По повод 100 години од упокојувањето на Крсте Петков Мисирков (1926–2026), во Прилеп ќе се одржи спомен-вечер посветена на животот, делото и трајното наследство на еден од најзначајните македонски просветители, филолози и национални дејци.
Настанот ќе се одржи на 26 јули (недела) со почеток во 19:30 часот, во Параклисот „Св. Злата Мегленска“ во Прилеп, кој се наоѓа во паркот на ул. “Петта Прилепска Бригада”.
Организатор на спомен-вечерта е Прилепското здружение на Македонците од егејскиот дел на Македонија и нивните потомци, со финансиска поддршка од Општина Прилеп.
Од организаторите посочуваат дека настанот е посветен на трајното духовно, културно и научно наследство на Крсте Петков Мисирков, како и на неговиот немерлив придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и македонската национална самобитност.
Во рамките на програмата ќе настапи Црковниот хор „Света Петка“ – Прилеп, а присутните ќе имаат можност достоинствено да му оддадат почит на човекот чие дело и денес претставува еден од темелите на современата македонска национална и културна мисла.
Настанот ќе се одржи под мотото инспирирано од една од најпознатите мисли на Мисирков:
„Ние сме народ, кој има свое име, своја историја и своја иднина.“ – Крсте Петков Мисирков.
Спомен-вечерта е отворена за сите граѓани кои сакаат да оддадат почит на личноста и делото на Крсте Петков Мисирков и да бидат дел од одбележувањето на еден век од неговото упокојување.
























