Додека многумина секојдневно зборуваат за проблемите со нечистотијата во градот, волонтерите од иницијативата „Мој Прилеп“ повторно покажаа дека вистинските промени започнуваат со личен пример.
Во рамки на акцијата „Чистиме Џубрината #1“, десетици граѓани доброволно го исчистија и уредија паркот и детското игралиште кај зградите во населбата Бончејца. Со метли, гребла, тримери, колички и многу ентузијазам, тие за само неколку часа целосно го променија изгледот на просторот.
Акцијата беше реализирана во соработка со ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, чии екипи се вклучија со косење на дополнителните површини и подигнување на собраниот отпад. На тој начин, уште еден дел од градот доби почиста и поуредена слика.
Од „Мој Прилеп“ упатија благодарност до сите волонтери и до граѓаните кои помогнаа со освежување, истакнувајќи дека со секоја нова акција бројот на учесници расте, а заедно со тоа расте и свеста дека Прилеп може да биде поубав ако секој даде мал придонес.
Ваквите луѓе заслужуваат искрена почит. Наместо да чекаат некој друг да ја заврши работата, тие покажуваат дека со добра волја, организација и заедништво може да се направи вистинска промена.
Секоја чест за волонтерите од „Мој Прилеп“! Нивниот пример заслужува да биде следен, а доколку сакате и вие да придонесете за поубав и почист Прилеп, приклучете се на нивната наредна акција. Градот е наш – да се грижиме за него заедно.































