дома блог страница 1052

Пронајдена дрога при претрес во прилепско, приведен дилер

Денеска (16.08) полициски службеници од СВР Битола -ОВР Прилеп го лишиле од слобода Д.В.( 47) од Прилеп. Имено, по претходно издадена наредба од Основен суд Прилеп, извршен е претрес во викенд куќа лоцирана во с. Старо Лагово, прилепско, сопственост на Д.В., и пронајдена е кафеава прашкаста материја и дигитални ваги.

По документирање на настанот против лицето ќе следува соодветен поднесок – информираат од ОВР Прилеп.

Внимавајте! “Камикази” претоварени со дрва, возат и со 100км/ч по патот кон прилепското вештачко езеро (ВИДЕО)

30 години иста песна! Се чини дека и промена на 100 власти нема да ја спречи нелегалната сеча на шумите, особено кај Дервен над прилепското вештачко езеро.

“Камикази” кои возат и по 100км/ч на патот кон вештачкото езеро се речиси редовна слика, а граѓаните кои овој пат го користат за рекреирање со велосипеди, или со автомобил со своето семејство да дојдат до езерото и да поминат малку слободно време, секојдневно стравуваат да не налетаат на старите лади, кои се претоварени со бесправно исечени огревни дрва.

Видеата во продолжение се од пред 3 дена, кога наш сограѓанин се обидел да го следи караванот, што со огромна брзина се спуштал кон градот.

Прилепчанец со “ауди” се судрил со моторциклист во Скопје: Возачот на мопедот со тешки повреди пренесен во болница

На 15.08.2023 во 14.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од бул.„Јане Сандански“ и ул.„Владимир Комаров“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.К.(54) од Прилеп и мотоцикл „пиаџо“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Д.К.(58) од Скопје.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје – информираат од МВР.

За влакно им избега медал: ИЛИНДЕНЦИТЕ од Прилеп во одлично светло се претставија на силната трка во Белград (ФОТО)

Велосипедистите на ВК и сервис „Илинден“ oд Прилеп, заедно со ВК „Вело-М„ од Куманово, настапија на кадетската трка “Трофеј Београда – Београдски победник“ која се одржа овој викенд во Белград.

На Константин Костоски и Младен Петрески од „Илинден“ и Леон Милетиќ од „Вело-М“, противници им беа најдобрите од Унгарија и Србија.

Трката беше организирана во 3 етапи, и тоа:

Прва етапа – Ридска трка – искачување на Авала

Втора – Критериум – Ушче, во Паркот на пријателство

Трета – Друмска трка – Ушче, бул. Никола Тесла.

Нашите велосипедисти се покажаа во одлично светло и докажаа дека можат да се носат на големи натпреварувања. Прва етапа, Константин 6-ти, Леон 7-ми и Младен 14-ти.

Втора етапа, за „влакно“ испуштен медал, Константин 4-ти, Леон 9-ти и Младен 15-ти.

Трета етапа, прилепчани нападнаа уште на старт, на трка која беше 60км, но за жал не издржаа до крај. Сепак момците покажаа борбеност и карактер, а само тимската работа на конкуренцијата беше пресудна. На крајот, Константин 6-ти, Леон 12-ти и Младен 16-ти.

Дечките и тренерот на прилепскиот клуб се горди на прикажаното, борбеноста, мотивацијата и формата.

Следна пречка за нив е долго очекуваното Балканско првенство, кое ќе се одржи во Лариса, Грција, од 25-27ми август.

(ФОТО) Таксист доцна синоќа во Прилеп изгубил контрола и удрил во електричен столб

Синоќа околу 2:30ч. на кружниот тек “Карпалак” во Прилеп се случила сообраќајна незгода, во која возач на такси возило поради засега непознати причини излетал од коловозот и удрил во електричен столб.

Од ударот целосно оштетено било возилото, а не е познато со какви последици поминал такси возачот.

Увид на лице место извршиле полициски службеници од ОВР Прилеп, при што местото било обезбедено поради страв од експолозија.

Битолчанец уапсен во Прилеп: Се барал за доиздржување затворска казна

Денеска (16.08.2023) од страна на полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Прилеп, лишен е од слобода И.Р.(45) од Битола.

Тој се барал со наредба од Казнено-поправната установа Затвор Идризово за доиздржување казна затвор од 3 години и 6 месеци.

Лицето е приведено и ќе биде спроведено во казнено-поправната установа за доиздржување на затворската казна – информираат од МВР.

MВР поднесе барања за прекршочни постапки против две општини и двајца актуелни градоначалници

Денеска (15.08.2023) Министерството за внатрешни работи, поточно Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за општ и насилен криминал, во координација со Секторите за внатрешни работи Скопје и Тетово до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против правните лица Општина Чаир и Општина Тетово и одговорните лица во овие правни лица, градоначалниците на овие општини В.Г. и Б.К.

Имено, за време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, предводена од претседателот на Владата на Република Косово, г.Албин Курти, при организираниот пречек на 11.08.2023 на ул.„Ферид Мурати“ во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија. Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл.30 од истиот закон.

МВР продолжува со потрага по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

ВМРО стои зад протестите на пензионерите, обвинува министерката Тренчевска

Нема спонтаност и самоорганизираност во протестите на пензионерите. Тие се во организација на ВМРО-ДПМНЕ за да се направи хаос во општеството, оцени денеска министерката за труд и социјална политика, Јова Тренчовска, зборувајќи во утринската програма на МТВ.

„Ако ги погледнеме сите оние (учесници н.з.) низ градовите кај што има протести на пензионерите, ќе ги видиме во иницијативи, во одбори, родители на високи функционери во ДПМНЕ или пак и самите се членови на телата во партијта. Тоа укажува дека не се самоорганизирани, не е спонтана реакција на пензионерите, туку дека зад овие протести стои токму ДПМНЕ сѐ со цел да направат хаос во општеството, како што и впрочем години наназад работат да направат хаос во државата“, рече Тренчевска.

Таа најави дека денеска ќе има состанок со Сојузот на пензионери, кое, како што посочи, е легитимно тело кое се грижи за 330.000 пензионери и со кое досега биле договоени сите мерки низ дијалог и преку флексибилност од двете страни.

Повторно се зголемува цената на горивата

Од полноќ поскапеа бензините, дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за денар ипол, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

Според оваа одлука, новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 е 86,50 ден/лит, на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 88,50 ден/лит, а дизелот по цена од 81 ден/литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство изнесува 80,50 ден/лит.

Се зголемува и малопродажната цена на мазутот за 0,801 ден/кг, во однос на претходно утврдената цена и чини 46,592 ден/кг.

Новата одлука за зголемување на цените, од РКЕ ја образложуваат со зголемувањето на цените на нафтените деривати на светските берзи.

Младите прилепски пингпонгари на Младост96 се вратија со медали од силни турнири во Србија (ФОТО)

Младинецот Лука Огненоски и кадетот Трајче Маркоски, играчи на ППК Младост96, изминатата недела беа на седумдневен камп во Власина Србија, каде работеа на усовршување на техниките, како и на кондициони подготовки.

Двајцата играчи на прилепскиот клуб работеа со мошне квалитетни тренери од Србија, Бугарија и Македонија, а начинот како ги одработија подготовките резултираше со три освоени медали на завршницата на кампот – на два одделни турнири во Србија.

Претпоследниот ден од кампот во каде учествуваа повеќе од 100 деца од 9 земји, Лука Огненоски го освои третото место во категорија младинци. Во групата со три победи се квалификува во елиминациите, како прв од група и извојува две победи во 1/8 финале и 1/4 финале, а потоа беше запрен во полуфиналниот дуел против играч од Бугарија со 3-0.

Трајче Маркоски во категорија млади кадети се пласира во 1/4 финале.

На меѓународниот турнир наредниот ден во Сурдулица, каде имаше голема конкуренција, повторно одлична игра на двајцата пингпонгари, и освоени два нови медали. Лука Огненоски повторно со бронзен медал, а со бронза се закити овојпат и Трајче Маркоски. Двајцата триумфираа над доста квалитетни противници.

ППК Младост96 за наредната сезона повторно ќе биди конкурентен за највисок пласман во сите категории на натпреварување.