Компаниите имаат можност до 24 јули да аплицираат за владината мерка за поддршка на нови вработувања, преку која финансиската помош може да достигне и до 1,25 милиони денари по компанија, во зависност од нејзината големина. Ова го истакна заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на МРТВ.
Ристески посочи дека Владата преку оваа мерка очекува околу 1.400 директни нови вработувања, а ги повика компаниите навремено да ги достават своите апликации во подрачните единици на Агенцијата за вработување.
„Имавме состанок со стопанските комори и ги повикавме компаниите да го искористат рокот за аплицирање за оваа значајна мерка. Очекуваме околу 1.400 директни вработувања. За лица до 29 години субвенцијата изнесува 250.000 денари, за лица над 29 години 160.000 денари, а за ранливите категории 220.000 денари“, рече Ристески.
Тој појасни дека висината на финансиската поддршка ќе зависи од бројот на вработувања и големината на компанијата.
„Во просек, поддршката може да изнесува од 800.000 до 1.250.000 денари по компанија. Компаниите ќе можат да вработат најмногу пет лица преку оваа мерка, со обврска тие да останат во редовен работен однос од 9 до 15 месеци, во зависност од категоријата“, истакна заменик-министерот.
Во гостувањето, Ристески се осврна и на мерката за самовработување, нагласувајќи дека годинава е забележан рекорден интерес.
„За мерката за самовработување, за која неодамна заврши рокот за аплицирање, имаме рекордни над 5.500 апликации. Со оваа мерка им овозможуваме на невработените лица, особено на младите, да започнат сопствен бизнис, да се вработат и да придонесат кон развојот на локалната економија“, изјави Марјан Ристески.
























