Ракометарите на Прилеп ставија успешен печат на сезоната во македонската Супер лига, откако во последното коло од плеј-аутот славеа на гостувањето кај Еурофарм Пелистер 2 со 28-24.
Во дуелот на двете најдобро пласирани екипи во плеј-аут фазата, прилепчани уште еднаш покажаа зошто беа најконстантниот и најквалитетен тим во овој дел од натпреварувањето.
Интересно е што и двете полувремиња завршија со ист резултат. Прилеп на одмор замина со предност од 14-12, а со идентични 14-12 го доби и вториот дел за конечна победа од четири голови разлика.
Најефикасен во победничкиот состав беше Димитар Димитриоски со десет погодоци, додека кај битолчани Маркоски и Шулески постигнаа по седум голови.
Со новите два бода, Прилеп на импресивен начин го заврши настапот во плеј-аутот, забележувајќи максимален учинок од десет победи на исто толку одиграни натпревари.
Спортски Прилеп се надева дека следната сезона во Супер лигата, РК Прилеп ќе се врати во спортскиот храм на градот – Универзалната сала, која се’ уште чека на ветувањето на властите за нејзино реконструирање.
Ако Универзлна не се врати во функција, РК Прилеп и следната сезона ќе игра во училишна сала, која воопшто не е соодветна за ракомет од највисок квалитет.
























