Завршена е постапката за годишното оданочување на граѓаните за 2025 година, при што во годишните даночни пријави се пријавени приходи од над 612 милијарди денари. Вкупно пресметаниот данок на личен доход изнесува 39,8 милијарди денари, информира Управата за јавни приходи.
Од УЈП посочуваат дека во споредба со 2024 година, пријавениот доход е зголемен за 74,1 милијарда денари, додека пресметаниот данок е повисок за 4,86 милијарди денари.
За 2025 година се генерирани 863.100 годишни даночни пријави. Од нив, 704.443 се достапни преку системот „е-Даночни услуги“, додека останатите се однесуваат на граѓани кои сè уште немаат креирано кориснички профил и не можат да извршат увид во својата пријава.
УЈП ги повика сите физички лица кои немаат профил на електронскиот систем да се регистрираат и да ги проверат податоците, бидејќи преку увидот можат да утврдат дали имаат обврска за доплата или право на поврат на данок.
Од вкупниот број достапни пријави, 26.653 биле потврдени лично од даночните обврзници, додека 1.145 биле коригирани. Останатите 676.645 пријави биле службено потврдени од страна на УЈП.
Според Управата, значителен број граѓани не извршиле лична проверка на податоците, што може да доведе до ненавремено откривање на евентуални грешки или дополнителни обврски.
Најголем дел од пријавите покажуваат дека граѓаните имале повеќе платен данок – 313.519 пријави, додека 208.857 лица имаат обврска за доплата. Кај речиси 182.000 пријави данокот бил точно пресметан и платен во текот на годината, без потреба од дополнителни плаќања или поврат.
Од граѓаните со повеќе платен данок, 617 лица побарале враќање на вкупно 32,4 милиони денари.
























