Има епидемија на корупција во земјата, во секој сектор, оцени Агелер

–Во последните десет години има прилично зголемување на корупцијата во земјава, оцени американската амбасадорка Анџела Агелер на брифинг со новинари.

Таа ја повтори констатацијата дека во Македонија има епидемија на корупција.

-Како што веќе кажав, има епидемија на корупција во земјава и тоа во секој сектор, во секоја организација. Само со објавување на корумпираните актери можеме да ѝ помогнеме на земјава да „се фати за работа“ за тоа, изјави Агелер, говорејќи за објавувањето на поединци, вклучително и на Кочо Анѓушев на американската црна листа.

Според неа, во периодот од 32 години од американските односи со Македонија, САД, настрана од воената помош, дале речиси половина милијарда долари за добро владеење и за владеење на правото.

– Спроведовме обука за мнозинството од судиите и обвинителите и не видовме враќање на „инвестицијата“. Едно од средствата што како САД ги имаме на располагање е ставање на лица на црната листа, или на онаа од Стејт департментот или на таа од Министерството за финансии, рече Агелер.

Што се однесува до случајот со Анѓушев, таа информираше дека тој, преку адвокати, веќе вложил жалба на американската одлука да го стави на црната листа, но како што кажа, има слобода на говор и секој може да реагира на некоја одлука. Притоа појасни дека ставањето на некое лице на црната листа не засновано само на сомневања, туку на докази и вети дека Анѓушев не е последниот што се најде на листата туку ќе има и други, без да говори за имиња.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.