Крушево и годинава достоинствено ја пречека традиционалната Илинденска коњаница, еден од најпрепознатливите симболи на чествувањето на Илинден и споменот на хероите кои ја испишаа најсветлата страница од македонската историја.
По тој повод, градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, истакна дека пристигнувањето на коњаницата претставува потсетник на непокорот, слободата и илинденскиот дух, кои со децении се негуваат и се пренесуваат од генерација на генерација.
„Голема благодарност до сите коњаници кои и годинава, со љубов, почит и посветеност, го изодеа патот до Крушево. Над 140 коњаници од различни краеви на Македонија пристигнаа да го продолжат овој величествен традиционален марш и да ја донесат пораката за слобода и сеќавање на илинденските идеали“, порача Чонески.
Тој нагласи дека Крушево, како град на Илинден и Крушевската Република, со особена гордост ги отвора своите врати за сите посетители кои доаѓаат да им оддадат почит на илинденците и да бидат дел од одбележувањето на најзначајниот датум во македонската историја.
Традиционалната Илинденска коњаница и оваа година претставува еден од највпечатливите моменти во пресрет на 2 Август – Илинден, носејќи силна порака за единство, слобода и почит кон историското наследство.
































