Прилепската болница денеска направи значаен исчекор во областа на современата ортопедија, откако за првпат беше успешно изведена AutoCart процедура на колен зглоб.
Станува збор за современа биолошка метода за третман на оштетувања на зглобната ’рскавица, која овозможува поттикнување на природните регенеративни процеси во организмот. При интервенцијата се користат сопствени клетки и биолошки материјали од пациентот, со цел обновување на оштетената ’рскавица, подобрување на функцијата на зглобот и намалување на болката.
Оваа метода претставува значаен напредок во третманот на пациенти со оштетувања на колените зглобови, нудејќи современ и биолошки пристап во лекувањето.
Оперативниот тим кој ја реализираше процедурата го сочинуваа ортопедот д-р Кире Јоноски како оператор, д-р Миле Милошески како асистент и медицинската сестра Жаклина Мидоска.
Од болницата истакнуваат дека и во иднина ќе продолжат со воведување нови и современи медицински методи, со цел обезбедување поквалитетна здравствена грижа за пациентите од Прилеп и регионот.





























