На 18 април 2026 година, Ротари клубот Прилеп одбележа значаен јубилеј – 18 години постоење, симболично прославувајќи го своето „полнолетство“ со свечена настан-вечер исполнета со хуманост, дружење и забава.
Прославата се одржа во присуство на бројни гости, пријатели и поддржувачи на клубот, како и претставници од други ротари клубови од земјава и странство. Атмосферата беше збогатена со музичка програма и стенд-ап настап, а централно место имаше хуманитарната аукција на уметнички дела.
На аукцијата беа понудени вкупно 16 уметнички дела, кои беа целосно продадени. Со собраните средства ќе се обезбедат прочистувачи за воздух за целосно опремување на уште две детски градинки во Прилеп, што претставува уште еден значаен придонес кон локалната заедница.
Од клубот истакнуваат дека низ годините Ротари клубот Прилеп се профилирал како синоним за хуманост, вредности и посветеност, благодарение на ангажманот на своите членови. Посебна благодарност упатуваат до сите ротаријанци кои со својата работа го граделе позитивниот имиџ на клубот.
Денес, Ротари клубот Прилеп важи за еден од најголемите и најактивните клубови во државата. Само во ротаријанската 2025/2026 година, реализирани се повеќе од 20 проекти и активности, кои се широко прифатени од заедницата.
Од клубот порачуваат дека и во иднина ќе продолжат со исто темпо и уште поголема енергија, останувајќи верни на својата мисија – да создаваат позитивни промени во општеството.





























