инфлаторниот процент и процентот на зголемените трошоци на живот. Исто така, се бара земање предвид и распонот меѓу работните места според важечките колективни договори, а приспособувањето на новиот систем на плати да биде во мал транзициски период и да се примени веднаш. Во спротивно, СОНК ќе организира легитимни синдикални активности.

И Независниот синдикат за образование и наука информираше дека со внимание ги проследил најавите за зголемување на платите во јавниот сектор од септември 2023 година и за нив единствено задоволувачко решение е целосно спроведување и имплементирање на моменталните колективни договори во основното и во средното образование. Потсетуваат дека коефициентот на сложеност на наставниците и на стручните соработници согласно со колективните договори изнесува 2,5 и е предвидено тој да се помножи со најниската плата на државно ниво. Најавуваат дека ќе продолжат со синдикалните активности и со организирањето на просветните работници со цел да постигнат, како што велат, достоинствено вреднување на трудот на нивната професија.

Од Владата информираа дека новата методологија за пресметка на платите во јавниот сектор, која ќе биде дел од општиот колективен договор, ќе се добива од просечната плата помножена со коефициент и ќе се пресметува од март 2025 година.

– Со ова, по 17 години ќе се донесе нов општ колективен договор со кој се внесува системско решение за платите во јавниот сектор, кое ќе гарантира раст на платите без политички калкулации. Во општиот колективен договор, според договорот, ќе биде дефинирана и исплата на минимум износ на регрес за годишен одмор во износ од 30% од просечната нето-плата – вели Владата.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска најави дека од 2024 година К-15 ќе изнесува најмалку 30% од висината на просечната плата од изминатата година.

“Звуците на градот” – во вторник концерт на отворено во Прилеп

На 18 јули 2023 г. /вторник/ од 20.00 часот, на платото пред ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи музичката вечер „Звуците на градот“.

На музичката вечер со избор песни ќе се претстават:
КУД „Пензионер“,
Женската пејачка група „Преродба“ ,
КУД „Пере Тошев“ и Октетот Прилеп.

КУД „Пензионер“ работи под покровителство на Здружението на пензионери, пејачката група „Преродба“ со поддршка на Здружението, КУД „Пере Тошев“ е пејачки состав на пензионираните просветни работници, кое постои од 1987 година и во својот догашен опстој негува богата музички репертоар, хармонизирани македонски староградски народни песни, ренесансни песни како и хорски композиции од различни музички автори.

Октетот Прилеп работи под покровителство на ЦК „Марко Цепенков“ и досега реалиизрал бројни концерти, имал настапи на фестивали на староградска музика, а чест гостин е на манифестацијата Илинденски денови.

Приведен 52-годишен прилепчанец: Полицијата му пронашла марихуана, дробилки, дигитална вага

На 12.07.2023, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Р.Р.(52) од Прилеп.

При претрес во неговиот дом и други простории во Прилеп, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, дробилки, дигитална вага и други предмети.

Лицето било задржано во полициска станица и по документирање на случајот против лицето ќе следува соодветна пријава – информираат од ОВР Прилеп.

Денеска е Павловден: Честит именден Павле, Пајо, Павлина…

По Претовден, денес е големиот православен празник Павловден кој се празнува на 13 јули.

На Павловден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и сл. иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.

На Павловден жените повеќе му посветуваат внимание од Петровден.

Во некои места на овој ден не се работи за да не се дојде до контакт со пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и слично.

Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден кај народот е познат и како Пајаковден.

Поради топлотниот бран Општина Прилеп ги ослободи од работни обврски бремените жени и лицата над 60 години

Поради топлотниот бран и почитувајќи го Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, Општина Прилеп и ЈКП како работодавци ги ослободија од работни обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години кои се ангажирани во овие локални институции.

„Ние како локална самоуправа, во координација со Црвениот крст – Прилеп организирано ќе пружиме помош на стари, изнемоштени лица и бездомници. На неколку места од центарот на градот ќе бидат поставени и пунктови со вода, иако препораката за избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот ,важи за сите граѓани“ -посочи градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Воедно, поради препораките за избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот се запираат сите активности во овој период кои се однесуваат на работата на градежните работници, вклучително и работата на работниците на патната локална инфраструктура, со цел заштита на работниците од топлотниот бран.

Мерките се од времен карактер и ќе траат четири дена, од 13 – 16 јули, односно следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување.

Бремените жени и лицата над 60 години од утре ослободени од работа

Владата по информацијата за високите температури од портокалова фаза што се очекуваат во следните четири денови усвои соодветни препораки.

Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.

Поради тоа, почнувајќи од утре, 13 јули 2023 година (четврток) почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Согласно усвоеното, Владата препорачува: Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години; Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот; Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации, Владата одлучи: Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките; Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот; Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници; Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот.

Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 – 16 јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување.

Апел до сите граѓани од Територијалната противпожарна единица Прилеп!

Апел до сите граѓани од Територијалната противпожарна единица Прилеп

-Почитувани Граѓани на општина Прилеп и соседните општини Кривогаштани и Долнени. Со најава на портокалова фаза – зголемени високи температури се зголемува и опасноста од пожари на отворен простор. Aпелираме до сите граѓани да се однесуваат одговорно и при своето движење во природа да внимаваат да не предизвикаaт пожар. Доколку забележите пожар, веднаш пријавете на броевите 193 и 112 и на службите да им дадете точни информации за локацијата на пожарот и неговата големина за полесно итервенирање на ТППЕ. Загубите од пожарите на отворен простор се многу големи и многу тешко надоместливи, да ја сочуваме природата да го сочуваме нашето шумско богатство – нашите бели дробови.

Со почит ТППЕ Прилеп.

Четиричлено семејство од Прилеп, поради тешката болест од таткото, веќе седум месеци живее на работ од егзистенцијата (ВИДЕО)

62-годишниот прилепчанец Ристе Трајкоски, кој до јануари бил работник во ЈКП „Комуналец“, веќе седум месеци живее во вистинска агонија. По операцијата на колкот, наместо неговата здравствена состојба да се подобрува, тој останува врзан за кревет и во силни болки. Вели, сега биле останати и без пари, и без здравје, особено што и неговата сопруга има сличен здравствен проблем како неговиот, па ни таа не може да работи и да заработува. Во моментов, единствен приход на ова семејство со две малолетни деца им биле средствата во висина од 4.000 денари која ја земаат како нега за Ристе, а која на неколкупати им била и прекинувана – oбјави “АЛФА ТВ”.

„Не ми е заздравен колкот. Ми течи вода тука колкот. 40 дена лежев на болница. И докторот рече – доста ти е лежење, ќе полежиш дома. Болки имам големи, отечени ми се двете нозе. Од јануар месец немам плата. Сопругава нема плата, и таа е инвалид на двете нозе. Едната и’ е оперирана во Скопје, другата, и таа и’ е за оперирање, ама колку-толку се движи. На работа не може да оди, со патерици не може да оди“, – со голем напор ја раскажува својата животна голгота, Ристе Трајкоски.

Откако се разболел, Ристе пробал да дојде до пензија. Меѓутоа, и тука се појавил проблем. Му недостасувале околу 34 дена стаж за да го оствари тоа право. „Фала му на Бога што еден приватник ми излезе во пресрет, па ме осигура за да можам и да се лекувам, а и да дојдам до пензија, па сега постапката е во тек. Ама во меѓувреме ни се трупаат неплатените давачки. Парите ни се малку дури и за храна“, вознемирено вели Ристе.

„Трудова инспекција рече – „Ристе, ете вети директорот да ти пиши бенифициран стаж“. За тој стаж, три месеци прашував преку телефон, не можев да се движам таму да одам, а таа ме одбиваше. Дома нас ни фали се’. Јас дури одев на работа си ги подмирував и сметките. За седум месеци заостанаа некои сметки, само струја што плаќаме некако и ова интернетот што им треба на децата. Децана бараат за на школо да јадат. Велат, ние не можеме да јадеме, што ќе купи со 10 денари?! Ни треба помош“, – вели овој загрижен и очаен, a и тешко болен родител.

Дека животот им е неподносливо тежок ни потврди и сопругата на Ристе, Вера која е од Албанија. Таа не сакаше до говори пред камера, но зад камерата, со солзи во очите ни кажа дека освен што и’ e преболно да се грижи за сопругот кај кого не забележува подобрување, срцето ја боли и за двете деца од кои едното е и врвен спортист и постојано им носи и многу награди. „Децата ми заслужуваат многу подобар живот, а ние не сме во состојба да им го дадеме, а згора на се’ и болни сме, тоа ме загрижува најмногу“, ни рече Вера на испраќање.

Сторија на Каролина Дурло/ТВ АЛФА