„Инвестирај во твојата иднина“, од идеја до реализација, работен состанок за економски напредок на Битола, денеска организираше Општина Битола и Јавното претпријатие индустриска зона „Жабени“ на која учествуваа владини претставници и стопанственици.
Во своето обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски кажа дека и Владата на Македонија и Општина Битола создаваат услови за инвестирање кон создавање подобра иднина за нашата општина, преку реализацијата на
проектите кои се дел од програмите и на централната и на локална власт, а кои се за добробит на граѓаните на нашата Општина и воопшто на овој регион.
„Клучните области, во кои сакаме да ги зголемиме инвестициите, а со тоа и да реализираме повеќе проекти се однесуваат на економскиот развој, патната инфраструктура, животната средина, урбанизмот, спортот и младите, културата и културниот туризам, патната и железничката инфраструктура се многу важни за инвеститорите, а со тоа и за инвестициите кои тука се вложуваат или ќе се вложуваат во иднина. Во оваа прилика како еден од клучните проекти кои се важни за пелагонискиот регион е изградбата на автопатот од Прилеп кон Битола, како и другите делници кои до главниот град ќе овозможат модерно патно поврзување, економично заради побрзото стигнување, а секако и железничката линија која е реконструирана до „Жабени“, односно до самата граница со Република Грција. Сега се прават напори за тоа да се финишира и на другата страна, со што Битола преку железница ќе биде поврзана со Солунското пристаниште“ рече Коњановски.
За странските инвестиции во Македонија и владините мерки за привлекување на домашни и странски инвеститори зборуваше заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, претставувајќи ги програмите на министерството, а кои се однесуваат на бизнис секторот. Рече дека индустриската зона „Жабени“ е успешна приказна која не е гордост само на Битола, туку и на Република Македонија.
Финансиската стабилност и инвестициите се двигатели на регионалниот економски развој, рече заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски кој кажа дека владата реализираше два повици на кои општините добија пари за реализација на голем број проекти и дека во последните две години покажаа значителни резултати кои ја подигнаа не
само локалната туку и националната економија.
Што им треба на домашните инвеститори и кои се предизвиците на стопанството во пелагонискиот регион кажа претседателот на Регионалната стопанска комора Битола, Мирко Велковски, а презентација на индустриската зона „Жабени“ имаше директорот Владо Талевски.
Беше кажано дека во последните години таму има неколку нови инвестиции, а на седум јавни наддавања купени се преку 20 локации. Според директорот на „Жабени“просечната плата за 2025 година во зоната била 49.034 денари, додека во декември ланската година просечната месечна исплатена нето-плата на ниво на Македонија изнесувала 46. 889 денари.
Претседателот на Советот Бојан Бојкоски истакна дека во првите шест месеци од работата на новиот состав на Советот сите оние детални урбанистички планови кои биле закочени во изминатиот состав на Советот, сите се ставени во процедура за да продолжат постапките за нив, а тоа е во интерес на инвеститорите во старата економска зона во Битола.
Секретарот на Општина Битола Борче Димитровски кажа дека сега веќе не се зборува само за бројка на потенцијани инвеститори и желби како сакаме тоа да биде, туку зборуваме за конкретни нови инвестиции кои што ќе работат и ќе функционираат. Димитровски ја спомена и иницијативата на Локалниот економско-социјален совет и за развој на уште една економска зона која што е на патниот правец кон Дихово, од самиот излез на Битола кон потпелистерието.
На форумот присуствуваше и делегација од регионална стопанска комора од соседна Грција.

































