Прилеп има уште една причина да се гордее со своите млади таленти! Гимназијалецот Никола Здравески, ученик во Гимназијата „Мирче Ацев“, е добитник на Третоноемвриско признание по повод Денот на ослободувањето на Прилеп – 3 Ноември, како признание за неговите извонредни достигнувања на меѓународната сцена и освоените златен и сребрен медал на XIX Меѓународна олимпијада по геонауки (IESO 2026), одржана во Торино, Италија.
Никола беше дел од македонскиот национален тим кој од 20 до 27 август се натпреваруваше со 160 средношколци од 40 држави, а неговиот резултат е навистина импресивен. Тој освои златен медал во категоријата „Earth System Project (ESP)“, за истражување на системот на Земјата во меѓународни тимови, и сребрен медал во категоријата „International Field Team Investigation (IFTI)“, за теренско истражување во меѓународни тимови.
До овој голем меѓународен успех, прилепскиот гимназијалец стигна преку посветена работа и одлични резултати на претходните натпреварувања, меѓу кои третото место на Државниот натпревар по географија, учеството на Европското првенство и високиот пласман на селекциониот натпревар. Негов ментор е професорката по географија Александра Ристеска.
Успехот на Никола е уште една потврда за квалитетот на младите ученици од Гимназијата „Мирче Ацев“, која и претходно имаше свој претставник на ова престижно натпреварување. Во 2024 година, гимназијалката Ивана Атанасоска на Олимпијадата по геонауки во Пекинг, Кина, освои два бронзени медала.
Инаку, македонскиот национален тим на овогодинешната олимпијада во Торино оствари извонреден колективен резултат, враќајќи се со вкупно девет медали. Покрај Никола Здравески, златен и бронзен медал освои Стефанија Димовска од Битола, Трајче Шатков од Кавадарци освои три бронзени медали, а Борче Кузманоски од Ресен освои два бронзени медали.
Македонската делегација беше предводена од д-р Горан Китевски, вонреден професор на Институтот за географија при ПМФ и претседател на Македонското географско друштво, и д-р Ивица Милевски, редовен професор на истиот институт.
Со освоените два медала на светско ниво и добиеното Третоноемвриско признание, Никола Здравески испиша уште една убава страница во успешната приказна на прилепската гимназија. Тој е пример дека знаењето, талентот, упорноста и посветеноста на младите можат да донесат резултати со кои се гордеат не само училиштето и градот, туку и целата држава.
Честитки за Никола и неговата менторка Александра Ристеска за успехот со кој Прилеп доби уште една причина да биде горд на своите млади генерации!

























