По шест години успешно лидерство на Тодорка Наумоска-Димески, конвивиумот Slow Food Prilep доби нов лидер. На чело на организацијата доаѓа Филип Петкоски, еден од нејзините основачи и долгогодишен активен член, кој најавува продолжување на мисијата за афирмација на локалната храна, традиционалните вредности и одржливото производство.
Со својата посветеност, енергија и визија, Тодорка Наумоска-Димески остави силен белег во развојот на Слоу Фуд Прилеп. Во изминатите шест години конвивиумот реализираше бројни проекти, настани и иницијативи, создаде нови партнерства и ја зацврсти врската меѓу производителите, заедницата и љубителите на добрата, чиста и правична храна.
Денес Тодорка упатува искрена благодарност до сите членови, локални производители, соработници и пријатели кои беа дел од ова заедничко патување, нагласувајќи дека и понатаму ќе остане активен поддржувач на идејата и вредностите што ги негува Слоу Фуд.
„Иако повеќе нема да ја извршувам оваа функција, вредностите на Слоу Фуд остануваат дел од мене. Ќе продолжам да ги поддржувам луѓето, производителите и приказните кои не потсетуваат дека храната е култура, традиција, идентитет и начин на живот.“
Новиот лидер Филип Петкоски, правник и пчелар, е еден од основачите на Слоу Фуд Прилеп и долгогодишен член на Управниот одбор. Неговата визија е насочена кон зачувување на автентичните вкусови, поврзување и промоција на одржливото производство и едукација на младите. Дополнителен поттик, како што истакнува, му дало учеството како делегат на светскиот собир „Terra Madre 2024“ во Италија.
-Горд сум на досегашното искуство како член на Слоу Фуд Прилеп и еден од основачите, на мојата улога во Управниот одбор, вклучувајќи го претставувањето како делегат на нашиот регион на светскиот собир Terra Madre 2024 во Италија, што ми даде нова енергија и визија, која активно ја преточувавме во локалните настани во Прилеп.
Оваа посветеност е дел и од моето секојдневие, бидејќи со семејството традиционално се занимаваме со пчеларство и производство на мед- вели Филип.
“Мојот план за во иднина е уште посилно да се вклучам во организацијата на претстојните активности преку вмрежување на членовите со посети на локални производители, одржување на нашиот традиционален настан „Млеко“ во септември и Новогодишниот базар во декември, како и преку едукација на учениците со проширување на училишните градини и поголема посветеност од страна на училиштата и од нас како здружение.“
Од Slow Food Macedonia упатуваат искрена благодарност до Тодорка Наумоска-Димески за нејзината посветеност, визија и несебично залагање во изминатите шест години. Благодарение на нејзиниот ангажман, Слоу Фуд Прилеп прерасна во препознатлив конвивиум кој преку бројни успешни активности ја промовираше филозофијата на добрата, чиста и правична храна.
На Филип Петкоски му посакуваме успешен мандат, многу инспирација, енергија и нови достигнувања, со уверување дека конвивиумот ќе продолжи да расте, да обединува и да создава нови вредности.























