Владиката Петар наполни 80 години – тој е најстариот архијерех на МПЦ-ОА

Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар денес го одбележува својот 80-ти роденден. Роден е на 29 мај 1946 година во селото Богомила, каде што го завршил и основното образование.

Своето богословско образование го продолжил во Богословијата во Призрен, каде што се запишал во 1966 година, а во 1970 година дипломирал на Богословскиот факултет во Белград.

Веднаш по завршувањето на студиите, на 1 септември 1970 година, бил назначен за професор во Македонската православна богословија во Драчево, Скопје. Во периодот од 1972 до 1976 година ја извршувал должноста прв секретар на Полошко-кумановската епархија, при што паралелно бил задолжен и за сметководствените, благајничките и административните работи.

На 6 февруари 1972 година го примил ѓаконскиот чин, а четири години подоцна бил произведен во чин протоѓакон. Истата 1976 година бил ракоположен и за свештеник.

По службата како парохиски свештеник во Соборниот архиепископски храм „Св. Димитриј“ во Скопје, во 1978 година повторно се вратил во Богословијата како професор, по барање на тогашниот ректор и на блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј.

По смртта на својата сопруга, на 19 јуни 1979 година се замонашил во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Криви Дол, Скопје.

На 4 април 1981 година бил избран за втор митрополит на Преспанско-битолската епархија. На 14 јуни истата година бил хиротонисан во Соборниот храм „Св. Димитриј“ во Скопје, а веќе следниот ден свечено бил востоличен во катедралниот храм на епархијата во Битола.

Од септември 1981 година ја презел и грижата за црковните општини во Шведска, а во 1982 година ги завршил последипломските студии во Рим, каде што ја одбранил магистерската теза „Теологијата на Свети Климент Охридски во неговите напишани дела“.

Во 1995 година бил назначен за администратор на Австралиско-новозеландската епархија, продолжувајќи ја својата долгогодишна духовна и пастирска мисија во Македонската православна црква.

Во текот на повеќе од четири децении архијерејска служба, митрополитот Петар остави длабока трага во духовниот живот на верниците, во развојот на црковното образование и во зацврстувањето на црковните институции во Македонија и меѓу македонската дијаспора.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.