Ристески присутен на отварањето на „Mega shopping Park“ молот во Гевгелија – доби прашање: “Кога во Прилеп?”

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска беше присутен на отварањето на модерениот трговски центар „Mega shopping Park“ во Гевгелија.

-Ова е голема инвестиција вредна над 15.000.000 евра и истата ќе отвори многу нови работни места, а ќе има и позитивно влијание на локалната економија, напиша Ристески на социјалните мрежи, а потоа доби и прашање од познатиот новинар и критичар на општествено-политичките случувања, Зоран Момироски во коментари.

Прилепчани секојдневно гледаат како во останатите градови се отвараат големи трговски објекти, молови, големи дуќани за шопинг, за забава, рекреација…и веќе изгубија надеж дека тоа некогаш ќе го дочекаат и во својот град.

Покрај Гевгелија, градови како Битола, Охрид, Струга, Струмица… веќе имаа вакви шопинг молови, во Кавадарци веќе се гради, во Прилеп не е ниту на повидок. Во меѓувреме актуелните градски власти ветуваат изградба на три молови во градот под Марковите Кули. Koлку е тоа реалистично, останува да видиме…

Проданоски: “До крајот на мандатот Прилеп ќе има три затворени трговски центри”

Инаку, трговскиот центар „Мега шопинг парк” во Гевгелија се простира на површина од над 20 илјади квадратни метри, а денеска беше пуштен во употреба во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов, генералниот директор на трговскиот центар, Сотирис Јанакудакис, како и владини и општински претставници, и претставници од компанијата инвеститор „А ПЛУС 1″.

Новиот трговски центар, според најавите, отвора простор за познати и веќе присутни светски и домашни брендови, како и имиња кои првпат ќе влезат на македонскиот пазар, а инвестицијата се очекува да даде поттик за нови вработувања во Општина Гевгелија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.