Селото кое според преданието името го добило од Јуда: Посетете го прекрасното Јудово (Фото)

Јудово е село сместено во областа Копачка, во општина Кичево. Селото до март 2013 година било дел од поранешната Општина Другово, која оттогаш е припоена кон Општина Кичево.

Селото е планинско, на надморска височина од 850 метри, а од Кичево е оддалечено 12,5 километри.

Јудово се смета за едно од најстарите села во Кичевско. Под истото име се сретнува во турските пописни дефтери од 1476/77 година, како дел од Кичевската нахија и имало 17 словенско-христијански куќи.

Во одредени делови од атарот на селото (како Кршојне) има остатоци од стари рудници. Постои рударски ров долг 9 и широк 4 метри. По Втората светска војна, тука повторно имало рудник, во кој работеле 240 работници. Рудникот работел во периодот 1951-1955 година. Во него била пронајдена железна руда.

Јудово е мало село со тенденција на раселување. Тоа во 1961 година броело 239 жители, а во 1994 година само 46 жители, македонско население.

Според последниот попис од 2002 година, во селото Јудово живееле 27 жители, сите Македонци.

За селото постои една интересна легенда за тоа како го добило името.

Според едно предание, името Јудово го добило поради тоа што селаните од ова село некого предале, како што Јуда го предал Христос, па оттаму потекнува името на селото. Меѓутоа, има и друго предание по кое името Јудово го добило од името на селото Удово кај Дебар, од каде се претпоставува дека дошле првите доселеници во ова село.

Помеѓу двете светски војни, селаните сакале да го променат името на селото и да го именуваат во нивниот основач, Ковачево. Меѓутоа, властите го предложувале името Вирово. На крај, промената не била извршена.

Во селото се наоѓа една мала, но автентична црква која го носи името на Св. Атанасиј. Црквата е изградена во 1845 година, а според податоците во црковните книги, истата е осветена во 1863 година.

Иконостасот и фрескоживописот се од 1902 година. Иконите се дело на Крсте Николов и син му Русалим од мијачкото село Лазарополе.

Во селото се наоѓа и спомен чешма на борците од НОБ, а пред чешмата е нацртано големо сонце со шеснаесет краци.

Секогаш е убаво да посетите некое ново место, а тоа не мора секогаш да биде море или езеро. Убавините на Македонија се насекаде. Посетете го Јудово.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.