дома блог страница 1065

Швајцарскиот парламент усвои Закон за забрана на бурката на јавни места

Швајцарскиот парламент денеска усвои закон со кој се забранува покривање на лицето, вклучително и бурка, муслимански женски вел што го покрива телото од глава до пети, а пропиша и парична казна од 1.000 швајцарски франци (1.040 евра).

Законот за „забрана на бурката“ беше одобрен од Горниот дом на парламентот, локално познат како Националрат, со 151 глас за и 29 против, јавуви агенцијата Анадолија, повикувајќи се на јавниот сервис СРФ(SRF).

Швајцарската федерална Влада најави референдум за ова прашање во 2021 година, а тогаш за забраната за носење бурка гласаа 51,2 отсто од граѓаните, додека против беа 48,8 отсто.

Новиот закон забранува покривање на лицето на јавни и приватни места достапни за пошироката јавност на таков начин што цртите на лицето не можат да се препознаат.

На прекршителите им се заканува казна до 1.000 швајцарски франци.

Постојат неколку исклучоци од забраната, вклучувајќи верски служби, стари традиционални обичаи, театарски претстави и превез од здравствени или климатски причини.

Франција и Белгија беа првите земји во Европа кои во 2011 година ја забранија бурката на јавни места, а потоа следеа Бугарија во 2016 година, Австрија во 2017 година и Данска во 2018 година.

Овој петок бесплатен градски превоз за сите граѓани во Прилеп

Општина Прилеп се приклучува кон одбележувањето на Европската недела на мобилност под мотото ,,Движи се рационално, штеди енергија”.

Со единствена цел, што помалку користење на автомобилите и позитивно влијание врз заштитата на животната средина, заедно со ЈП ПУП обезбеден е БЕСПЛАТЕН Јавен градски превоз за сите граѓани на општина Прилеп во петок, на 22.09.2023.

Апелираме што повеќе граѓани да ја искористат можноста да го искористат Јавниот превоз и барем на еден ден да ги оставиме автомобилите.

Во “Плодност” на свет дојде 600-то ангелче за оваа година!

Денес на свет дојде и 600 новороденче годинава во Болница Плодност – Hospital Plodnost, родено во 11.08 часот – oбјавија од болницата во Битола на Фејсбук.

Ако се земе во предвид дека на 7. август се роди 500-то новороденче годинава, тоа значи дека месец ипол на свет дошле уште 100 нови ангелчиња.

Па дај Боже до Нова година да стигнат до 1000!

Дојдете и запознајте се со ⋮ИВЕЦ, едукативниот центар каде што се креира иднината гостува во Прилеп!

Тимот на ⋮ИВЕЦ доаѓа во Прилеп! На 23.09.2023год. (сабота) со почеток од 12:00 часот, во пица бар Академи организираме средба со сите кои сакаат да го запознаат нашиот тим, нашите предавачи и обуките за деца кои ги нуди едукативниот центар.

Во дигиталната ера што брзо се развива, подготовката на вашите деца за иднината значи стекнување со основните вештини во областа на информатичката технологија. Како што технологијата станува се’ повеќе интегрирана во нашиот секојдневен живот, владеењето на ИТ повеќе не е опција, туку неопходност. Токму затоа нашиот центар подготви различни обуки кои ќе им помогнат на идните генерации да се стекнат со најбараните технолошки вештини.

⋮ИВЕЦ обуките за деца се внимателно дизајнирани да го направат учењето забавно и едукативно, погодни за различни возрасни групи, почнувајќи од девет години.

Нашите искусни и посветени инструктори создаваат стимулативна средина за учење каде што децата можат да ја истражат својата креативност и способности за решавање проблеми. Преку практични активности и проекти, децата не само што ги учат основите на програмирањето, туку развиваат и вештини за критичко размислување што добро ќе им служи во секое поле во нивниот живот.

Дозволете вашите деца да поминат незаборавна школска годинa стекнувајќи се со квалитетни ИТ знаења и вештини и вистински пријателства. Нашиот едукативен центар е тука за да ги поддржи младите генерации да ги стекнат неопходните технолошки вештини, осигурувајќи дека тие се добро подготвени за можностите и предизвиците на дигиталната ера.

Дојдете во сабота во пица бар Академи за да дознаете повеќе за нашите обуки, распореди и детали за запишување. Заедно, можеме да ги поттикнеме и создадеме идните технолошки лидери.

Можности, Успеси, Напредок, Квалитет, Знаење, Креативност, Дружење со ⋮ИВЕЦ.

Се гледаме во сабота во градот под Марковите кули!

ПР објава

Во петок концерт на “Љубојна” во Прилеп

Овој петок (22.09.2023), концерт во Центарот за култура “Марко Цепенков” во Прилеп, ќе одржи македонскиот музички етно-состав “Љубојна”.

Концертот е со почеток од 20ч, а влезници можат да се купат на билетарницата од Центарот за култура во четврток и пето од 10 до 13 и од 17 до 20ч.

“Фрчеле” казни: Полицијата санкционираше 112 возачи во еден ден на подрачјето на СВР Битола

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на вчерашниот ден (19.09.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.

На територија на СВР Битола санкционирани се 112 возачи, меѓу кои 35 мерки за возење повеќе од дозволената брзина, 18 мерки за возење без возачка дозвола, 1 возач за управување под дејство на алкохол, 22 санкции за непрописно престигнување, 16 санкции за непрописно паркирање.

Изречени се четири санкции за користење на мобилен телефон при возење…

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

Одбележани 81 година од Дабничкиот масакр: Едно од најгрозоморните ѕверства на бугарскиот фашистички окупатор во прилепско

Со положување свежо цвеќе пред спомен обележјето кај Дадница, во Прилеп вчера беа одбележани 81 година од едно од најголемите ѕверства на Бугарите за време на Втората светска војна.

Масакрот кај прилепското село Дабница е еден од најгрозоморните во историјата на Прилеп, а се случил на 19 сепрември 1942 година, кога 18 прилепчани биле стрелани од бугарскиот фашистички окупатор. Еве како се одвивал тој настан:

На 14 септември 1942 година, бугарските војски го блокирале селото Дабница и ги собрале селаните сред село, барајќи информации и поврзаност со партизанските одреди. Откако никој од селаните не дал информации, Бугарите врзале 64 мажи од селото и ги однеле во прилепските касарни. Таму врз нив се вршел невиден грозоморен терор, биле тепани со боксови, газење, тепање со стап и коловски жила, бајонети под грло, горење под ноктите на рацете и нозете, гаснење на цигари по телото и друго. Од претепувањето во затворот починал еден селанец, Сотир Дамески.

На 18 септември од затворениците Бугарите по список извлекле 19-мина, 12 од затворените селани од Дабница и 7 прилепчани, кои, следниот ден ги врзале со ортоми и, без да бидат судени, ги повеле на стрелање. На пат кон Дабница, по наредба на поручникот Иван Куцаров, затворениците се стрелани. Иако биле дополнително проверувани дали некој останал жив, еден од затворениците, Петко Велкоски, ранет и искрвавен, се притајува, го подзапира здивот и е фрлен меѓу мртвите другари. На крај, успева да се спаси.

Во масакрот кај прилепското село Дабница стрелани биле:

Адем Мамуд Адемоски
Алексо Бешироски – Ставре
Душан Бешироски
Ордан Велкоски
Добре Цанев Јованоски
Тоде Кремчески
Ордан Кузманоски
Аце Мрчески
Димко Мрчески
Андон Нунески
Атанас Нунески
Гога Нунески
Ордан Димков Паноски
Андон Миланов Слабејкоски – Слабејко
Сотир Сотироски – Џигиџик
Киро Ѓорев Ќосески
Алексо Шаламаноски

И после Кинезите не чинеле? Со кинеска донација Битола ќе го добие првото училиште со фотоволтаици

Во кабинетот на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вчера беше потпишан трипартитниот договор, по кој започнуваат оперативните активности за поставување на фотоволтаици на подрачното основно училиште „Даме Груев“ во с. Долно Оризари.

Фотонапонскиот систем ќе биде поставен со средства во висина од 400.000 денари, донација од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава.

Амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо како донатор, градоначалникот Тони Коњановски како примател на донацијата и претставници на фирмата изведувач Солар Спектар АГ Дооел од Скопје, го потпишаа трипартитниот договор, со кој практично започнува изведбата на системот со вкупна инсталирана моќност од 12,1 kWр.

Подрачното основно училиште „Даме Груев“, опфаќа околу 160 ученици од прво до деветто одделение, а во состав на објектот е сместена и една група на деца од предучилишна возраст.

Покрај обезбедувањето на донацијата, општина Битола продолжува со капитални инвестиции за кои оваа година исплатени се 154.000.000 денари, што значи реализација на 45,10% од планираното, а во моментот на општинската сметка има 237.000.000 денари.

Владата донесе одлука: Еве кои производи поевтинуваат по 10%

Владата донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.

Со одлуката се определуваат посебните услови за трговија, највисоките цени во трговијата на мало, како и обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица и кои се регистрирани за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо и на мало во соодветен регистар согласно со закон, да ги прибавуваат и продаваат следните производи/стоки:

1) ориз бел, во пакување од 900 гр до 1 кг;

2) брашно пченично тип 400 и тип 500;

3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 гр (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;

4) други пекарски производи;

5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 гр;

6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр;

7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица, обични) без и со јајца од 500 гр;

8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;

9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;

10) мелено месо свинско и јунешко;

11) пиле свежо или замрзнато (цело);

12) пилешки стек свеж или замрзнат;

13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;

14) пилешка посебна салама (без слајс пакување);

15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 гр;

16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;

17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 л и 1,5 л;

18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 гр;

19) павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 гр;

20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);

21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);

22) свежи јајца од кокошка;

23) свежо овошје и

24) свеж зеленчук.

Највисоките цени овие производи/стоки се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба), коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%.

Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите/стоките што се предмет на оваа одлука и коишто се поставени на полиците, фрижидерите и во разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија.

Трговците за вршење дејност – производство и за вршење дејност – трговија на големо, имаат обврска, производите/стоките посочени во оваа одлука, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност – трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.

Одлуката е донесена имајќи ги предвид состојбите на пазарот од страна на учесниците во ланецот на трговија на големо и на мало, коишто, според предлагачот на Одлуката, Министерството за економија, предизвикаа сериозно зголемување на цените на основните прехранбени производи.

Следејќи го растот на цените на домашниот пазар и потрошувачката моќ на граѓаните, оценето е дека за заштита на животниот стандард на населението е потребно повторно да се ограничат цените на слободниот пазар на одделни прехранбени производи, коишто се доминантни производи за конзумирање и за коишто Државниот завод за статистика објавува месечни статистички податоци за мерење на трошоците за живот.

Целта на владината Одлука е да се спречат натамошни пореметувања на пазарот и да се отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа.

Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за дополнување на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока.

Со Одлуката, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи. Забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година.

Воедно, одлучено е, цените во трговијата на мало, коишто се намалуваат поради истекување на рокот на земјоделските и прехранбените производи, да не се сметаат за акциска продажба (акција).

Оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.

Владата, на денешната седница ja разгледа и усвои Информација за потребата за изработка на Национална Стратегија за безбедност на Република Северна Македонија и донесе Одлука за формирање Управен комитет за координација и изработка на Национална стратегија за безбедност на Република Северна Македонија, во којшто ќе учествуваат претставници на Владата и сите министерства како и од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Националната безбедност е основа за просперитет на државата. Само безбедна средина може да обезбеди функционирање на зрел и демократски уставен поредок, одржлив економски раст, заштита на човековите права и слободи и одржливост на граѓанското општество. Со оглед на изменетите околности во безбедносната средина настанати на европскиот континент, меѓу кои и воената агресија врз суверена и демократска држава на европскиот континент, како и постојаната закана од активни малигни актери и нивните обиди директно или индиректно да ја влошат постојната рамнотежа, постојат повеќе прашања околу обезбедувањето храна, енергија и клучни суровини, што влијаат врз стабилноста и потенцијалот за развој на одделни земји и региони, коишто треба да се разгледаат од призма на сегашниот геополитички и безбедносен контекст.

Владата, на денешната седница го разгледа и текстот на Предлог законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда. По разгледувањето на состојбите во областа што треба да се уреди со законот, целите, начелата и основните и конкретни решенија опишани во текстот на Предлог законот за амнестија, Владата констатираше дека постои потреба од дополнително усогласување на Предлог законот за амнестија со надлежните институции.

На седницата Владата го задолжи Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија итно да преземе мерки за решавање на статусот на општинските даночни инспектори преку издавање лиценци за работа, согласно Законот за инспекциски надзор, со што ќе се реши долгогодишниот проблем кој датира од 2019 година.

Со ова, Владата им овозможува на единиците на локална самоуправа преку општинските даночни инспектори, непречено да ги извршуваат своите работни задачи согласно законите и со тоа се подобрува инспекцискиот надзор врз даночните обврзници во единиците на локална самоуправа. На овој начин се придонесува кон зголемување на буџетот на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје.

Со ова Владата дава поддршка за унапредување на самостојноста во функционирањето на општините, во интерес на подобар живот на граѓаните.

Од денеска можат да се доставуваат предлози за Третоноемвриски награди и признанија

По повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Прилеп, 3-ти Ноември, Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, традиционално секоја година доделува општински награди и признанија “3-ти Ноември” како и награда за животно дело.

Овие признанија и награди се доделуваат на физички и правни лица за достигнувања во општествениот, стопанскиот, културно-уметничкиот и политичкиот живот. Предлог за доделување награди и признанија можат да дадат претпријатија, здруженија и граѓани како и други субјекти.

Предлозите се доставуваат до Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Прилеп, на приемното одделение во новата општинска зграда или на адреса ул.,,Прилепски бранители’’ бр.1-Прилеп почнувајќи од денес (19.09.2023) до 18.10.2023 година.

Предлозите треба да бидат образложени, аргументирани и да ги задоволуваат критериумите за посебни достигнувања во Општината во соодветната област, за периодот од 3-ти Ноември 2022 година до денес, односно за животно дело на кандидатот, кој подолг период впечатливо е присутен со значајни остварувања во својата област.

Ова вчера на прес конференција го истакна претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, Игор Николоски.