дома блог страница 1079

32-годишен прилепчанец ќе одговара: На оваа жештина запалил отпад во близина на стрниште

На 16.07.2023 во 08.45 часот на патот за вештачкото езеро во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Р.И.(32) од Прилеп, затоа што на патот запалил отпад во близина на сува трева на стрниште и на тој начин ја довел во опасност безбедноста на граѓаните.

Со него бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријавa – информираат од ОВР Прилеп.

(Видео) Еве како изгледа мостот во Крим после нападот со беспилотни летала

Руски „Инсајдер“ објави видео од штетите на мостот на Крим утрово. Британски Гардијан јавува дека еден дел од мостот наменет за патен сообраќај исчезнал и дека се чини дека паднал во вода.

Снимката е направена од воз кој сообраќал на соседниот железнички мост, кој не е оштетен.

Вјачеслав Гладков, гувернерот на руската област Белгород, на Телеграм објави дека за време на „вонредната ситуација“ на мостот на Крим, во автомобил што бил пронајден таму загинале маж и жена, а нивната ќерка е ранета.

Oпштина Прилеп: Од денеска до четврток по втор пат ќе се прска против комарци

Од понеделник 17.07 до четврток 20.07 во периодот од 22 до 05 часот на територијата на општина Прилеп екипа од Центарот за јавно здравје – Прилеп, ќе ја спроведува втората фаза од адултицидната теристичка (од земја) дезинсекција со цел уништување на комарци.

Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени сите урбани заедници во градот Прилеп како и во населените места, а ќе се изведува со УЛВ-апаратура за ладно замаглување поставена на пикап возило со претходница на друго возило означено со ротационо светло.

Во случај на неповолни временски услови дезинсекцијата се одложува за следниот поволен ден.

Мајката чие бебе почина во битолската болница објави шокантна фотографија: Oва ли е ненасилен пораѓај? (ФОТО)

Ова е слика од родилката чие дете угина во Битолската болница. По нејзино кажување, а тоа е лесно воочливо од сликата докторот кој ја пораѓа наместо да прејде на царски рез буквално и скока на стомак (види фото) – пишува адвокатот Јанаки Митровски на својот Фејсбук профил споделувајќи објава од Викторија Крстеска, млада битолчанка која во април годинава го загуби бебето во битолската клиничка болница.

-Да видиме со што ќе не изненади судска медицина во услови кога инспекцијата на МЗ го цени како пропуст фактот што не е преминато на пораѓај со царски рез како и фактот дела се ЛАЖЕ дека е користен вакум. ПРАВДА!!! – пишува Митровски.

Во својата објава пак младата мајка пишува дека ништо нема да ја спречи во борбата за правда за животот на нејзиното чедо.

-Како мајка која неодамна го загуби своето бебе во таа проклета болница. Како жена која сама се бори против се и сите. Јас ќе застанам позади таа жена која вчера го изгуби бебето! ЗАЕДНО МОЖЕМЕ. МОРА да има крај на овие случувања! ОДГОВОРНОСТ!!!!!! ** НЕМАЛТРЕТИРАНО! Напоменато! Почнаа и со нови изрази после МОЕТО МАЛТРЕТИРАЊЕ! Да, ова беше мојот “НЕНАСИЛЕН” ПОРАЃАЈ! ДОСТА Е! НЕМА ДА МОЛЧИМЕ!!!!!!! Родилката не искажала незадоволство.. Да.. Да.. Да.. И неа ли и нудите сокче? кафенце? М? Или можи пари? Не постои пара на светот што можи да ме купи за не се борам за правдата на своето дете, како и за нанесување штета и на други мајки! СРАМ СТЕ!

Реакцијата на Петровска следуваше откако денеска медиумите објавија за уште едно починато новороденче во битолската болница во текот на вчерашниот ден.

Почина уште едно новороденче во битолската болница

Во текот на вчерашниот ден уште едно бебе починало во болницата во Битола, по изведен царски рез. Информацијата за „Слободен печат“ ја потврди директорката на болницата Елизабета Ивановска.

Според неа станува збор за четврта бременост на млада мајка на возраст од 21 година, која до 7 месец не била во Македонија и немала контролирана бременост, а според директорката Ивановска и третото бебе на родилката починало на сличен начин.

Ќе се изврши обдукција за да се утврдат причините поради кои настапила смртта, но според информациите од Ивановска, бебето било родено мртво.

Утрово опожарено возилото на полициски началник

На паркингот на улицата „Ванчо Китанов“ во Штип утрово е опожарено возилото на началникот на СВР Штип, Боби Гидоски.

Информацијата ја потврди портпаролката на СВР Штип Гордана Панајотова, која соопшти дека во населбата Сењак е опожарено едно возило, а пријавата е од граѓанин во 03:01 часот. Веднаш е повикана Територијалната Противпожарната едница-Штип, на самото место интервенирале пожарникарите и не дозволиле огнените јазици да ги зафатат останатите паркирани возила.

Во тек е увид на местото каде што е опожарено возилото. Истрагата треба да открие дали станува збор за самозапалување или намерно палење на возилото на началникот на СВР-Штип, Гидиоски.

Од денеска забрана за движење во шума

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата, на вечерашната седница, одлучи да ги задолжи корисниците, односно стопанисувачите со државни шуми, согласно Законот за шумите, да прогласат забрана за движење во шумите, по добиена претходна согласност од надлежното министерство, што ќе се операционализира од денеска 17 јули 2023 година (понеделник).

Забраната важи и за движења во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно каде нема забрана за движење, се предвидени редовни контроли.

Прилеп доби уште една планинска велосипедска тура: Викендов се одржа “Ramniste Cave МТВ 2023” (Фото галерија)

Во организација на здружението “Маркови точакџии”, викендов во Прилеп се одржа турата “Ramniste Cave МТВ 2023”.

Со тоа Прилеп доби уште една планинска велосипедска тура, која што ќе допринесе за уште поголема промоција на природните убавини кои што ги нуди прилепскиот регион како и промоција на овој спорт.

Учесниците тргнаа од селото Оревоец, го посетија Прилепското езеро, преминот Дервен, како и пештерата Рамниште која што беше осветлена за оваа намена и претставуваше вистинска атракција.

Од денеска во Прилеп започнува ликовната колонија “Дрен 2023”

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп од 17 до 23 јули ќе се одржи 15. издание на меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“, на која ќе учествуваат 19 уметници од земјава и од странство.

И годинава уметниците ќе работат на слободна тема, во повеќе дисциплини – скулптура, инсталација, сликарство, користејќи различни материјали, дрво, метал, прилепски мермер, односно природни материјали за уметниците кои ќе изработуваат инсталација, како и акрил на платно.

– Очекуваме годинава да се создадат 40-ина нови уметнички дела, кои ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Колонијата започна како сликарска, а од 2021 година меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен“ почнува со работа во скулпторски медиуми (метал, дрво, мермер…) со што се додава дополнителен квалитет на колонијата и се става акцент на работата во различни медиуми. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот, а претставување ќе има и во повеќе градови низ Македонија – посочува Марјан Стојаноски од ликовната дејност на Центарот.

Колонијата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура.

Продолжуваат мерките! До 25 јули ослободени од работа сите ранливи категории на граѓани

Од денеска до 25 јули продолжува портокаловата фаза во цела држава. Поради тоа Министерството за труд и социјална работа и Владата информираат дека продолжуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури.

Како што информира владината прес-служба, се препорачува ослободување од физичко присуство на работното место на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, со организирање онлајн работата, таму каде техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа.

Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

– Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, се вели во соопштението.

Владата на вчерашната 173-та седница одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

– Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници, стои во соопштението.

Градинките, како што се наведува, треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од девет дена, од денеска до 25 јули, или до натамошно одлучување.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, портокаловата фаза се очекува да трае во следните 10-тина дена. Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе бидат во портокалова фаза.