Крушево викендов ќе биде домаќин на првото издание на „Krushevo Open Days“ – саем за туризам, креативни индустрии и гастрономија

Овој викенд, на 18 и 19 јули, Крушево ќе биде домаќин на првото издание на саемот „Крушево отворени денови – Krushevo Open Days“, настан посветен на промоција на туризмот, креативните индустрии и богатата гастрономска понуда на градот.

Саемот ќе се одржи во Градскиот парк во Крушево, а свеченото отворање е закажано за сабота, 18 јули, со почеток во 11:00 часот.

По тој повод, градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, преку социјалните мрежи упати покана до граѓаните и посетителите да бидат дел од оваа нова туристичка приказна.

„Ве поканувам да бидете дел од првото издание на Саемот за туризам, креативни индустрии и гастрономија „Крушево отворени денови – Krushevo Open Days“. Заедно ќе ги претставиме убавините на Крушево, нашата традиција, автентичната гастрономија и креативниот дух што го прават нашиот град единствена туристичка дестинација. Ве очекуваме да ја почувствувате и да бидете дел од една нова традиција“, порача Чонески.

Во текот на двата саемски дена посетителите ќе имаат можност да се запознаат со туристичката понуда на Крушево, локалните производители, традиционалната кујна, креативните индустрии и културното богатство на градот, со цел дополнително да се афирмира Крушево како атрактивна туристичка дестинација.

Работното време на саемот ќе биде од 11:00 до 14:00 часот и од 17:00 до 20:00 часот во двата дена. Настанот е во организација на Здружението „Културен Манифест Крушево“, со поддршка од Општина Крушево.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.