дома блог страница 99

Кривична за 40-годишен прилепчанец во чиј автомобил полицијата пронашла наркотици

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Д.К.(40) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници го затекнале пријавениот во патничко возило „пежо“ на ул.„Браќа Миладиновци“ и при преглед на возилото биле пронајдени и одземени кокаин и амфетамин, информираат од МВР.

Ѕирнете во новото совршенство кое од денеска го добива Прилеп (Фото галерија)

Постојат места кои не се создадени само за кафе, коктел или вечера. Постојат места кои уште на прв поглед оставаат впечаток, а од првиот чекор внатре ве носат во сосема поинаква приказна.

Токму такво е AVRA – Bites & Cocktails, новото ексклузивно гастрономско и lounge катче кое од денеска официјално ги отвора своите врати во Прилеп.

Со внимателно осмислен ентериер, топла атмосфера, современ дизајн и детали кои пленат од секој агол, AVRA е место кое веднаш привлекува внимание. Простор каде што естетиката, удобноста и префинетиот вкус се спојуваат во едно искуство создадено за вистинско уживање.

Од впечатливите светлосни елементи и модерниот lounge амбиент, до внимателно уредената летна тераса која нуди чувство на мир и релаксација, AVRA најавува ново ниво на урбано живеење во градот.

Но, ова е само почетокот. Зад овој уникатен концепт стои амбиција на гостите да им се понуди нешто повеќе од класично излегување, место каде што секое кафе, секој коктел и секоја средба ќе добијат посебна димензија.

Лоциран кај зградата Табана, под фурната Плетварец, AVRA – Bites & Cocktails од денеска започнува нова приказна во Прилеп.

А ако фотографиите изгледаат вака, замислете какво е чувството кога ќе ја доживеете AVRA во живо.

Градот преплавен со диви препродавачи, а ЈКП Пазари не може плата да собере

Прилеп одново е преплавен со диви прематари на земјоделски производи, а Јавното претпријатие “Пазари” одново се мачи да собере средства за да исплати плати на своите вработени.

Претпријатието и пазарџиите кои уредно си плаќаат закуп на тезги во градскиот пазар, се соочуваат со нелојална конкуренција. Продавачи од камиони, паркирани каде ќе стигнат, кои често предизвикуваат непрегледност во сообраќајот низ улиците, печалат на грбот на оние кои редовно ги подмируваат своите давачки кон ЈП Пазари.

Ова е проблем кој со години го мачи Прилеп, никој не вели дека овие луѓе не заслужуваат егзистенција, никој не го напушта домот и по свој ќеиф заминува со месеци да живее во камион, но ред треба да има, а ред ќе се обезбеди со изнаоѓање соодветна локација за сите вакви прематари и соодветен надоместок за користење на просторот, а не кој кај ќе стигне.

Инаку, ЈП Пазари и понатаму кубури со средства, па егзистенцијата на ова јавно претпријатие често зависи од дотации од општинскиот буџет, кои во најголем дел се користат за плати на вработените. Сведоштва од вработени велат дека платите често доцнат и се исплаќаат на рати.

ГОЛЕМО намалување на дизелот од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,84% во однос на одлуката од 26.5.2026 година.

Од полноќ малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 6,50 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 3,238 ден/кг и сега ќе изнесува 47,906 ден/кг.

Од 2.6.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 88,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 90,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 87,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 47,906 (денари/килограм)

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА И ГОДИНАВА ПОДДРЖУВАЧ НА СПОРТСКИ ИГРИ ВЕЛЕС

Видеолотарија Касинос Австрија и годинава ја потврдува својата посветеност кон младите и спортот, преку поддршка на јубилејното петто издание на „Спортски игри Велес 2026“, една од најзначајните младински спортски манифестации во земјава.

Од 1 до 6 јуни, Градскиот парк во Велес повторно ќе биде центар на спортот, дружењето и позитивната енергија. Годинешното издание носи рекордни бројки и големи очекувања, повеќе од 700 натпреварувачи, над 100 странски учесници, како и фудбалска екипа од Турција која ќе настапи во дисциплината мал фудбал.

Особено значајна новина оваа година е воведувањето на категоријата женски фудбал, која уште пред почетокот на игрите го исполни предвидениот капацитет со шест екипи, потврдувајќи го растечкиот интерес на девојките за активно учество во спортот.

Организаторите на спортската младинска манифестација упатија благодарност до Видеолотарија Касинос Австрија за континуираната поддршка во реализацијата на оваа успешна спортска приказна.

Свеченото отворање на „Спортски игри Велес 2026“ е закажано за 1 јуни во 20 часот, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во неколку специјални изненадувања подготвени од организаторите.

Градоначалникот Марко Колев и организаторите упатија заедничка покана до сите велешани и до љубителите на спортот од цела Македонија да бидат дел од овој спортски спектакл, кој одамна ја надмина рамката на обично натпреварување и прерасна во настан што ги обединува младите, спортот, публиката и заедништвото.

Како современа и општествено одговорна компанија, Видеолотарија Касинос Австрија останува посветена на поддршката на спортот и младите таленти. Под слоганот „Играј со најдобрите“, компанијата континуирано инвестира во проекти од областа на спортот, образованието, културата и здравството, создавајќи можности за развој на нови генерации успешни и одговорни граѓани.

РК Прилеп со 10 од 10 – Единствена колективна спортска светла точка во градот, но со мизерни услови за тренинг и натпревари

Ракометарите на Прилеп ставија успешен печат на сезоната во македонската Супер лига, откако во последното коло од плеј-аутот славеа на гостувањето кај Еурофарм Пелистер 2 со 28-24.

Во дуелот на двете најдобро пласирани екипи во плеј-аут фазата, прилепчани уште еднаш покажаа зошто беа најконстантниот и најквалитетен тим во овој дел од натпреварувањето.

Интересно е што и двете полувремиња завршија со ист резултат. Прилеп на одмор замина со предност од 14-12, а со идентични 14-12 го доби и вториот дел за конечна победа од четири голови разлика.

Најефикасен во победничкиот состав беше Димитар Димитриоски со десет погодоци, додека кај битолчани Маркоски и Шулески постигнаа по седум голови.

Со новите два бода, Прилеп на импресивен начин го заврши настапот во плеј-аутот, забележувајќи максимален учинок од десет победи на исто толку одиграни натпревари.

Спортски Прилеп се надева дека следната сезона во Супер лигата, РК Прилеп ќе се врати во спортскиот храм на градот – Универзалната сала, која се’ уште чека на ветувањето на властите за нејзино реконструирање.

Ако Универзлна не се врати во функција, РК Прилеп и следната сезона ќе игра во училишна сала, која воопшто не е соодветна за ракомет од највисок квалитет.

Од крајот на јуни стартува меѓуградскиот воз Прилеп-Битола, цената на повратен билет ќе биде само 150 денари

Меѓуградскиот воз помеѓу Прилеп и Битола ќе почне да сообраќа на крајот на јуни или почетокот на јули, а наскоро се очекува да стартува и карго железничкиот сообраќај кон двата града. Ова денеска, одговарајќи на новинарско прашање, го најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

При посетата на Општина Могила, Николоски истакна дека железницата повторно ќе добие значајна улога и во превозот на патници и во транспортот на стоки.

Според него, воведувањето на железничката линија е резултат на потребата од алтернативен и побрз превоз во периодот кога се реализира изградбата на автопатот Прилеп-Битола.

– Имајќи предвид дека се гради автопатот Прилеп-Битола и дека се користи стариот пат, сметавме дека е добро да се воспостави еден меѓуградски воз. Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата и особено патните премини и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција. Можам да најавам дека на крајот на јуни, почетокот на јули, како што веќе ветивме, ќе биде воспоставена линијата помеѓу Прилеп и Битола, изјави Николоски.

Тој посочи дека возот ќе сообраќа во термини кои најмногу ќе им одговараат на граѓаните, а цената на билетот ќе биде симболична.

-Ќе има меѓуградски воз помеѓу двата града во соодветни термини кои што најмногу ќе одговараат на граѓаните. Ќе биде тоа една симболична цена од 150 денари, за да можат што повеќе граѓани да го користат, рече Николоски.

Министерот најави и скоро почнување на карго железничкиот сообраќај кон Прилеп и Битола, нагласувајќи дека веќе постои сериозен интерес од компании за користење на железничкиот транспорт.

– Во Прилеп веќе има сериозен интерес од неколку компании да ја користат железницата како можност за сообраќај и транспорт. Тоа прво ќе помогне да се намали загадувањето, второ да ги заштитиме патиштата и трето да ја заживееме железницата, истакна Николоски.

Државните институции, потенцира, ги преземаат сите неопходни активности за воспоставување на патничкиот и товарниот железнички сообраќај, а наскоро ќе остане компаниите да ја искористат можноста за транспорт на производи и суровини преку железница и да ги намалат своите трошоци.

БОМБА во КАВАДАРЦИ! Прилепчанец ја однесе Шкендија Арачиново во Прва лига, му одбрани 4 пенали на Пелистер

24-годишниот голман од Прилеп, Антонио Столевски ја однесе Шкендија Арачиново во Првата фудбалска лига на Македонија.

Бараж натпреварот против Пелистер се одигра на стадионот во Кавадарци, а по нерешените 1:1 во регуларните 90 минути, победникот се решаваше преку пенал рулет.

Столевски одбрани дури 4 удари од белата точка и донесе прв историски настап за екипата од Арачиново во Првата лига.

Натпреварот беше вистинска драма, по водството на Шкендија во 53-та минута, Пелистер доби пенал во 66-та кој не го реализираше Ивановски. Шкендија беше на секунди од пласман, кога во осмата минута од судиското продолжение, Петар Петковски со гол со глава донесе изедначување и продолжување на драмата, а потоа на сцена настапи голманот од Прилеп.

Пелистер го напушта елитното фудбалско друштво и наредната сезона ќе игра во Втората фудбалска лига.

Везе Шари македонски бренд со врвен квалитет

Везе Шари (Veze Sharri) е приватна македонско-германска компанија со 51 % домашен (македонски) капитал и 49 % странски (германски) капитал, основана во 2000 година. Компанијата има седиште и главни производствени капацитети во Требош, во близина на Тетово, и функционира како интегриран систем во областа на земјоделството, прехранбената индустрија и обновливите извори на енергија.

Вашите почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна вашата приказна?

Почетоците на Везе Шари се поврзани со јасна визија за развој на примарно земјоделско производство и безбедна храна за човечка употреба. Првичната инвестиција беше насочена кон производство на 25.000 јајца дневно, што претставуваше основа за понатамошен раст и диверзификација. Со текот на времето, компанијата го прошири своето работење од живинарство кон месната индустрија и обновливите извори на енергија, развивајќи интегриран модел што ги поврзува земјоделството, преработката и енергетиката. Овој постепен и стратешки пристап овозможи стабилен развој, заснован на квалитет, дисциплина и долгорочна ориентација.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?

Во почетокот, компанијата се соочи со предизвици поврзани со пазарните услови, високите барања за квалитет и потребата за градење доверба. Овие пречки беа надминати преку јасни вредности, конзистентно лидерство и континуирано потпирање и инвестирање во сопствени капацитети и знаења, што овозможи стабилен развој и долгорочна одржливост.

Успеси и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?

Везе Шари е еден од најголемите производители на свежи јајца во земјата, со годишно производство од над 34 милиони јајца и развиена сопствена дистрибутивна мрежа. Компанијата работи согласно ISO 22000:2018, ISO 14001:2015, HACCP и HALAL стандарди, а производите се дел од синџирот на снабдување за домашни и меѓународни пазари, вклучително и структури поврзани со НАТО.

Компанијата придонесува за економијата и заедницата преку домашно производство, вработување и одговорно управување со ресурсите, додека купувачите реагираат со високо ниво на доверба и лојалност.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како вашата работа придонесува за локалната заедница?

Везе Шари ја комбинира локалната земјоделска традиција со современи европски технологии и строги меѓународни стандарди за квалитет. Преку интегриран модел што ги поврзува земјоделството, преработката и обновливата енергија, компанијата применува ESG принципи преку одговорно управување со животната средина, етички деловни практики и грижа за вработените и заедницата.

Компанијата придонесува за локалната заедница преку вработување, соработка со локални добавувачи, користење обновливи извори на енергија, правилен третман на нуспроизводи и поддршка на општествени и еколошки иницијативи, со што активно придонесува кон одржлив развој.

Поглед кон иднината – Кои се вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?

Плановите на компанијата се насочени кон понатамошно унапредување на производствените капацитети, зголемување на ефикасноста, јакнење на одржливите енергетски решенија и придонес кон унапредување на пазарната економија преку конкурентно и одговорно работење.

За уште поголем успех, потребни се стабилни и долгорочни политики за поддршка на домашното производство, фер пазарни услови и предвидлива деловна регулатива.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?

На младите им порачуваме дека земјоделството и прехранбената индустрија имаат иднина кога се водат професионално и одговорно. На потрошувачите им апелираме да избираат домашни производи и со тоа да го поддржат квалитетот и локалната економија.

Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?

Кампањата „Македонско најдобро“е значајна иницијатива за промоција на домашното производство и градење доверба кај потрошувачите, со посебен фокус на поддршка на домашното производство и производителите што имплементираат високи стандарди.

Во иднина, посакуваме континуирана поддршка и поголема видливост за производителите кои работат согласно најдобрите практики за квалитет и одржливост.

МВР им поднесе кривична пријава на младите битолчани кои разоткрија педофили и јавно ги објавија

MВР поднесе кривична пријава за 6 млади битолчани, кои како членови на така наречната група “Пантери”, минатата година разоткрија повеќе педофили во Битола. Дечките се претставувале преку лажен профил на социјалните мрежи како 14-годишна малолетничка, а тоа што возрасни мажи се согласувале на средба со наводната девојка, и кои јавно ги разоткрија пред целата јавност, им донесе кривична пријава.

Во полицискиот билтен на МВР денеска стои:

-СВР Битола поднесе кривична пријава против Н. Р. (22), М. И. (19), О. Н. (19), Л. Г. (19), А. Д. В. (18) и 15-годишник, сите од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“. Во период од февруари 2025, пријавените, дејствувајќи организирано како група, преку креирани профили на социјални мрежи користеле лажен профил преку кој се претставувале како 14-годишна малолетничка и воспоставувале комуникација со машки лица, по што договарале средби на повеќе локации на подрачјето на Битола. По пристигнување на договорените локации, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да даваат изјави дека се „педофили“, а создадените видео записи и нивните лични податоци биле јавно објавувани на социјални мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, понижување и загрозување на нивната сигурност.