Кавадарци и годинава ќе биде центарот на винската традиција, музиката и забавата. Советот на Општина Кавадарци на својата 11-та седница ја усвои официјалната програма за „Тиквешки гроздобер 2026“ – манифестацијата која со години го претставува најзначајниот симбол на лозарството и винарството во овој регион.
Фестивалот ќе се одржи од 4 до 6 септември, а организаторите најавуваат богата тридневна програма која ќе ги спои традицијата, културата, винските обичаи и атрактивните музички настапи. Со ова издание, „Тиквешки гроздобер“ повторно ја потврдува својата позиција како една од најпосетените општински манифестации во Македонија.
За подготовката и реализацијата на културно-забавниот дел од програмата задолжена ќе биде компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје, додека главните концертни случувања ќе се одвиваат на Градскиот плоштад во Кавадарци.
Фестивалската атмосфера ќе започне во петок, 4 септември, со вечер посветена на помладата публика и современите музички звуци. На сцената ќе настапи македонскиот состав Зи Бомб, потоа следува настапот на регионалната трап ѕвезда Де Вито, а вечерта ќе заврши со музички сет на DJ Галовски.
Сабота, 5 септември, ќе донесе комбинација од поп, рок и добро познати хитови. Публиката ќе има можност да ги слушне настапите на Дупер и Нокаут, а специјален гостин и главна ѕвезда на вечерта ќе биде легендарниот Жељко Самарџиќ.
Последната фестивалска вечер, недела (6 септември), ќе биде резервирана за големо финале. Пред кавадарчани и гостите ќе настапат младата музичка ѕвезда Џејла Рамовиќ и популарниот Пеџа Јовановиќ, а по завршувањето на концертната програма, точно во 01:00 часот, фестивалот ќе биде заокружен со спектакуларен огномет.
Покрај вечерните концерти, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во низа дневни активности кои ја слават традицијата на Тиквешијата. Централниот настан – традиционалниот карневал, ќе се одржи во сабота, додека недела ќе биде посветена на најмладите со Детското карневалско дефиле, проследено со музичка програма со DJ Bono.
Градскиот плоштад ќе биде претворен во вистинска винска зона, со уредени простори за презентација и дегустација на познатите тиквешки вина, ракија, маџун и традиционални специјалитети. Во духот на народното творештво ќе биде збогатено и Полициското паркче.
Програмата опфаќа и спортски, културни и забавни содржини – кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“ во спортскиот центар „Јасмин“, мото-рели низ градските улици, изложба на олдтајмери на улицата „Илинденска“, како и традиционалната таблијада.
Посебна атмосфера ќе има и во Паркот на револуцијата, каде во текот на трите фестивалски денови ќе се слуша староградска музика, а посетителите ќе можат да уживаат во традиционална скара.
Со новото издание на „Тиквешки гроздобер“, Кавадарци повторно ќе ги отвори вратите за гости од целата држава и регионот, продолжувајќи ја приказната за градот како вистинска винска престолнина на Македонија.
























