Нова болница ќе се гради во Кичево. Станува збор за инвестиција од 22,5 милиони евра.
Денеска посета реализираше заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, заедно со претставници на Општината, кичевската болница и Светската банка.
Планираната инвестиција изнесува околу 1,38 милијарди денари, односно 22,5 милиони евра. Андовски вели дека со децении граѓаните се соочуваат со несоодветни болнички услови, а целта е создавање побезбеден и пофункционален здравствен систем.
Новата болница ќе има современи простории за дијагностика, болничко лекување и итна медицинска помош, како и модерна опрема со енергетска ефикасност.
Новиот објект ќе им служи на околните населени места, со што ќе се намали потребата пациентите да одат за здравствени услуги во Скопје, Охрид и Битола.
























