На станарите од зградите на улица „Васко Карангелески“ бр. 125, кај Касарните во Прилеп, им дојде преку глава секојдневно да гледаат купишта отпад и да го чувствуваат непријатниот мирис кој доаѓаше од импровизираниот пункт за фрлање ѓубре.
Наместо само да се жалат, тие одлучија да преземат иницијатива и сами да го разубават просторот пред своите згради.
Со добра организација, волја и малку креативност, за помалку од една седмица никна вистинско еколошко острово – уреден простор со наменски поставени контејнери, кој освен што ќе овозможи полесно собирање на отпадот, ќе придонесе и за почиста и поуредна околина.
Станарите беа информирани од КОМУНАЛЕЦ дека отпадот повеќе нема да се остава на стариот пункт кај мостот, кој со години беше претворен во дива депонија и место каде несовесни граѓани оставаа секаков вид отпад, а комуналците не успеваа да се справат.
За жителите од овие згради се обезбедени посебни контејнери за мешан комунален отпад, како и за селекција на отпад.
Секоја чест за станарите кои покажаа дека промените понекогаш почнуваат од самите нас.



























