Љутков од Прилеп: “Не се однесувам како проблемот да не постои, недозволиво е Прилеп да нема театар”

Со порака дека културата е темел на идентитетот и дека дојде крајот на долгогодишното запоставување на институциите, министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на свеченото отворање на јубилејниот 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Во своето обраќање, Љутков истакна дека фестивалот веќе шест децении претставува чувар на македонските театарски вредности и место каде што се создава и негува националното драмско творештво.

„Со подигнувањето на завесата, фестивалот испишува нова приказна за сценските волшепства, уметничката историја и културната традиција со која се афирмира македонското драмско творештво“, рече министерот.

Тој нагласи дека фестивалот „Војдан Чернодрински“ е временска верига на високите театарски вредности што се создаваат на македонска почва и потсети на значењето на неговиот патрон, основоположникот на македонскиот театар Војдан Чернодрински.

„Името на Војдан Чернодрински веќе шеесет години претставува синоним за новите специфики и креативната форма на македонскиот театар и симбол на нераскинливата поврзаност на неговото творештво и револуционерната борба на македонскиот народ низ вековите“, истакна Љутков.

Посебен акцент во говорот министерот стави на состојбата во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, чиј објект е затворен од март минатата година поради сериозни безбедносни недостатоци.

„Еден град без театар навистина е град без душа. А културата, колку и да е скапа, секогаш е поевтина од некултурата што доаѓа по неа. Како министер за култура, немам намера да се однесувам како проблемот да не постои. Објектот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е затворен од март минатата година поради сериозни безбедносни недостатоци. Тоа е недозволива состојба за институција со 75-годишна традиција, со повеќе од 400 премиери и над два милиона гледачи“, рече министерот.

Тој потенцираше дека проблемот не е само локален, туку прашање на достоинството на македонската култура и најави конкретни чекори за негово надминување.

„Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме. Не како политичко ветување, туку како долг кон генерациите уметници што ја создаваа историјата на овој театар и кон генерациите што допрва ќе ја создаваат неговата иднина“, порача Љутков.

Со оваа најава, отворањето на јубилејното 60. издание на фестивалот доби и дополнителна тежина, испраќајќи порака дека покрај славењето на богатата театарска традиција, следува и период на вложувања во институциите што ја создаваат и чуваат македонската култура.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.