Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, преку објава на социјалните мрежи информираше дека во изминатите девет месеци се обезбедени инвестиции во вредност од 990 милиони денари за реализација на капитални проекти во општината.
Според Проданоски, покрај средствата за капитални инвестиции, Општината вложила и повеќе од 15 милиони денари за изработка на проектна документација.
„Зад нас се девет месеци посветена работа, период во кој заедно со Советот покажавме дека со чесен, одговорен и домаќински пристап работите можат да се придвижат во општина Прилеп“, наведува Проданоски во објавата.
Тој посочи дека е завршена и најголемата јавна набавка во износ од 168 милиони денари за рехабилитација на улици, тротоари и локални патишта, а реализацијата на овие активности треба да започне наскоро.
Меѓу проектите кои се во подготовка или реализација, градоначалникот ги издвои: Комплетна обнова на подземната инфраструктура и асфалтирање на централното градско јадро кај Орта Џамија, подготовка на проектите за обиколницата „Запад“ и индустриската зона „Комфи Ангел“, проект за проширување на малото мостче на улицата „Цане Илиески“ како трет мост во низа, со цел растоварување на сообраќајот, подготовка на проекти за улиците „Александар Македонски“, „Зеленгора“, „Егејска“ и за комплетна реконструкција на инфраструктурата во населбата „Сточен Пазар“.
Проданоски нагласи дека секојдневно е на терен и дека е отворен за предлози, идеи и забелешки од граѓаните.
„Продолжуваме со работа, посветено и одговорно“, порача Проданоски.
























