Саксофонистот Христијан Ристески прогласен за најдобар џез-музичар за 2025 на “Џез фактори” фестивалот во Битола

Саксофонистот Христијан Ристески, музичар кој живее и работи во Австрија, е добитник на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар за 2025 година.

Наградата традиционално се доделува во рамките на Џез фактори фестивалот во Битола, а свеченото врачување се одржа во НУ Народен театар Битола. Ристески, кој се издвојува со својот јасен и современ израз, изјави дека наградата е препознавање на целиот труд што го вложил низ годините и на неговата желба за џез-музиката.

Тој додаде дека континуитетот е многу битен во оваа работа и дека љубовта кон музиката е главниот двигател за да се продолжи напред и покрај тешките периоди. Наградата од оваа година е зајакната преку партнерство со Синпекс. Христина Фуна од Синпекс/UTOPIA, која ја додели наградата, изјави дека културата не е трошок, туку инвестиција во вредности што остануваат.

Таа им честиташе на Џез фестивалот за деветгодишното организирање и додаде дека ова признание за Ристески е „глас кој допрва ќе се слуша“.

Во соработката улога има и личната поврзаност со џезот на Синиша Петровиќ, еден од основачите на Синпекс. Во рамките на програмата, љубителите на џезот имаа можност да присуствуваат на концерт на Ристески квартетот во Утопија. Визуелниот идентитет на наградата е дело на Ања Ристевска.

Претходни добитници на признанието се Александар Ванчовски, Филип Динев, Александар Бошков, Јован Цветковиќ, Давид Скерлевски и Теодор Јаневски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.