Вистинско чудо се случи на празникот Св. Пантелејмон во истоимениот манастир кај мариовско Полчиште (ВИДЕО)

Сместен на една од најубавите панорамски локации во Мариово, на врвот Панделе во близина на село Полчиште, манастирот Св. Пантелејмон во изминатите години прераснува во едно прекрасно светилиште кое го посетуваат стотици верници.

Иако до самиот манастир не води пристапен пат, управата изминатите години прави вистински чуда да донесе до местото разно-разни градежни материјали и постојано да го осовременува ова прекрасно место.

И оваа година за патронот на манастирот, Св. Пантелејмон, кој се слави на 09. август, беше весело и разиграно. Традиционално пристигнаа повеќемина иселеници од ова село во странство, но и прилепчани кои влечат корен од Полчиште.

Интересен момент се случил за време на аукцијата, кога разни дарови кои верниците ги оставаат во манастирот се продаваат, со цел да се соберат што повеќе средства и истите да се вложат во некој неопходен зафат.

Имено, две тегли мед, кои ги оставил некој неименуван пчелар, биле продадени по неверојатни 55.000 денари, или за околу 2.000 евра. За мештаните и верниците кои на празникот го посетија манастирот ова е чудо, и веруваат дека самиот светец ги натерал наддавачите на аукцијата толку многу да ја кренат цената.

Аукцијата и дел од празничната атмосфера можете да ги погледнете во видеото во продолжение:




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.