На стадионот „Петар Милошевски“ во Битола денеска беше реализирана вежба за евакуација и противпожарна заштита, со цел практично да се провери подготвеноста на вработените од институциите, одговорните лица и останатите учесници за навремено, организирано и ефикасно постапување во случај на пожар или друга вонредна ситуација.
Вежбата беше организирана од „Премиум Сејфти Солушн“, од каде посочуваат дека ваквите активности се особено значајни за објекти од јавен карактер, како што е градскиот стадион, каде при зголемена посетеност може да се најдат голем број луѓе на ограничен простор. Во такви услови, брзината, организираноста и координацијата при евакуацијата се од клучно значење за заштита на човечкиот живот.
Вежбовните активности ги проследи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека превенцијата и подготвеноста се од особено значење, не само при пожари, туку и во сите вонредни ситуации со кои граѓаните можат да се соочат.
„За да можеме да делуваме во било која ситуација, треба да сме свесни и рационално да размислуваме, без паника, туку смирено и разумно да реагираме. Токму оваа вежба за евакуација и противпожарна заштита ќе биде лекција за тоа како да постапуваме“, истакна Коњановски.
Тој упати апел до граѓаните за совесно однесување и внимателност, особено во периодот кога земјата се соочува со зголемен ризик од пожари.
Коњановски нагласи дека Општина Битола продолжува да дава поддршка на активностите насочени кон унапредување на превентивното дејствување, безбедноста и подготвеноста за реакција при пожари и други вонредни ситуации.
На прес-конференцијата градоначалникот информираше и дека во завршна фаза е изградбата на новата противпожарна зграда во поранешната касарна. Новиот објект, како што посочи, ќе ги исполнува потребните стандарди и ќе овозможи поефикасно дејствување на противпожарните служби.




























