Мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“ од Битола, под диригентска палка на проф. Лилјана Трајковска Димевски, ќе гостува во Хрватска, каде ќе одржи два концерти: во катедралата „Св. Михаил“ во Дубровник и во Домот на култура во Груда, Kонавле. Гостувањето е во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола во соработка со домаќините Хорот „Конавле“, Р.Хрватска.
Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ во својот репертоар негува богата ризница на хорски композиции од различни епохи и стилови. Особено место има духовната хорска музика, но застапени се и дела од македонскиот фолклор обработени за четиригласен хор, како и современи хорски композиции. Посебен момент од втората вечер од гостувањето во Хрватска, ќе биде заедничката изведба на хорот „Стив Наумов“ и хорот „Конавле“ на композиција од „Конавската венчавка“, која хористите ќе ја вежбаат на работилницата „Ајде да танцуваме, ајде да пееме“. Програмата е реализирана со поддршка на Општина Битола, Општина Конавле, Туристичката заедница на Конавле и Градот Дубровник.
Мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“ е првиот и најстар македонски хор, формиран на 6 ноември 1944 година, само два дена по ослободувањето на Битола. Денешната генерација на КУД „Стив Наумов“ со посебно внимание и почит ја негува традицијата започната пред 82 години.
Посебно значајна во уметничкото обликување на хорот е неговата диригентка проф. Лилјана Трајковска-Димевски, која со својата стручност, посветеност и љубов кон хорската музика го предводи истиот. Нејзината работа, заедно со посветеноста на хористите, овозможува различните музички дела да добијат свој препознатлив израз и да бидат претставени пред публиката со внимание и посветеност. Хорот настапувал на бројни домашни и меѓународни фестивали и е добитник на бројни награди и признанија меѓу кои 3 златни медали минатата година на 24-от меѓународен хорски натпревар „Мајски музичи свечености “во Бјелина, Босна и Херцеговина.
Овој хор е симбол на гордоста, љубовта кон музиката и негувањето на културното наследство кое го пренесува на новите генерации. Амбасадор на македонската музика и култура, носејќи го духот на Битола и Македонија на светската сцена.

























